II. Хуманизмот наспроти вистинското христијанство

Spread the love

Loading

Архиепископ Андреј Римаренко од Ново Дивеево

Види го првиот дел: Обнова на духовниот живот

(Преведено од статијата „Православие, болшевизам и нашата емиграција“, на православен руски јазик, 1969, бр. 18, стр. 3 и натаму).

Во Америка го нема Сталин, нема комунизам, нема прогонства против Црквата. Затоа, емигрантите кои не го познаваат вистинскиот духовен живот, би можеле да мислат дека православниот живот во Америка треба да биде идеал (образец) на православниот живот, и дека треба да се живее како што живеат старите руски емигранти овде. Но дали нашите руски емигранти го пронашле овде она што претставува вистински идеал на христијанинот – побожност и стекнување на мир во срцето преку покајание? Дали ја пронашле елементарната реалност која треба да биде Црквата, со која човекот заминува во вечен живот – со светоста, чистотата и трезвеноста?

 За жал, ми се чини дека животот не само на неправославните Aмериканци, туку и на православните Руси, не се одвива според законите на Црквата, туку по принципите на хуманизмот. Многу од оние кои себеси се сметаат за православни, се всушност христијани само по форма, но живеат според сопственото сфаќање, почитувајќи ги само заповедите на своето тело. Американскиот живот со својата презаситеност и комфор, дејствува извонредно во корист на прифаќањето на хуманизмот. И затоа не е изненадувачки што лаиците честопати бараат од своите пастири да одат „во чекор со времето“, а пастирите честопати ги исполнуваат овие барања…

Но, религиозно – моралните основи не се менуваат, зошто тогаш свештениците треба да се менуваат? Против современиот човек се борат истите искушенија, истите страсти и заведувања што ги искушувале луѓето пред илјада години. Гревот останува грев засекогаш, и ниту една јота (цртичка) или буква од законот Христов не се менува: „Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат (Мт. 24,35). Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придодаде (Мт. 6, 33)“. Најважната работа е да создадете чисто срце и да го одржувате. Тука не може да се зборува за реформи. Самиот Господ веќе ни дал се што е потребно за Неговата Црква.

Но, тука се поставува прашањето: како да го примениме на себеси ова богатство, кое ни е дадено од Господ? Да се свртиме кон историјата на Црквата во време кога хуманизмот се стремел да го замени вистинското христијанство, со надворешно и лажно христијанство (18ти век). Тогаш Господ подигнал архиереј, кој за нашиот живот ни го дал методот на вистинско христијанство. Во „За вистинското христијанство“ на свети Тихон Задонски ќе најдете сѐ што е потребно за внатрешниот живот на човекот. Свети Тихон зборува за Божјото Слово кое морало да се воплоти во животот, за духовната мудрост, за човечкото срце, за гревот, за покајанието, за христијанските добри дела, за светата Црква, за должностите на христијанинот. Во нашата емигрантска епоха, хуманизмот се манифестира со засташувачка сила. Нашата црковна лага најчесто се одвива надворешно, внатрешниот живот се заборава. Слоганот на хуманизмот во наше време повторно е: „Изгледај како христијанин, но живеј според законите на телото“, и без да сакаме си го поставуваме истото измачувачко прашање, кое секогаш стои пред нас: Што треба да правиме? Делото на свети Тихон – За вистинското Христијанство – е одговорот на ова прашање.

Ова дело на свети Тихон стана темел на целиот мој пастирски живот. Во 1921 година, благословувајќи ме за пастирска работа, оптинскиот старец Анатолиј ми рече: „Прифати го вистинското христијанство на свети Тихон Задонски и живеј според неговите упатства“.

III. Побожност: Да го зачуваш она што е во Божја чест

(Од една проповед која беше оддржана на свештеничка конференција во манастирот Света Троица, Џорданвил, Њу Јорк, во 1966, Православна Русија, 1966, бр. 19, стр. 8)

Што да се прави? Со такво прашање се обратив во 1921 година до еден оптински старец… Откако ги поминав страшните револуционерни години во 1917, 1918 и 1919, кога сѐ се уриваше и се уништуваше, дојдов до состојба која беше просто патолошка: зошто да се борам кога сѐ завршува? Мојот став беше пренесен на моите блиски. Револуцијата, целиот хаос, ако може така да се рече, ги потврди моите зборови за оние околу мене. Јас станав свештеник, но состојбата на моја душа остана иста. Така се случи да отидам во Оптина кај старецот со прашањето: Што да се прави?

