Преподобна Гавриилија Папајани

Spread the love

Loading

Монахињата Гавриилија Папајани (Аврилија) е родена на 2 октомври 1897 година во Цариград. Таа беше најмалото дете во семејството Папајани, кое беше доста имотно. Се вели дека нејзината поголема сестра Василики прва ѝ проговори за Бога. Заедно со приказните кои ѝ ги читаше, ѝ раскажуваше приказни од Евангелието и од Стариот Завет.

Во 1923 година семејството се најде во Солун. Тогаш младата Аврилија се запиша на Аристотеловиот универзитет во Солун (таа беше втората жена која се беше запишала на грчки универзитет), каде што и доби диплома по Философија. Според нејзиното житие, многу ги сакала растенијата, „до крајот на животот им зборуваше“, затоа и претходно имаше дипломирано на Агрономија на Estavayer le Lac во Швајцарија.

Се пресели во Атина во 1932 година, каде што се вработи во психијатриска клиника. По една година се најде во Англија. Таму, за да излезе на крај, работеше разни работи, без притоа да престанува да се грижи за сиромашните. Паралелно студираше подологија и физиотерапија.

По завршувањето на Втората светска војна, старицата се врати во Грција. Во Атина отвори ординација за физиотерапија, каде што повторно им помагаше на немоќните.

Одлучувачка улога во подоцнежниот духовен живот одигра смртта на нејзината мајка во 1954 година. Откако се завети на сиромаштија, го раздели својот имот и одлучи да замине во Индија. Таму, цели пет години, живееше во одделот на лепрозните и невозможното го правеше возможно за да ги утеши другите.

По четири години бесплатна физиотерапевтска помош на немоќните, Аврилија заминува во планините на Хималаите, поминувајќи 11 месеци како пустиножителка. Во 1960 година стигна сестринството на Воскресението Христово во Витанија каде што прими монашки постриг. По тригодишно искушеништво прими име Гавриилија.

Потоа беше испратена во обителта Таизе во Франција од страна на Цариградскиот патријарх Атинагора, каде што остана кратко. Потоа беше испратена во САД каде што им помагаше на грчките заедници во 15 држави и им помагаше на психички болните во психијатриските болници во Европа.

После речиси една деценија шетање, беседи и помош на болните, беше испратена во Источна Африка на три години за да извршува мисионерска дејност.

После краткото ангажирање во Германија, сестра Гавриилија беше испратена назад во Индија каде што остана три години. Во 1979 година ѝ беше остапен еден стан во Атина каде што стана старица, и од каде што обично им даваше совети на луѓето кои доаѓаа кај неа. При крајот на животот се повлече во една ќелија на Егина, но доби хочкинсонова болест (на лимфните жлезди) и се врати во Атина. После терапијата замина од Атина и се насели на островот Лерос, каде остана уште две години и таму се упокои на 28 март 1992 година на возраст од 95 години.

На 4 октомври 2023 од страна на Цариградската патријаршија беше вбројана во хоровите на светителите. По нејзините свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ и спаси нѐ. Амин.

Тропар, глас 4:

Како вистинска подвижничка на љубовта, си патувала низ светот, исцелувајќи ги болните и утешувајќи ги сиромашните. Си привела многумина кон светлината Христова, мати Гавриилија, моли Го Христа Бога да ги спаси душите наши.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Види: Љубов и смирение

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!