Погодни услови за спасение

Spread the love

Loading

Митрополит Атанасиј Лимасолски

Некој ќе рече: „Сонував во животот да создадам семејство и сакав на тој начин да бидам спасен. Но, не успеав во оваа цел“…

„Се оженив и мојот брак не успеа…“ „Се омажив и не добив деца…“

„Не се омажив воопшто…“

Или некој ме измами, ме предаде, ме повреди. Илјадници работи…

„Ми пропаднаа плановите“.

„Не ми е животот онаков каков што го замислував“.

„И сега што да правам?“

Во ред, го искористам разумот што ми го дал Бог, и велам: Види, има една стварност. Јас сум тука, на ова место, со овие услови, со овие работи, со овие личности, со овие можности. Е, со сите овие ќе се потрудам да се спасам.

Бидејќи волјата Божја не е ниту едното, ниту другото, туку нашето спасение. Ќе речеш, така си фантазирав… е и јас си замислував дека ќе останам на Света Гора и ќе имав една убава ќелија во Неа Скити (Нов Скит) каде што бев и ќе уживав во медот на молитвеното тихување на Света Гора. А се најдов на Лимасол, во центарот на градот! Не на некој крај, да речеме, туку баш во центарот! И се разбира, кога дојдов првпат во Лимасол, бидејќи имавме проблеми во Митрополијата, останав во едно мало собиче, 1,5 метри на 2 метри ширина. Постои таа соба уште. И беше над патот. Понекогаш цела вечер не можевме да заспиеме, особено за викендите, кога сите центри овде имаат „бденија“ и „се молат“ цела ноќ. Особено за големите празници имаме „сеноќни бденија“, со велики „псалти“, кои пејат по цела ноќ! Кои завршуваат околу 4 наутро со пцовки, викање, тепање, сѐ што можете да замислите после едно такво „бдение“! Значи, настанува хаос, пцуење, тепачки од млади деца. Ги слушаме секоја вечер до ден денес, но сега се навикнавме, а на почетокот беше тешко. Што да речеме, тоа е нашиот свет.

И јас го гледам како мој личен живот. Не ми беше животен сон да дојдам на Лимасол за да станам митрополит. Не ни помислував на тоа. Ви исповедам дека не помислив на тоа ниту еднаш! Ниту во сон не ми паднало на памет тоа. Имав друга замисла за мојот живот. Бог ги измени работите, така се подредија работите. Човечки и нормално е кога ќе се сменат визиите за нашиот живот да се разочараш, да си речеш, сакав да сум таму, да бев така и така…

Но што е она што го бараме? Бараното е Света Гора? Монаштво? Семејство? Деца? Куќа? Работа? Здравје? Бараното не е во сето тоа. Сето тоа се средства кои ќе нѐ одведат до бараното. Бараното е Христос. Христос е бараниот! Значи, остави ги сите фантазии и соништа и приземји се овде каде што си! Живееш во овој град, со овие услови, со овие можности што ги имаш, со оваа возраст што ја имаш, со овие луѓе со кои си, со сето она што постои во твојот живот и го градиш своето спасение.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

error: Content is protected !!