Воздржание во бракот

Spread the love

Loading

Што би рекол свети Порфириј?

Една побожна брачна двојка, многу љубена и сложна, која веќе имаше шест деца, и тоа родени во мал временски период едно по друго, сопругата — мајка му предложи на сопругот да останат на шест деца, практикувајќи воздржание.

„Доволни ни се“, рече таа, „шест деца, и отсега да живееме воздржано“.

Сопругот со мир и прибраност ја ислуша својата скромна сопруга, но се воздржа да не се согласи веднаш. Веруваше дека за една таква сериозна и деликатна тема првиот збор го има нивниот духовник, кој, за среќа, беше старец Порфириј.

„Пред секој разговор, а особено пред одлука за ова прашање“, ѝ рече сопругот на својата сопатничка, „треба да се посоветуваме со старецот“.

Затоа го посетија старецот, а темата најпрво ја постави сопругата, велејќи буквално:

— Како што знаете, старче, имаме шест деца и рековме да останеме на нив, практикувајќи отсега воздржание.

Тогаш побара збор сопругот, кој беше и благороден и внимателен, за најпрво да го објасни само зборот „рековме“.

— Со ваш благослов, Старче, да направам едно појаснување.

И свртувајќи се кон сопругата, рече:

— Прости ми, но рече „рековме“, а требаше да речеш „реков“. Тоа е твое мислење, бидејќи јас сè уште не го кажав своето мислење, туку ја предложив оваа средба и разговор со Старецот.

Старецот се насмевна и ѝ рече на многудетната и љубена брачна двојка:

— „Проблемот не е воздржанието. Проблемот е што ќе ја повредите вашата љубов. Ѓаволот ќе внесе толку многу негодување меѓу вас, што и за најмала работа ќе се нервирате и ќе се карате, а тоа ќе влијае и врз вашите деца. Затоа добро е повеќе да размислите за ова прашање и да се молите, па Бог ќе ви ја покаже Својата волја.

Телесната љубов во бракот ѝ помага на духовната. Тешко е да ти го објаснам тоа. Но во бракот телесната љубов станува духовна, се преобразува. Не можам точно да ти го формулирам тоа. Малку по малку, брачната двојка многу се соединува и преку телесната љубов и преку духовната; напредува кон духовната, и на крај останува таа — духовната — и веќе нема потреба од телесната.

Но за да се случи тоа, треба многу да напредува во духовното. Телесната љубов не е само за раѓање деца. Таа ѝ помага на духовната љубов. Но само во бракот, со благословот и благодатта Божја.

Врската надвор од бракот по кратко време се менува и станува мака. Ги збунува и ги измачува луѓето…

Додека секој ја изградува својата личност, тие напредуваат, работат, создаваат и се соединуваат. И едниот полудува од љубов за другиот, без да зборуваат. Нешто слично, да речеме, се случува и со Бога. Но само многу малку личи“.

А. Костаку,
„Разговарајќи со старец Порфириј“, стр. 118–119.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!