Пасхално молитвено правило

Spread the love

Loading

Во периодот од Светлата седмица (Од Воскресение до вечерта од Светлата сабота) наместо утринските и вечерните молитви се чита ова Пасхално молитвено правило. Истото се чита и пред „Молитвите пред Причест“.

Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја уништи и на оние во гробовите живот им подари. (3 пати)

Откако го видовме Воскресението Христово, да Му се поклониме на Светиот Господ Исус, Единствениот Безгрешен. На Твојот Крст му се поклонуваме Христе, и Твоето Свето Воскресение го воспеваме и славиме; зашто Ти Си Бог наш, освен Тебе за друг не знаеме и Името Твое го призиваме. Дојдете сите верни да му се поклониме на Светото Христово Воскресение, зашто ете, преку Крстот дојде радоста за сиот свет. Секогаш благословувајќи Го Господа, да го воспееме Неговото Воскресение, зашто распетие поднесувајќи, со смртта смртта ја уништи. (3 пати)

Ипакои:

Оние што дојдоа пред утрото со Марија, и го најдоа каменот од гробот поместен, од ангелот слушнаа: Зошто Оној Кој е во светлоста присносуштна, меѓу мртвите како човек Го барате? Видете ги гробните повои, поитајте и на светот кажете му дека воскресна Господ, Кој смртта ја умртви, зашто Син е на Бога Кој го спасува родот човечки.

Кондак на Пасха, гл. 8:

Иако во гробот Си слегол Бесмртен, Ти адската сила Си ја уништил и Си воскреснал како Победник, Христе Боже. На жените мироносици им рече „радувајте се“, и на Твоите апостоли мир им подари, на паднатите пак, им даваш Воскресение.

Во гробот телесно, во адот со душата како Бог, во Рајот, пак, со разбојникот, и на престолот Си бил, Христе, со Отецот и Духот, сѐ исполнувајќи Безграничен.

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Како животоносец, како од Рајот попрекрасен, навистина посветол од секоја царска одаја се покажа, Христе, Твојот Гроб, изворот на нашето Воскресение!

И сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Радувај се осветена Божествена Скинијо на Севишниот, зашто низ Тебе им се даде радост, Богородице, на оние што повикуваат: Благословена Си Ти меѓу жените, Себеспрекорна Владичице.

Господи помилуј (40 пати)

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, и сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Почесна од Херувимите, и неспоредливо пославна од Серафимите, Бога Словото девствено што Го роди, Тебе, Која навистина си Богородица, Те величаме.

Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја уништи и на оние во гробовите живот им подари. (3 пати)

Од Велигден до Педесетница не се пости без масло, не се прават метании (земни поклони), не се коленичи на молитва, затоа што строгиот пост и метаниите се израз на покајание, а овој период е веќе радосен, а не покајнички. Молитвата „Цару небесен“ не се кажува, а „Достојно јест“ се заменува со „Ангел вопијаше“. Пред секоја молитва, пред секое богослужение и молитвословие, најпрво се кажува/пее тропарот „Христос воскресе“ три пати.

Во Светлата седмица Литургијата се служи исто како на Велигден. Од Томина недела до Вознесение по возгласот „Благословено е царството“ се пее тропарот Христос воскресе три пати, па потоа почнува Големата ектенија. На „Спаси ни Сине Божји“ се пее „воскресиј из мертвих“ секој ден. Исто така отпустот на Литургијата е постојано воскресен: „Христос вистинскиот Бог наш, Кој воскресна од мртвите“.

Литургијата завршува со пасхалниот тропар.

Свештеникот пее: Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја уништи.

А хорот продолжува: и на оние во гробовите живот им подари.

Свештеникот дополнува: А нам ни дарува вечен живот и голема милост, се поклонуваме на Неговото тридневно воскресение.

Хорот: Амин.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!