![]()
Протоереј Василиј Термос
- Зошто го нарекуваме бракот света тајна? Што таинствено има во него?
- Ние не го нарекуваме света тајна бидејќи во него има нешто несфатливо, какво и значење да му даваме на овој збор денес. Света тајна е секоја средба на создаденото и несоздаденото, односно на Бог, од една страна, со човекот – од друга страна. И во црковниот брак имаме таква средба, поточно соединување, како што е тајната на Божјото воплотување или Светата Литургија. Природно е таквата средба да ги надминува можностите на нашиот разум.
- Можете ли подетално да објасните како Бог се среќава со човекот во бракот?
- Исто како во Божествената Евхаристија. Таму му ги нудиме на Бога нашите материјални дарови – лебот и виното, а Тој ни ги враќа, осветени како Божествена Причест. Така во бракот Му го нудиме нашето човечко соединување и го примаме назад – осветено.
- Каква практична смисла има ова?
- За да го разберете, треба да се потсетите на евангелскиот текст што се чита за време на венчавката. Станува збор за првото чудо на Христос, кое Тој го изврши во Кана. Сетете се дека кога снема вино, Христос побара да се наполнат шест камени садови со вода, а потоа да се донесат. Тие веќе беа полни со вино, а младоженецот беше воодушевен. Го повика управителот и му рече: „Секој прво служи добро вино, а потоа полошото. Зошто го чуваше доброто вино за крај?“ (Јован 2,1-11). Чудата на Христос и светиите се нарекуваат знаменија, односно знаци на друга реалност. Во овој случај, Господ ни покажува каков е природниот ред на нештата без Божјата благодат и каков е тој со неа. Без средбата на Бога со човекот во бракот, неговиот природен развој е кон исцрпеност и замор.
Меѓутоа, кога ќе се случи оваа средба, природната врска меѓу двајцата сопружници се обвива, станува едно со телото Христово, со Црквата и добива голема сила и динамика.

- А што со многуте бракови на луѓе кои не се активно поврзани со Црквата или имаат граѓански брак? Дали се осудени на исцрпеност и условеност? Реалноста не го потврдува ова.
- – Да, така е. Во овој случај, природните способности и добрите намери на брачните другари остануваат. Луѓето кои не го живеат бракот како света тајна може да имаат многу природни способности во својот карактер и многу добри намери за развој на нивниот брак. Но, без средбата со Божјата благодат, тие остануваат неплодни. Бракот се темели на борбениот дух на двајцата брачни другари, кој може да биде исклучителен, но може и да е исцрпен.
- Значи, Бог целосно отсуствува од еден таков брак?
- Не, се разбира дека не. Бог е присутен во секој добар човечки подвиг и го поддржува. Ова се случува и со нехристијаните – а уште повеќе со крстените. Тој не чека да Го повикаме да ни дојде на помош. Сепак, за да ја разбереме разликата, мора да се свртиме кон архетипот на светите тајни – Божествената Евхаристија. Постојат луѓе кои цел живот се трудат, се борат да се подобрат, некои дури и ја повикуваат силата Божја, без сепак да се причестат со Неговото Тело и Крв. Не е исто. Со Божествената Причест, човекот е психосоматски соединет со Христос „во вечниот живот“ – не само за да стане добар човек, туку да се освети и да живее вечно со Него. Истото важи и за црковниот брак. Оној кој свесно пристапува кон него, всушност го моли Бога да ја соедини својата љубов со Неговата љубов, да ѝ даде на љубовта меѓу двајцата сопружници уште еден квалитет – надвор од природниот, но и да живее вечно. Сетете се на зборовите што свештеникот ги кажува на крајот од бракот: „Прими ги нивните венци во Твоето царство…“ Така, бракот добива космолошки и онтолошки димензии. Човекот му ја открива на светот вистината за несебичната љубов.
- Сепак, нашето искуство ни кажува дека мнозинството од оние што склучуваат црковни бракови не мислат така. Нивните умови се насочени кон надворешните работи, кои се токму она што му го дава сјајот на бракот.
- Ова е тажна последица од секуларизацијата. Црквата се предава на светот и си дозволува да ги прифати неговите идеали. Никој не го негира празничниот карактер на бракот, но неговиот вистински сјај лежи во она што верникот го доживува внатрешно, во „тајната што навистина се остварува во него“. Во Псалм 44 читаме: „Сета слава на царската ќерка е внатре: нејзината облека е везена со злато“ (ст. 13). Отците го толкуваат ова со значење дека славата и сјајот на Црквата (ќерката на Бог Отецот, бидејќи таа е невеста на Неговиот Син) се внатрешни, бидејќи во тајната на интимноста се случува сè суштинско. Повторувам: ова не значи дека ги негираме надворешните знаци на прославата на бракот, бидејќи тоа е прослава. А нашата народна традиција ни кажува многу за ова. Тоа едноставно значи дека битката ќе се одвива во човечкото срце. Според начинот на кој човекот пристапува кон мистеријата. Ако некој пристапува со црковната свест, која што ја опишавме, тогаш се случува средбата и соединувањето со Бога. Ако не, тогаш Божјата благодат не дејствува.
- Значи, Божјата благодат не го менува човекот автоматски?
- – Точно. Ако го менуваше автоматски – и покрај неговите желби, ќе имавме ефект на магија. Бог соработува со нас. Затоа многу бракови што се склучуваат во Црквата пропаѓаат. Бидејќи луѓето се ограничиле само на фолклорниот дел од „амбалажата“ т.е. на практичниот.
- Во секој случај, ме воодушевува споредбата на бракот со Божествената Литургија. Постои проблемот со сексуалноста, која повеќето луѓе ја сметаат за грешна или барем некомпатибилна со светите работи. Чувствителноста на Црквата кон сексуалните проблеми е добро позната. Можеби Црквата го направила бракот света тајна само за да ја ограничи сексуалната злоупотреба? Можеби претпочитала компромис за да го избегне најлошото?
- Секако, и бракот има такви функции (да постави морални рамки за однесување, да даде стабилност на општеството итн.), но ги поседува како општествена институција. Секој брак – граѓански, религиозен во рамките на друга вероисповед, е наменет да ја намали ненаситноста на човекот, да создаде соодветна средина за раст на децата, да ги ограничи центрифугалните сили во општеството. Тоа се неговите природни функции. Црквата не го игнорира природното, туку се издига над него. Таа е заинтересирана за она на што укажува природното. На пример, стремежот на човекот кон споделување, желбата да има блиска личност е природна. Бог го прифаќа ова и го благословува од самиот почеток (1.Мојс. 1,27-28; 2,18-24). Сепак, тука се појавуваат апостолските зборови за светата тајна (Еф. 5,20-33), каде што односот меѓу двајца луѓе се споредува со единството меѓу Христос и Црквата. Веќе во минатото, во Стариот завет, Бог го користел примерот на љубовен однос за да го открие Својот однос со човекот (Пс. 44,12; Јер. 3,6-9; Иса. 54,1-10; 62,4-5; Езекиил 16,16, како и целата книга Песна над песните). Видете исто така во Новиот Завет: Јован 3,29, Мат. 9,15-22, итн. И отците потоа го користеле овој пример (Лествица 30, 5).
Гледаме колку овие паралели ја почитуваат човечката љубов, човечкиот ерос. Еротскиот однос се смета за примарна и фундаментална човечка функција. Ова, секако, го мислат и оние кои го гледаат бракот антропоцентрично. Покрај тоа, сепак, тука тој добива смисла од својот небесен извор, а подоцна се претвора во носталгија за него. Покрај фактот дека „Бог посеал љубов-ерос во нив“ (Свети Јован Златоуст), за да биде човекот вреден и исполнет, Тој го претвора и во скала по која тој се искачува кон повисоки и небесни работи. Не се разбира, во смисла, дека еросниот живот автоматски го воздигнува човекот духовно (дури напротив – со неговата лоша употреба може да пропадне длабоко), туку дека кога постои духовен живот, еросот делува и како поттик за развој на љубовта кон Бог: бидејќи човечката љубов (ерос) е толку силна, можеме да замислиме колку силна може да стане љубовта кон Бог. Понатаму, преку меѓучовечките односи, се учи да се отвора кон другите, да се комуницира со нив – без овој основен предуслов, не е можно некој да комуницира со Бог.
Всушност, Црквата неверојатно високо ги цени еросот-љубовта и бракот, и само врз основа на ова може да се разберат нејзините „забрани“. Тие се мерки за заштита на овие божествени дарови – исто како што некој го чува пламенот на свеќата за да не го изгасне ветерот, или како што спортистот се подложува на лишување за да ја вкуси радоста на победата. Почетниот капитал на еросот-љубовта мора да се зголеми и трансформира, а не да се троши безгранично, како што често се случува. Од друга страна, жален е фактот што некои членови на Црквата не ја споделуваат нејзината животворна теологија – или од незнаење или од разни лични причини. Родителите кои се мачени од нивниот пуританизам и не ја доживеале радоста на љубовта-ерос како дар од Бога – свештениците и катихетите кои не се добро образовани во Вистината или кои не го разбрале правилно православниот аскетизам – честопати придонесуваат за отуѓување на денешниот човек од црковниот живот, откако ќе го натераме да ја восприеми Црквата како засолниште на пуританизмот.
- Оваа одвратна ситуација постои паралелно со сексуалниот промискуитет на нашето време, официјално прогласен во мас-медиумите.
- Точно се изразивте – денешниот човек е заробен помеѓу две зла: помеѓу стравот од минатото и модерната комерцијализација. Првото го спречува да се радува со благодарност за даровите Божји, а второто го задушува. Многуте химни на љубовта денес не се ништо повеќе од куц изговор за нејзиното понижување. Тешко е да се процени кое зло е поголемо: вината и вознемиреноста во врска со љубовта и сексот, или тиранијата на сензуалноста, која ја искривува и на крајот ја уништува вродената моќ на љубовта? На ова се додава и фактот дека сме зафатени од лавина од вокабулар што ја меша физичката привлечност со еросот и ги прави чувствата несигурни. Аскетизмот што го предлага Црквата, исто така, придонесува за разјаснување на нашиот духовен свет.
Превод: Никола Велев
Православна светлина бр. 77