Верата не е дијагностика на гревови

Spread the love

Loading

Свештеник Јани Мулев

„Гревовите на младоста моја и незнаењето мое не ги споменувај, Господи“ (Псал. 24,7)

Кога се запишав во Богословија, во тоа време тоа им беше многу чудно на луѓето од моето опкружување, и најчесто ме прашуваа, дали е ова грев, дали е она грев, небаре гревот е центар во црковниот живот… Истиот дух како сѐ уште да владее кај многумина, па често и во Црква верата ја претвораме во прост морализам, во црно-бело гледање и судење на туѓите гревови. А туѓите гревови секогаш ни се чинат поголеми од нашите…

Најчесто прашуваме дали е нешто грев, бидејќи се плашиме од казна. Гревот (на грчки амартија) означува промашување на целта, т.е. ако целта на животот е да бидеме во единство со Бог, тогаш гревот е она што нѐ одвојува од Христос, гревот е преграда помеѓу нас и Бог, а оваа преграда се протега и на нашите меѓучовечки односи, па од нарушеното единство со Бог, стануваме неспособни да изградиме единство во семејството, меѓу сопружниците, со децата и родителите, меѓу другарите и пријателите. Гревот го нарекуваме и духовна болест, така што оној кој греши е болен човек, а болен човек не треба да биде осудуван.

Верата не се состои од детектирање или дијагностицирање на гревови. Светителите на Црквата нѐ учат гревот да го мразиме, но грешниот човек да го сакаме. Гревовите ги исповедаме кај нашиот свештеник-духовник, а целото наше битие треба да го исполниме со присуството на Христос во нас, преку нашите подвизи, преку молитвите, преку нашата желба за преумување, т.е. промена на нашиот начин на мислење и живеење, преку Причестувањето со Телото и Крвта Христови.

Оние кои ќе го исполнат своето битие со Христос, кај кои е очигледно присуството на благодатта во нивниот живот, во нивните дела и зборови, оние преку кои зборува и дејствува Бог ги нарекуваме светители. А поимите светител и безгрешен не се еквиваленти.

Да престанеме со дијагностика на туѓите грешки и гревови, да не се бориме со злото во светот, туку да го исполниме нашиот живот, нашето секојдневие со присуството на Христос Господ, и истиот Тој Христос, примајќи го на секоја Литургија, ќе дејствува во нас и ќе нѐ помири и соедини со сите наши браќа и сестри кои исто така се причестуваат со Христос. Но, потребна е и добра волја и расположение од наша страна. Преобразувајќи се себеси, ќе го преобразиме и светот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!