![]()
„Остави ги луѓето кои не се подготвени да те сакаат. Тоа е најтешкото нешто што ќе треба да го направиш во својот живот, но ќе биде и најважното.
Престани да водиш тешки разговори со луѓе кои не сакаат да се променат. Престани да се појавуваш за луѓе кои не се заинтересирани за твоето присуство.
Знам дека твојот инстинкт е да направиш сè што можеш за да ја заслужиш почитта на луѓето околу тебе, но тоа е порив што ти го краде времето, енергијата, душевното и телесното здравје.
Кога ќе почнеш да се бориш за живот исполнет со радост, интерес и посветеност, нема сите да бидат подготвени да те следат на тоа место. Тоа не значи дека треба да го промениш она што си, туку дека треба да ги пуштиш луѓето кои не се подготвени да дојдат со тебе.
Ако си навреден, заборавен или игнориран од луѓето на кои им го даваш своето време, не си правиш услуга ако продолжиш да им ја даваш својата енергија и својот живот.
Вистината е дека ти не си за секого, и не е секој за тебе.
Токму тоа го прави толку посебно наоѓањето луѓе со кои имаш вистинско пријателство, или кога љубовта е возвратена.
Колку повеќе време трошиш обидувајќи се да сакаш некого што не го заслужува тоа, толку повеќе време губиш, лишувајќи се себеси од можноста за таква поврзаност со некој друг.
На оваа планета има милијарди луѓе, и многумина од нив ќе те сретнат на нивото на интерес и посветеност што го посакуваш.
Колку повеќе остануваш вплеткан со луѓе кои те користат како перница, резервна опција или терапевт за нивното емоционално исцелување, толку повеќе остануваш далеку од заедницата што ја посакуваш.
Можеби, ако престанеш да се појавуваш, нема да те бараат. Можеби, ако престанеш да се трудиш, врската ќе заврши. Можеби, ако престанеш да праќаш пораки, твојот телефон ќе остане темен со недели.

Тоа не значи дека си ја уништил врската. Тоа значи дека единственото нешто што ја држело била енергијата што само ти си ја давал за да ја одржиш. Тоа НЕ е ЉУБОВ, тоа е приврзаност…
Или, пак, ИНТЕРЕС е кога сакаш да им дадеш шанса на оние што не ја заслужуваат! Ти вредиш многу. Постојат луѓе кои не би требало да постојат во твојот живот — ќе го забележиш тоа.
Највредното нешто што го имаш во животот се твоето време и твојата енергија, бидејќи и двете се ограничени. Она на што ќе ги дадеш времето и енергијата ќе го одреди твоето постоење.
Кога ќе го сфатиш ова, почнуваш да разбираш зошто си толку вознемирен кога поминуваш време со луѓе, во активности, на места или во ситуации што не ти одговараат и не треба да бидат околу тебе — тие ти ја крадат енергијата.
Направи го својот живот сигурно прибежиште, во кое ќе бидат дозволени само „сродни“ луѓе покрај тебе.
Не си одговорен да спасиш никого. Не си одговорен да ги убедиш да станат подобри. Не е твоја работа да постоиш за луѓето и да им го даваш својот живот!
Твојата единствена обврска е да сфатиш дека си господар на својата судбина и да ја прифатиш љубовта за која веруваш дека ја заслужуваш.
Одлучи дека заслужуваш вистинско пријателство, вистинска посветеност и целосна љубов со здрави и благословени луѓе.
Потоа почекај и види колку сè ќе почне да се менува — и ќе се промени, тоа е сигурно. Ќе дојдат луѓе со позитивна и добра енергија.
Не троши време со луѓе кои не вредат. Промената ќе ти донесе љубов, почит, среќа и заштита на местото што ти припаѓа“.
(Текст на Бријана Вист, кој стана попознат и актуелен преку Ентони Хопкинс.)
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев