![]()
Отец Хараламбос (Ливиос) Пападопулос
Не треба да живееш во вознемиреност и страв.
Не си овде случајно. Некој те возљубил уште пред да се родиш и посакал да дојдеш во постоење. Да постоиш — сега и во вечноста. Никогаш нема да умреш, затоа што Христос умре и воскресна за тебе.
Само неколку години ќе треба да влезеш во просторот и времето, за да го научиш она што ти е потребно за големото патување во Светлината Божја.
Ќе носиш улоги, но тие нема да бидеш ти.
Ќе ти дадат име и број, но тоа нема да бидеш ти.
Ќе научиш работа и ќе живееш некаде таму на земјата, но тоа нема да бидеш ти.
Можеби ќе страдаш и ќе бидеш ранет, но тоа нема да бидеш ти.
Можеби ќе се задушуваш во грижи и обврски земни, во вознемиреност и страв, но тоа нема да бидеш ти.
Зашто ти не си твоите улоги, ниту ознаката што ти ја ставиле, ниту етикетата што ти ја закачиле на челото. Ти си светлина, икона Божја; во тебе живее Христос, ти си Негово чедо.

Во себе отсекогаш си бил добро, мирен и спокоен, но стравот и раните не ти дозволиле да го почувствуваш и разбереш тоа: дека ти не си она што другите го кажале за тебе, туку она што Бог го избрал — вечно Негов/а.
Треба да разбереш, да почувствуваш и да осетиш кој си/која си; да Му се довериш на Бога, и тогаш нема потреба да се грижиш за ништо. Тој те држи во прегратка, иако ти мислиш дека одиш сам.
Овој свет е дело Божјо. Животот во кој дојде никогаш нема да заврши. Започнал, но нема крај, затоа што така посакал Тој.
Почни да им се радуваш на радостите на животот — тие се дар. Не плаши се од тагите — тие се лекции. Не ужаснувај се од смртта — таа е премин.
Почувствувај го она што навистина си. Верувај во Бога, Кој сонува во тебе и те сака радосен.
Мирот е во тебе. Љубовта е во тебе. Не треба да одиш никаде за да Го најдеш Бога, затоа што Тој е во тебе.
„Скалата што води кон рајот е во твоето срце“, вели свети Исаак Сириски.
Оди по неа. Не брзај. Скала по скала, полека, тивко и кротко. Никој не те гони, никој не ти се заканува и не те плаши. Тоа е твојата скала, тоа е патот кон Небото. Христос те чека на нејзиниот крај, исполнет со Светлина и радост.
Не треба да одиш на небесата за да Го најдеш — Тој дојде на земјата. Не треба да бараш на друго место за да се сретнете. Тој живее во тебе, живее во твојот брат, живее во Својата Црква, која е целата Вселена. Погледни во себе и вдиши од здивот Божји што дише во твојата душа. Тој бил, е и секогаш ќе биде таму; погрижи се само ти да не отсуствуваш.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев