Господи, кажи ѝ дека ја сакам!

Spread the love

Loading

Отец Рафаил Нојка

Една монахиња, која тукушто дошла во еден манастир, ми велеше: „Отче, се плашам од сите луѓе“. Беше многу чувствителна и повредена, особено од една постара монахиња која беше многу строга. Ми велеше: „Кога влегувам во кујната, ме фаќа страв, не знам што да правам!“ Ѝ реков да се моли на овој начин: „Господи, кажи ѝ во срцето нешто добро за мене“.

Еден ден доаѓа трчајќи и ми вели: „Отче, знаете ли што се случи? Дојде таа сестра, и повторно ме фати страв, па реков – ,Господи, кажи ѝ дека ја сакам!‘ И тогаш, отче, не знам – можеби беше случајност – ме погледна благо и ми зборуваше многу убаво“.

Минатата година, кога повторно ја видов, имаше исто светло лице како тогаш, иако поминале цели десет години, и имаше мир со сите. И верувам дека тие „случајности“ продолжиле.

Гледаме, значи, дека сè се врзува и се разрешува на духовен начин во тајниот простор на срцето. И ти благодарам за прашањето, зашто ми се дава можност да го кажам и ова: треба да се подвизуваме во тоа што нашите предци го правеле многу природно. Нашите предци, кои биле поблиску до Бога од нас, со голема природност, во секоја прилика Го повикувале Бога.

На пример, кога чувствуваме опасност, да кажеме: „Господи!“ И кажи Му нешто на Бога. Гледаш грев во себе, кажи:
„Господи, погледни што имам во себе, не оставај ме вака!“ Гледаш дека некој те вознемирува и ти е тешко да се помириш со него – кажи пак: „Господи, зборувај во моето срце за мојот ближен!“ итн.

Затоа, повикувајте Го Бога. Нашата вера е дека Исус, нашиот Спасител, е единствениот посредник меѓу Бога и човекот. Значи, се осмелувам да кажам дека на Бога Му е угодно да посредува меѓу едниот и другиот. Повикај Го, значи, Бога и направи Го посредник меѓу тебе и твојот непријател, меѓу тебе и оние со кои си се скарал, и ќе ја видиш „случајноста“ што ќе се случи!

Пред неколку дена некој ми велеше дека нема Бог. Му одговорив: „Не! Многу добро се преправа дека не постои! Затоа ти постапувај како да веруваш, и ќе видиш како и Бог ќе постапи како да постои!“ И така ќе ни се случуваат и нам слични „случајности“.

Да заклучам: да научиме, браќа мои, да Го повикуваме Бога во секој случај и при секоја прилика и да го бараме Неговиот совет. Да Му ги изложуваме на Бога сите наши прашања, да Го прашуваме какво значење и каква цел има сè.

И да не забораваме да Му благодариме секогаш кога ни го дава она што сме го побарале.

Зборот „Господи!“ да ни биде најнапред во срцето, а потоа сè друго!

 Јеромонах Рафаил Нојка, духовно чедо на свети Софрониј Сахаров
(Од книгата: „Култивирање на Духот“)

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!