![]()
Отец Хараламбос Пападопулос
Гледаш луѓе со страсти и гревови, со грешки и падови, и штом само малку ќе се свртат кон Христос, вкусуваат големи радости и благослови од Духот.
А од друга страна, гледаш луѓе кои со години, можеби уште од деца, се во просторот на Црквата, а нивниот живот е без вкус и без боја од искуството на Бога и од сладоста на благодатта.
Тогаш неизбежно во тебе се раѓаат прашања: „Но, зошто? Што ли е причината?“
Одговорот го добив една убава ноќ, во една ќелија на Света Гора.

„Старче…“, прашав, „зошто Бог ги облагодатува луѓето кои не се толку подвижнички настроени и бестрасни, а други, со многу борба и духовен труд, ги остава со години во подвигот?“
„Но, зошто, благословен човеку? Затоа што тие се чувствуваат самозадоволни. Чувствуваат дека сè прават правилно и совршено. Нивниот најголем грев е нивната ,добродетел‘…
Правила, закони, стравови, вина, обврски, опсесии, зачувување по секоја цена на нашиот имиџ и профил, самооправдување и чувства на духовни достигнувања — не му оставаат никаков простор на Бога да дојде. Тие изградиле цврста тврдина на ,јас‘-от (егото).
Бог бара простор за да дојде;
Светлината бара една пукнатина за да ја изгони темнината…“
Луѓето на благодатта имаат пукнатини.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев