Црна овца – бел гавран

Spread the love

Loading

Свештеник Јани Мулев

Пред извесно време читав една песна на англиски јазик, но не можев да откријам кој е автор. Во продолжение следи целиот превод:

„Те нарекуваат црна овца. Не затоа што грешиш, туку затоа што си поинаков.

Додека стадото го следи патот без прашање, ти запираш.

Се загледуваш, го слушаш ветрот. И шепотот: „Мора да постои поинаков пат“.

Црната овца не се вклопува. Не затоа што не може, туку затоа што не сака.

Таа има видено премногу остри карпи кои се маскирани како традиции.

Премногу кафези кои се наречени „нормални“.

Затоа тие отстапуваат, ги разделуваат водите, ја прекинуваат тишината.

А понекогаш градат мостови кои стадото никогаш не ни знаело дека му се потребни.

До секоја црна овца:

Ти си тивка револуција; промена во шаблонот; дива нота во хорот;

не мора секаде да се вклопуваш.

Ти си роден за да истапуваш – и да водиш напред“.

Во богоборниот комунизам сите луѓе беа ставени во урамниловка, и секој мораше да биде ист како колективот, никој не смееше да отстапува од групата, никој не смееше да се истакнува со нешто, со некој талент. Оти личниот талент и личниот успех се сметаа за гревови против неспособниот и мрзлив колектив. Комунизмот помина, но духот остана. Често пати го слушаме тоа „да не се двоиме“, „да не се истакнуваме“, „да не бидеме различни“, а во самата човечка природа, Бог вградил природна различност и тоа буквално во сѐ: карактер, темперамент, висина, тежина, боја на кожа, боја на коса, боја на очи и многу други варијации, кои само го разубавуваат мозаикот на светот. И Христос Господ повикал 12 апостоли, со различна возраст, различен темперамент, различен карактер и способности, за да ни даде до знаење дека секој човек е повикан да биде Христов, дека не постои некој кој не е подобен да биде верник само поради неговите личносни карактеристики и различност. Но, едно е благословена различност, инаквост, а сосема друго е болест и изопачување. Тука не смееме да го преминеме Рубикон.

Прокрустова постела

Во митологијата постои еден насилник Дамаст, кој бил наречен Прокруст, што на старогрчки значи „Истегнувач“. Името го добил по тоа што случајните минувачи ги врзувал и ги водел во својата пештера и сосила ги легнувал на еден од неговите два кревета. Ако човекот бил висок, го легнувал на малиот кревет и му ги отсекувал нозете за да може да пасува на креветот, а оние кои биле со низок раст, ги легнувал на долгиот кревет, па ги ставал на наковална и им го истегнувал телото за да пасуваат според големината на креветот. Оттаму потекнува поимот „Прокрустова постела“, а често во Црквата го користиме за трендовите во светот и во Црквата за укинување на личната слобода и насилно моделирање според методата на Прокруст.

Диоген и чинијата леќа

Има една приказна од животот на философот Диоген. Имено, еден ден тој седел пред прагот и јадел леќа, а во тоа време да јадеш леќа – било знак за голема сиромаштија. Тогаш поминал човек од тогашната власт и му рекол: „Ех, Диоген, да научеше малку да бидеш послушен и ако малку му ласкаше на господарот, не ќе мораше да јадеш леќа секој ден“. На ова Диоген му одговорил: „Ех, беден брате, да научеше и ти да јадеш малку леќа, не ќе мораше да го слушаш и постојано да му ласкаш на господарот“.

Православна светлина бр. 76

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

error: Content is protected !!