![]()
Петар Мамонов, актер
Во еден манастир дошол свети Серафим Саровски. Поживеал таму околу две недели. И монасите го прашале:
„Кој во нашиот манастир ќе се спаси?“
А тој одеднаш им одговорил:
„Готвачот“.
А готвачот бил многу раздразлив човек, сите ги мразел, постојано негодувал. Сè му загорувало, и воопшто, да се разговара со него било просто невозможно.

И монасите многу се зачудиле: „Како тоа?“
А Серафим Саровски рекол:
„Знаете ли колку е зол? Да беше по негова волја, ќе ве убиеше сите вас. Но тој трпи“.
Разбирате во што е работата?
Работата е во тоа што кај готвачот има растојание. А меѓу што и што? Меѓу тоа каков е и каков би можел да биде без Бога.
Ако постои тоа растојание, значи работата оди напред. Суштината е токму во тоа растојание: што сме ние и што, со Божја помош, можеме барем малку да подобриме во себе.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев