![]()
Отец Хараламбос (Ливиос) Пападопулос
Секојдневно носиме многу и различни маски. Играме многу улоги, до таа мера што на крајот го губиме допирот со нашето вистинско „јас“ и со нашите суштински, вистински потреби.
Создаваме лажно јас, кое има лажни потреби.
И ако оваа игра на улоги и моќ може да ни помогне да преживееме во џунглата на секојдневието, воопшто не ни помага да живееме во радоста на Божјото блаженство.
Не ни помага да Го запознаеме Бога. Зашто Бог, како целосна и вистинска Личност, го бара недопреното и автентично парче од нашето битие за да се сретне со него.
Ќе ми речете: „Но кој човек е целосно вистинит?“ Никој. Тоа е вистината. Ниту еден човек не е потполно целосен. Ние сме недостаточни, слаби, грешни — како што вели Црквата.
Така се толкува суштината на зборот од Светото Писмо, кога вели дека човекот е грешен дури и ако поживее само еден ден. Односно, тој е ранет, повреден, слаб и непотполн. А која е неговата рана?

Смртта, распарченоста — тоа што сме во парчиња. Не ги слушајте сите оние што го обвинуваат животот на луѓето, сакајќи да го изопачат значењето на гревот како кривичен престап што повлекува небесна казна.
Тоа нема никаква врска со православното богословско предание, кое јасно во гревот гледа егзистенцијално промашување, слабост и рана на која ѝ е потребно исцеление, а не судница.
Затоа добриот Бог, во Својот план и промисла, за да нè доведе до средба со нашето подлабоко јас, кое живее и постои под десетиците наши маски, ги допушта — но никогаш не ги создава — искушенијата и испитите.
Односно, допушта да се соочиме со последиците од нашите избори или од изборите на некои други. Зашто човечката природа, како заедничка, влијае врз животот на другите и е под влијание од него.
Злото може да дојде од мене кон самиот мене, но и од другиот кон мене, или од мене кон другиот. Може да дојде и од ѓаволот.
Бог никогаш не е причина за злото. Тоа добро да го всадиме во нашиот ум, за да не потклекнуваме на искушенијата на богоклеветење.
Некој сега ќе праша: зошто Бог ги допушта испитите и искушенијата? Токму за да нè доведе до нашата вистина. До нашиот вистински идентитет.
А за тоа да се случи, треба да се урнат заблудите. Да се скршат излозите на егото. Да се извалка нашата слика за себе и да распукаат тврдите ѕидови на нашиот егоизам.
Кога имаш толку тврда површина, кажи ми искрено, како ќе влезе Божјата светлина? Скрши се, распукај се и освети се.
Радувај се кога паѓаш и се кршиш, кога сè старо и лажно во тебе скапува, зашто само во скапаноста на вчерашното расцветува Божјото утре.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев