![]()
Преподобен Порфириј Капсокаливит
Сите овие лоши чувства, несигурноста, безнадежноста и очајот, кои може да ја завладеат душата, си заминуваат преку смирението.
Оној кој нема смирение (понизност), егоистот, не сака да му ја отсекуваш волјата, да го чепкаш, да му правиш замерки. Се вознемирува, се нервира, се бунтува, реагира, го зафаќа тага.
Оваа состојба се лечи со благодатта. Душата треба да се сврти кон љубовта Божја. Исцелението ќе се изврши ако Го засака Бога со копнеж.
Многу наши светители ја претворија тагата во радост со љубовта кон Христа. Значи, ја земаа душевната сила која сакаше да ја скрши ѓаволот, и му ја даваа на Бога и ја претвораа во радост и веселба.
Молитвата, богослужението полека-полека ја претвора тагата во радост, бидејќи дејствува благодатта Божја. Овде е потребно да имаш сила, така што да ја извлечеш благодатта Божја, која ќе ти помогне да се соединиш со Него. Потребна е вештина.
Кога ќе се предадеш на Бога и ќе станеш едно со Него, ќе го заборавиш лошиот дух, кој те влечел назад, и тој така презрен ќе си замине. Понатаму, колку што ќе се посветуваш на Духот Божји, толку нема да гледаш зад себе, за да го видиш оној кој те влече.

Кога ќе те привлече благодатта, се соединуваш со Бога. И кога ќе се соединиш со Бога и му се предадеш Нему, сите работи заминуваат, ги забораваш и се спасуваш. Значи, големата вештина, големата тајна, за да се ослободиш од депресијата и сите негативни чувства, е да се предадеш на љубовта Божја.
Едно нешто може да му помогне на очајниот, а тоа е работата и интересот за животот. Градината, растенијата, цвеќињата, дрвјата, излетот во природа, шетањето во село, патувањето, сите овие работи го вадат човекот од пасивноста и му создаваат и други интереси. Дејствуваат како лекарства.
Занимавањето со уметност, музика и слично, му причинува добро на човекот. Но, на она што давам најголемо значење е интересот за Црквата, за изучување на Светото Писмо, за богослужбите. Изучувајќи ги зборовите Божји, човек се исцелува без да го знае тоа.
Да ви раскажам за една девојка, која дојде кај мене сиротиот. Страдаше од страшна депресија. Не постигна ништо со таблетите. Се откажа од сѐ, од работата, од домот, од нејзините занимања. И јас ѝ го кажав она што го знам.
Ѝ кажав за љубовта Христова, која ја освојува душата, бидејќи благодатта Божја ја исполнува душата и ја менува. Ѝ објаснив дека тоа е демонска сила која ја опфаќа душата и ја претвора душевната сила во очај, ја фрла долу, ја измачува и ја прави бесполезна. Ја посоветував да се занимава со различни нешта, на пример, со музика што ѝ се допаѓала порано и др.
Но, пред сѐ го нагласив свртувањето на љубовта кон Христа. Уште ѝ реков дека во Црквата постои исцеление со љубовта кон Бога и со молитвата, но кога се исполнува со копнеж.
Тоа е тајната на исцелението. Тоа го прима нашата Црква.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев