![]()
Отец Василиј Термос
Една госпоѓа, која доаѓала редовно на исповед, се жалела дека нејзиниот маж бил груб, крут и често ја навредувал Црквата и нејзините свештеници. Отец Анастасиј (Космопулос) внимателно ја слушал, а кога таа завршила, ѝ рекол:
„Значи, отсега па натаму — крај со вечерните богослужби, молебните и бденијата. Повеќе ќе се грижиш за мажот и за домот. Секогаш ќе му го имаш подготвено јадењето и кошулата испеглана. Во неделите прво ќе подготвиш сè, па потоа ќе дојдеш во црква — не од Шестопсалмието, туку од Славословието“.
Госпоѓата се спротивставила, но старецот останал непопустлив и додал:
„Еден од овие денови ќе го посетам твојот маж за да го запознаам“.
Тогаш нејзините приговори станале уште посилни; ја загрижувало, гледате, дека мажот ќе го навредува свештеникот. Но отец Анастасиј не се плашел од такви работи.
„Слушнав дека имаш нешто против поповите“, му рекол право в лице на господинот, оној ден кога отишол во нивниот дом.

И додека човекот уште се соземал од изненадувањето и се подготвувал да ги каже вообичаените оправдувања, снаодливиот свештеник додал:
„И јас имам нешто против тие што си играат со Бога“.
Тогаш господинот сосема се збунил. Отец Анастасиј тоа попладне останал со него долго време. Потоа дошол и друг ден, па уште еден. Знаел да ги открие искрените Божји луѓе и да ги придобие.
Атанасиј Котадакис,
„Синаксар на дваесеттиот век“, издание Тинос, 1972.
*
Познато е дека примерите на добродетелта не се даваат за слепо и нерасудливо копирање, туку за проучување на нивниот дух. Впрочем, за некој пастир да ги нарече другите клирици општо „оние што си играат со Бога“, и тоа да биде пастирски делотворно, треба навистина и да верува во тоа. Односно, треба да се наоѓа во покајание. Инаку, станува збор за популизам.
Зборувајќи за духот на овој малку образован клирик, го издвојуваме следново:
а) наспроти секоја одбранбена еснафска свест, тој верувал дека мнозинството клирици не одговара на својата мисија;
б) зад површината на негативизмот ја препознавал приемчивоста на образот Божји;
в) одбивал да прифати дека побожен е оној што се однесува според стереотипите на побожноста, често дури и за да го прикаже другиот — па дури и својот сопружник — како непобожен;
г) добро знаел дека посветеноста на Бога минува низ обичните, секојдневни пројави на љубов кон другиот;
д) не бил заинтересиран да има уште една верна следбеничка покрај себе, туку уште еден брачен пар во слога.
Со неколку зборови, без некаква теоретска богословска подготовка, можел да распознае која е вистинската црковна самосвест и со смелост да се бори за нејзиното утврдување.
Овој старец во средиштето на својата желба не го имал поткрепувањето на сопствената положба според критериуми на власт, туку самиот поим на Црквата како вистина и љубов. Својот идентитет како пастир го црпел од духовниот напредок на луѓето — нешто што носи вистинска радост — за разлика од создавањето многубројна црковна публика или следбеници, што носи само нарцисоидно задоволство.
За него Црквата била врска меѓу двајца луѓе, а не структура на која, наводно, ѝ треба зајакнување.
Болката на телото Христово
Издание: Акритас, 2009.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев