Волкот монах

Spread the love

Loading

Зошто воцрковените луѓе се однесуваат не сосема така како што им прилега на христијаните (учествуваат во озборувања, интриги, пречат на молитвата во храмот)? Дали тоа значи дека грешната природа на секој од нас победува во човекот? И како да се однесуваме со такви луѓе, особено во храмот?

Одговара протоереј Максим Первозвански

Колку би било добро ако човек се крсти, почне да оди во црква, и веднаш да стане светител! Ми текнува на една прекрасна анегдота што ми ја раскажа покојниот владика Алексиј, за тоа како волкот станал монах. Да потсетиме дека монах не е само воцрковен човек, туку оној кој е повикан во својот живот да го пројавува највисокиот идеал на христијанинот.

Значи, волкот станал монах и тргнал да бара прошка од сите. Доаѓа кај зајаците и вели:
– Зајаци, простете ми, ве молам, многу од вашиот род изедов, виновен сум!

Зајаците му простиле и тој продолжил понатаму. Доаѓа кај овците:
– И вие, овци, простете ми! Сешто се случувало… и дедо ви го изедов, и уште некого… Сега сум воцрковен, монах сум. Повеќе нема така да правам!

Овците му простиле.

Волкот продолжил понатаму, доаѓа кај гуската и вели:
– Гуско! Прости ми, те молам, мене грешниот!

А гуската му одговара:
– Шшш!

Волкот пак моли:
– Гуско, прости! Навистина повеќе нема! Па гледаш дека сега сум монах.

А гуската пак:
– Шшш!

Волкот се налутил и ја изел. Животните прашуваат:
– Што направи, волку? Па ти сега си монах! Како да го разбереме тоа?!

А волкот одговара:
– А што шушка против светител?!

Кога стануваме христијани, кога примаме монаштво или дури и велика схима, човекот не се менува автоматски. Затоа покојниот архимандрит Зосима Сокур поучувал: „Никогаш не вели ,јас сум православен‘, туку вели ,се трудам да бидам православен‘“.

Тоа не значи дека не треба да се нарекуваме православни. Да, велиме дека сме православни, се исповедаме како православни христијани, но проблемите што стојат пред нас не исчезнуваат. Божјата благодат ја добиваме како помош во борбата со страстите само ако и самите навистина, со сите сили, се стремиме да станеме подобри, почисти и сакаме да Му се приближиме на Господ.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!