Кој дух се крие зад стигмите?

Spread the love

Loading

Често пати во филмовите сме виделе еден феномен, наречен стигми, кој се појавува најчесто кај верници и духовни лица од Римокатоличката црква. Имено, поимот стигма значи рани, и овие рани се појавуваат кај некои лица со нагласена сентиментална религиозност на деловите од телото каде што имал рани и Самиот Христос Господ. Симптоматично е зошто се појавуваат овие рани само кај римокатолици, а ниту еднаш кај некој православен светител, и се прашуваме, дали оваа појава е Божји знак или демонска измама. Најдобар и најточен одговор добиваме преку устата на современиот романски светител, отец Софијан Богиу, кој неодамна беше приброен кон хоровите на светителите.

*
            Ова е современ пример како светителите ги испитуваат духовите и распознаваат што е од Бог, а што е заблуда маскирана во духовност. Оваа средба е помеѓу светиот Софијан Богиу од манастирот „Свети Антим“ во Романија и популарна жена мистичарка во Дамаск со име Мирна Ел-Акрас т.е. Мирна Назур.

Свети Софијан (Сергеј) Богиу е роден на 7 октомври 1912 година, во Куконешти Вечи, областа Балти, Бесарабија, a се упокоил во Бога на 14 септември 2002 година, во манастирот „Свети Антим“ во Букурешт, исто така познат како Антимски манастир. Старецот Софијан станал искушеник во манастирот Руги, областа Сорока, во 1926 година на 14-годишна возраст. Подоцна учел во училиштето за псалти на манастирот Добруџа, во манастирското богословско училиште во манастирот Черника (1932-1940), на академијата за ликовни уметности во Букурешт (1940-1945) и на богословскиот факултет во Букурешт (1942-1946).

Монашкиот завет го дал во манастирот Добруџа, добивајќи го името Софијан во 1937. Бил ракоположен како јероѓакон во 1939, а потоа јеромонах во 1945 во Антимскиот манастир во Букурешт, каде што служел како игумен од 1950 до 1955 година, а потоа повторно и во последните години од животот.

Во 1958 година тој е уапсен меѓу членовите на исихастичкото движење „Огнена Капина“ и е осуден на 15 години затвор. Бил ослободен во 1964.

Останал во манастирот „Св. Антим“ до крајот на својот земен живот и бил погребан во манастирот Келдерушaни.

Свети Софијан Богиу исто така насликал неколку цркви, вклучувајќи го манастирот Деир-Ел Харф во Либан, Хомската Катедрала во Сирија, црква во Хама, манастирот Раду Вода и скитот Дарвари.

Наспроти преподобниот Софијан ја имаме Мирна Назур (родена 1964 година, позната како Суфание). Била родена во мешан брак, нејзиниот татко бил грко-римокатолик, а нејзината мајка била грко-православна. Била мешано образована – во римокатоличко, православно, а потоа и во државно училиште како дете. На 18-годишна возраст се омажила, а подоцна истата година од нејзините раце почнало да излегува масло при нејзиното молење. Неколку дена подоцна, тврди дека била посетена од Пресвета Богородица, а тоа евентуално довело до повеќе виденија придружени со масло на нејзините раце и редовни појави на стигми (рани). Наводните виденија на Пресвета Богородица ѝ ја нагласувале на Мирна важноста на сојузништвото помеѓу разделените цркви во светот. Таа исто така тврдела дека Христос ѝ се појавил да зборува со неа. Оваа жена ги вознемирувала Православните верници долго време во Сирија и низ целиот Близок Исток. 

Ова се два многу различни животи.

Мирна исто така растела во популарност додека свети Софијан Богиу работел како иконописец во Либија. Кога пристигнал во јуни, неговото Блаженство патријархот Игнатиј Хазим побарал од епископот Каис Садик Ерзурумски да го одведе отец Софијан кај Суфание за да им објасни која е нејзината состојба. Но, се премислил бидејќи го познавале епископот Каис како архимандрит, па можеле да си направат погрешна слика дека им е покажана посебна грижа од него. Затоа го избрале јорданскиот студент на правниот факултет Басел Карадшех, кој истовремено живеел во Патријаршијата, да оди со свети Софијан Богиу. Ова е сведоштвото раскажано од архимандритот Садик:

„Кога влегувал свети Софијан, таа почнала да се тресе, да трепери и да блада. Не го побарала неговиот благослов ниту пак се прекрстила, па затоа тој се прекрстил. Таа се тргнала од него и се залепила на ѕидот и непрестајно се тресела; ова е по зборовите на Басел Карадшех. Кога се вративме и се сретнавме со неговото Блаженство, тој го праша – „Што се случи?“ – свети Софијан му одговори на француски: „Тоа е нечист дух, зло е!“ – Потоа, неговото Блаженство му понуди да го дарува со медал на честа на светите Петар и Павле“.

Подготвил и превел од англиски: Никола Велев

Православна светлина бр. 76

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

error: Content is protected !!