![]()
Отец Василиј Термос
Поредокот на една Црква во која безбрачните клирици претстојат пред брачните, не му дозволува на непристрасниот набљудувач да помине покрај тоа без да се запраша за богословието што се применува. Досега се фалевме во Православната Црква со расудувањето и слободата што ги има, за разлика од Римокатоличката, која уште од доста рано го наметна задолжителното безбрачие, заробена од еден прикриен — а понекогаш и отворен — пуританизам. Но, изгледа дека позајмувањата и влијанијата не се секогаш видливи.
Погрешните богословски ставови и мислења не е доволно да се осудуваат само на ниво на поединци. Треба да се забележуваат и разобличуваат и на ниво на Црквата. Не нè интересира само личностите да не грешат; нè засега и Црквата да не греши — од својата човечка страна. Во таа перспектива, расудувањето на светите канони може и треба да се примени и на заедничко ниво:
„Третиот канон на Соборот во Гангра: ,Ако некој од оние што практикуваат девственост заради Господа се гордее над брачните, нека биде анатема‘“.
Општото доделување одликувања на безбрачните, како тие по дефиниција да претставуваат пример, како и давањето предност пред брачните, подразбира јасно потценување на бракот — не мора да е како лично мислење, иако тоа, секако, не е ретко меѓу безбрачните — туку како црковен став. „Возгордеаноста“ овде е заедничка, а гревот е институционален.

„Поделбата на свештеничкото тело според критериумите на бракот или безбрачноста на клириците, со вонцрковен, противканонски, стерилно-правнички и пиетистички дух, е една од современите ,внатрешни ереси‘, кои го разградуваат, ослабуваат и измачуваат телото на денешната Грчка Црква“ — Евангелос Пахијанакис.
Безбрачноста не претставува гаранција за духовност, ниту бракот на клириците се поднесува „по икономија“. Овие гледишта се развиле на Запад уште од IV век, а Црквата ги отфрлила на Првиот вселенски собор. Потоа, под влијание на пуританизмот на Августин, најзначајниот духовен водач на Западна Европа, била институционализирана задолжителната безбрачност на клириците. Православната Црква никогаш не го прифатила тоа, но изгледа дека вината околу сексуалноста е толку силна што прикриено и приспособливо навлегува, кристализирајќи нови облици на пуританизам.
Навистина, денес многумина безбрачни клирици ги чувствуваат брачните како свештеници од „втор ред“. Несреќата е во тоа што нивните ставови се пренесуваат врз оние што се исповедаат кај нив, така што кај брачните се создаваат конфликтни состојби во однос на љубовта и сексуалноста, а кај идните безбрачни — клирици или монаси — се продолжува гордоста поради нивниот избор и презирот кон бракот. А кога не станува збор за потценување на бракот, многу често зад тоа се крие завист, па предноста доаѓа како одмазда и надомест за лишувањето…
Интересно е што самиот монашки живот никогаш не барал првенство, останувајќи доследен на аскетскиот дух на смирението. Првенството го востановуваат епископите од XIX и XX век, кои, според она што го знаеме и со малку исклучоци, не можат да се сметаат за монаси по дух, туку повеќе за државни службеници.
Напротив, денес во светогорските општожителни манастири јеромонасите не стануваат архимандрити, а на сослужувањата им даваат првенство на парохиските клирици по игуменот. Сметаме дека е особено вредно за внимание тоа што вековната практика на првенството на протоерејот не била востановена од брачни свештеници, па да се смета за колективна, туку нејзин гарант било телото на епископите, кои уште од V век биле неженети! Изгледа дека тогаш црковната самосвест функционирала поискрено.
Одликувањата на презвитерите
Една студија за историјата и пастирската психологија
Издание: Акритас, 1999
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев