Како раката на свети Јован стигнала до Цетиње

Spread the love

Loading

Раката на Јован Крстител од Антиохија во IV век била донесена во Цариград. Била пречекана свечено, со псалми и песни. Нејзиното последно скривалиште било во Света Софија.

Во тоа време од раката биле одвоени два прста. Едниот денес се наоѓа во Отоманскиот музеј во Истанбул. Другиот е во Сиена, а интересно е што на кивотот во кој се чува стои натпис на српски: „Десницо на Јован Претечата, спомни ме мене, Сава, архиепископот српски!“

Свети Сава го добил вториот прст во 1219 година и го положил во манастирот Жича. Подоцна бил чуван во Печката патријаршија до 1458 година. Елена, жената на деспот Лазар, го однела во Мореја — Пелопонез. Набргу бил сокриен во Италија, во Сиена, во храмот на Света Марија.

Раката останала во Цариград и по падот под Османлиите во 1453 година. Султанот Бајазит Втори во 1484 година му ја подарил на островот Родос. Сулејман Први во 1522 година го освоил тој остров, а реликвијата била однесена на Малта, каде што почивала 250 години, сè додека Наполеон не го освоил островот во 1798 година.

Рускиот цар Павле Први во 1799 година ја добил светата рака и ја сместил во Зимскиот дворец. Таму се наоѓала до 1917 година, кога мајката на последниот руски цар Николај Втори ја однела раката во родната Данска. Таму, во договор со киевскиот митрополит, решила да ја подари раката на династијата Караѓорѓевиќ, како знак на благодарност за прифаќањето на десетици илјади руски бегалци. Така таа се нашла во Сремски Карловци, а подоцна реликвијата била чувана во ризницата на црквата при дворот на Дедиње.

По бомбардирањето на Белград, кралот Петар Втори Караѓорѓевиќ, при повлекувањето, ја понел раката и ја сокрил во Острог, каде што таа ја поминала војната.

Во една полициска рација во 1952 година раката ѝ била одземена на Црквата и била донесена во Подгорица, а потоа во Белград. Таму се наоѓала во државниот трезор сè до 1978 година. Тогаш била подарена на манастирот на Свети Петар на Цетиње, каде што се наоѓа и денес.

Десницата на свети Јован првпат била изнесена пред народот на Иванден во 1993 година. Интересно е што во 2006 година била дадена во Русија на 40 дена. Била во најголемите руски градови, а потоа неколку дена поминала и во Киев.

Јован Крстител зазема посебно место меѓу евангелските личности што биле покрај Христос — како по начинот на доаѓање на свет, така и по начинот на живот, улогата во крштевањето на Исус и по својот трагичен крај.

Од сите други пророци, свети Јован особено се разликува по тоа што, според преданието, ја имал таа среќа со рака да Му Го покаже на светот „Оној за Кого пророкувал“. За раката на свети Јован се раскажува дека секоја година, на денот на светителот, архиерејот ја изнесувал пред народот. Понекогаш таа рака се појавувала раширена, а понекогаш згрчена. Во првиот случај означувала родна и изобилна година, а во вториот неродна и гладна.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!