Тропарот на Касијана Химнографка

Spread the love

Loading

Вечерта на Велики Вторник, во црквите се пее Утрената на Велика Среда. Последниот тропар во богослужбата е оној на побожната и учена поетеса на Византија, Касијана.

Од византискиот хроничар Симеон Магистрат (990 г.) дознаваме дека Евфросинија, мајка на императорот Теофил и ќерка на Константин VI, во обид да го ожени својот син, во 830 година, организирала во величествената сала Триклиниум на царскиот дворец во Константинопол голем собир од најубавите девојки во империјата. Дошле многу „најубави девојки“. Кога застанале во ред, седнати на раскошни ложи, императорот Теофил поминувал пред нив за да ја избере идната сопруга и царица, давајќи ѝ на избраничката едно златно јаболко.

Најубава била Касијана, чија убавина го воодушевила младиот Теофил, и токму неа сакал да ја избере. Но, сакајќи да провери дали нејзината мудрост одговара на нејзината убавина, ѝ рекол: „Од жената произлегоа лошите нешта“, алудирајќи на Ева. Касијана, пак, без да се збуни, му одговорила: „Но и од жената произлегоа подобрите нешта“, алудирајќи на Пресвета Богородица, која го донесе во светот најголемото добро.

Сепак, оваа умна забелешка императорот ја протолкувал како дрскост и непромисленост, па затоа го дал јаболкото на друга убава, но поскромна девојка – Теодора.

Касијана се разочарала од неуспехот и решила да се повлече од светот и да се замонаши. Со свои средства изградила манастир, кој подоцна го добил нејзиното име, се облекла во монашко расо и се посветила на Христовата служба и на поезијата, соединувајќи ја длабоката побожност со љубовта кон книжевноста. Се вели дека тогаш рекла: „Бидејќи не станав царица на овој привремен свет, ќе станам слугинка на вечното Царство Христово“.

Во манастирот се пројавил и нејзиниот природен уметнички талент и длабокото религиозно чувство, составувајќи црковни химни, тропари и идиомели (црковни химни со посебна мелодија). Токму таму, во тивката и возвишена атмосфера, го составила и познатиот идиомелос „Тропарот на Касијана“, кој подоцна Православната Црква го востановила како Славна стихира на стихирите на Утрената на Велика Среда.

Јасно е дека Касијана се инспирирала за овој тропар од зборовите на евангелистите, кои не се однесуваат на Марија Магдалена, како што многумина мислат, туку на безимената грешна жена, која Христос ја спасил од сигурно каменување од разбеснетата толпа фарисеи заради нејзиниот грев, со зборовите: „Кој е без грев, нека прв фрли камен врз неа“. Подоцна, кога Исус бил во домот на Симон фарисејот, таа жена почувствувала потреба да ја изрази својата благодарност и љубов кон Спасителот. Купила миро, дошла смирено и со солзи Му ги измила нозете и ги избришала со својата коса. Нејзините солзи биле солзи на покајание и скрушеност, молејќи милост од Бога за љубовта и прошката.

Овој настан го спомнуваат тројца од четворицата евангелисти:

Лука (7, 37–38) пишува дека една грешна жена, дознавајќи дека Исус е во домот на фарисејот, донела миро, плачејќи Му ги миела нозете со солзи и ги бришела со косата.

Матеј (26, 6–7) сведочи дека во Витанија, во домот на Симон Прокажениот, една жена Му излеала скапоцено миро на главата.

Марко (14, 3) исто така опишува како жена со скапоцено миро го помазала Христос.

И ранетото и чувствително срце на Касијана не можело да остане недопрено од трогнатоста на таа грешна жена. Затоа во тоа прекрасно тропарско дело, што го носи нејзиното име, со лирска возвишеност и длабочина ја изразува сопствената внатрешна духовна трогнатост.

Тропарот на Касијана, глас 8:

Жената која западнала во многу гревови, согледувајќи Го Твоето Божество, Господи, ја исполнила честа на мироносица; и со лелеци Ти принесе благоухано миро од смирна пред Твоето погребение. „Тешко мене“ – рече – „бидејќи ноќта ме опкружува, мрачна и без месечина, и ја боде мојата похотлива страст со љубовта кон гревот. Прифати го изворот на моите солзи, Ти кој спушташ од облаците води во морето. Наведни го Твото уво кон лелекот на моето срце, Ти Кој со своето неискажливо себеиспразнување си ги наведнал небесата. Ќе ги целивам Твоите пречисти нозе и ќе ги избришам со прамените од мојата глава, оние нозе чиј звук Ева го чула во самракот во рајот, и се сокрила од страв. Кој може да го испита мноштвото на моите гревови и бездната на Твоите судови, Спасителу на мојата душа? Не презирај ме мене, Твојата слугинка, зашто имаш неизмерна милост“.  

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!