Евангелието и каноните

Spread the love

Loading

Свештеник Јани Мулев

Раѓањето и животот на нашиот Господ Исус Христос е опишан во Новиот Завет, особено во Четвороевангелието, како и неговите дела, чуда и поуки. Тоа е основа на верата и според тоа е устроен животот во Црквата. Светото Евангелие се чита речиси на сите богослужби и молитвословија, а особено на Светата Литургија која е составена врз основа на евангелските описи. Кога зборуваме за Евангелието, Крстот, Црквата – секогаш истовремено мислиме и зборуваме за Христос Господ. Нема Евангелие без или надвор од Христос, почитта кон Крстот се однесува на Христос, а Црквата е продолжен Христос низ вековите. Светото Евангелие секогаш стои на светиот престол во олтарот, каде што служиме Литургија, под него се наоѓа антиминсот – четириаголно платно на кое е изобразено погребението на Христос, и во кое има вшиено свети мошти од маченик, а исто така мошти од маченик има вградено и во престолот. Врз отворениот антиминс, веднаш под Евангелието се служи Божествената Литургија. Зошто е тоа така? За да ни биде јасно дека нашиот живот треба да го устројуваме според Светото Евангелие, и ако се потрудиме во тој подвиг тогаш може да се причестуваме редовно со Телото и Крвта Христови, а како последица од нашиот духовен подвижничко-литургиски живот треба од нас да се добијат свети мошти, односно, да станеме светители. Тоа е нашиот небесен призив, тоа е целта на нашиот живот.

При ракополагање на епископ, кандидатот клекнува на колена пред светиот престол во олтарот, а поглаварот и сите присутни архиереи го отвораат Светото Евангелие врз главата на новиот епископ, бидејќи Евангелието е Самиот Христос, што значи дека, новиот епископ треба да добива благодатно вдахновение од Светото Евангелие, според него да живее, дејствува, размислува, според него треба да ги донесува сите одлуки. 

Од друга страна ги имаме светите канони, кои многу често ги спомнуваме во црковните дискусии и меѓуцрковните односи. Поимот канон означува инструмент за мерење, она што дава правец, насока, оттаму доаѓа и поимот правило, она што ни го поправа, исправа патот. Тоа се еден вид сообраќајни знаци на патот. Свештените канони биле донесени за да се поправат некои аномалии и искривувања во животот на Црквата. Бидејќи каноните биле донесувани и толкувани од свети луѓе, од оние кои достигнале просветление и обожение од благодатта на Светиот Дух, такви треба да бидат и оние кои сакаат да ги применуваат и толкуваат каноните. Присуството на благодатта Божја е гаранција дека некој правилно ги сфаќа и толкува каноните.

Има еден сличен збор „то канони“, што на грчки значи топ. Имено, доколку каноните паднат во рацете на луѓе непросветлени, необожени, односно во рацете на луѓе острастени од завист, омраза, гнев, одмаздољубивост, тогаш каноните од правила се претвораат во топови за уништување на човечки судбини. Во Црквата секогаш на прво место е Светото Евангелие, Зборот Божји и преку Евангелието треба да се толкуваат каноните. Ако беа каноните на прво место, зошто тогаш при ракополагање на епископ врз неговата глава се става отворено Евангелието?

Евангелието на прво место, тоа значи дека, ако кај мене на исповед дојде некој верник, и ми исповеда дека убил човек, ако одам според каноните, тогаш треба да му забранам да се причестува 20 години, и прашање е дали тој човек ќе доживее толку години. Но, правилно е најпрво да го отворам Евангелието и во него да барам решение. Па така, ќе размислам и ќе сфатам дека, тоа што јас не сум убил човек, не е затоа што сум многу голем верник и многу силен духовно, туку затоа што Бог ме сочувал со својата благодат. Убиството не е само со пушка, туку не сакајќи може и со автомобилот да убиеме некој човек. И затоа го отворам Евангелието и читам: Не судете за да не бидете судени, со каков суд судите, со таков ќе ви се суди; со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери (Мат. 7,1-3); бидете милостиви како што е милостив и вашиот Отец небесен (Лука 6,36)… Од ова сфаќам дека не треба да го осудам човекот, туку да го охрабрам да се труди повеќе во поправањето, во стекнувањето добродетели, да расте во животот со Христа и во Христа. Тоа значи дека преку Евангелието треба да ги толкуваме и применуваме каноните и тогаш Црквата ќе биде вистинско Тело Христово и ќе има конструктивна мисија во светот. Доколку каноните ги ставиме на прво место, а воопшто не го спомнуваме Светото Евангелие, тогаш добиваме институција, религиозно-моралистичка огранизација, казнено-поправна институција, језуитска секта, но не и Црква. Жално е кога гледаме дека некое црковно лице зборува за каноните и канонскиот поредок, притоа вперувајќи го прстот кон други браќа и сестри, а сосема го заборава Светото Евангелие. Во тој случај Светата Црква ја губи својата убавина и привлечност.  

Христос Господ вели, јас сум Патот (Јован 14,6), а на тој пат кон Христос и Неговото Царство има сообраќајни знаци – канони, кои се поставени за да ни го покажат патот, да нѐ предупредат на опасностите. Смешен и глупав е човекот кој не мисли на целта на патувањето – Христос и Неговото Царство, туку постојано гледа во сообраќајните знаци и смета дека целта на неговото патување е исполнувањето на сообраќајните знаци. Во таква ситуација се ставаме себеси кога го губиме Христос од пред очи, и се занимаваме само со светите канони на Црквата, како да е таа некаква јуридичко-моралистичка организација. Евангелието лежи на централно место на престолот во олтарот и така треба да биде и во нашиот живот, да биде во центарот на животот, а сѐ друго да остане на второ или трето споредно место, вклучувајќи ги и светите канони. На крајот од краиштата, Бог не е збир од правила, и ако беа доволни каноните за наше спасение, тогаш немаше никаква потреба Бог да се раѓа како човек, ни да страда, ни да умира, ни да воскреснува. Но, бидејќи знаеме и веруваме дека Христос е Царството небесно кое најпрво треба да го бараме (Мат. 6,33), и за кое Претечата вели да се покаеме оти се приближува Царството небесно – Христос (Мат. 3,2), а тоа Царство треба да се всели во нас (Лука 17,21) и да блеска од целото наше битие. Христос дојде да нѐ спаси, а не да нѐ погуби (Лука 9,56). Христос и Неговото Евангелие пред сѐ и над сѐ!

Православна светлина бр. 77

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!