Да среќаваме Божји луѓе за да добиваме сила

Spread the love

Loading

Пред некој ден се сретнав со еден јеромонах, искусен и побелен. Отидов околу осум часот навечер и заминав во дванаесет, но чувствував како да сум седел со него само малку.

Луѓето што живееле во манастири создаваат неверојатна блискост. Еднаш ми се случи да одам во манастирот на Свети Сергиј и Вакх во либанската пустина. На едно друго патување — во манастирот на Свети Јован Жетвар во Јужна Италија. Неколку пати и на Света Гора, во манастирот Свети Павле и во Новиот Скит. Чувството беше исто.

Монасите си личат еден на друг. Не е до облеката, ниту до брадите, ниту до косата. Има врска со начинот на однесување и со погледот. Кога те јаде вознемиреноста, твојот поглед изгледа исплашен. Да ги погледнеме лицата на другите на автобуската постојка… Монасите немаат грижа, затоа што учат да се доверуваат. И тоа блеска на нивните лица. Впрочем, довербата во себе ја крие верата.

Познавам еден старец кој живее со двајца свои послушници. Имаат една градина, неколку маслинки за кои се грижат и неколку кокошки за јајца. Јадат колку што Бог ќе благослови. „Што даде денес градината? Тоа ќе јадеме“. И сите се среќни. Еден од нив, пак — кој кога бил во светот живеел во Егзархија (анархистичка населба во Атина) и бил басист во една група — оваа година полни дваесет и пет години во расо, и од своето замонашување до денес нема допрено паричник. Благословил ли Бог? Имаме. Не благословил ли? Немаме. Апсолутната слобода е да не зависиш од никого, односно да бидеш слободен во сè.

Често ги слушаш монасите како зборуваат за поранешни калуѓери како да зборуваат за некој човек што живее сега, иако можеби тие се упокоиле пред сто години. Монасите немаат чувство за нашето време. Време на Црквата е сегашноста. Сè се случува во „сега“, кое се преобразува во „секогаш“, а тоа, пак, во вековите на вековите…

Одиш во скитовите на Света Гора и светителот на секоја ќелија е како да живее заедно со отците. Кога, на пример, една ќелија празнува, тоа е празник за целиот скит. Светителот е присутен. Ако некој не бил на таква светогорска слава, тешко ќе разбере. Светителот е таму — од чорбата со кромид во кујната до стиховите на псалтирот, и од метењето на дворот до „Сила“ (динамис) на Литургијата.

Добро е да среќаваме такви луѓе. Не од што мораме да отидеме и да се затвориме во манастир, туку за да добиваме сила. Одиш кај таков човек, седнуваш малку и чувствуваш како батериите ти се полнат. И тука, во Атина, а и малку подалеку, има многу духовни луѓе, па затоа можеме да имаме полза.

(Архимандрит) Јасон Кесен

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!