Најважното нешто што ми го кажа старец Нектариј беше ова: „Црквата Христова се движи како да е на железничка пруга. Патот на пругата е познат, дефиниран, но јас и ти мораме да обрнеме внимание на тоа што се случува со вагонот што е на шините. Во вагонот се одвива личниот живот на човекот. Човекот влегува и излегува од вагонот, а шините имаат свој крај, но крајот на секоја личност е различен, еден го напушта вагонот порано, друг подоцна, и токму тука христијанската побожност е неопходна.

„Догмите на верата, самата вера ни е откриена, и никој од нас не се сомнева во тоа, но исповедта на верата мора да биде во побожност. „Никој не е добар освен Единиот Бог“ – ова значи да се почитува она што е во Божја чест. Божественото е она што задолжително треба да биде наша грижа, тоа мора да влезе во сите аспекти на нашиот живот – личен, семеен, јавен. Побожноста ни се открива преку секојдневните богослужби. На дневната полноќна служба се чита 17-та Катизма, што е откривање на Божјата праведност од страна на пророкот Давид на неговиот син Соломон. А Црквата ја предложува 17-та Катизма за да го открие нашето внатрешно битие. Еден од методите за побожност ни го дава Светата Црква преку духовна вежба, која го вежба нашиот ум за сеќавањето на Името Божјо – „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нѐ“. На монасите им се дава бројаница, но за еден свештеник во светот молитвеното сеќавање на неговите духовни деца може да послужи за обука во сеќавањето на Името Божјо.

Па така: Што да се прави? Старецот рече: „Живејте така што Божјата волја ќе се чува достоинствено, и првото, најважно нешто е вашиот ум, кој мора да биде во Бога“.

IV. Поука до Солженицин

„За период од сто години Ное ги повикуваше луѓето кај себе, но доаѓаа само немите животни“. – Старец Нектариј Оптински

На 22 јули, 1975, рускиот писател А.И. Солженицин го посети архиепископот Андреј во манастирот Ново Дивеево, и зборуваше со него повеќе од еден час. Архиепископот Андреј го поздрави Солженицин, кој тогаш беше познат низ целиот свет по неговите жестоки антикомунистички говори, со следното кратко обраќање (преведено од Novoye Russkoye Slavo, Јули 24, 1975, стр. 2)

„Драг, длабоко почитуван Александар Исаевич,

многу размислував и многу размислувам за вас, и неволно, додека размислувам за вас, пред мене се појавуваат две места од Светото Писмо. Едното е од Стариот Завет, ликот на праведниот Ное. Нему му беше откриено дека ќе има светски потоп кој ќе ги уништи сите оние што останаа во безбожноста. Но за спасение на оние кои ќе останат во побожност, оние кои сѐ уште го чувале она што е во Божја чест, Бог му заповедал на Ное да изгради ковчег. И Ное почнал да гради ковчег, а во исто време да ги повикува луѓето на покајание…

Но небото било ведро. Не само облаците, туку и целата природа – како да е рамнодушна кон гревовите на луѓето – останала свечено тивка. Луѓето го слушнале Ное, но ги кренале рамената и си заминале. Изградбата на бродот била завршена, но само семејството на Ное влегло во него. Тие влегле во коработ, не за да избегаат од потопот, туку за да избегаат од безбожноста која била насекаде… И конечно, имало дожд, водата почнала да се крева и да поплавува сѐ. Тогаш исплашените луѓе, брзале кон коработ, но вратите се затвориле сами, и никој друг не можел да влезе…

Мислејќи на тебе, јас неволно си ја претставив оваа возвишена личност – Ное, како ги повикува луѓето. Така и ти, драг мој, ги повикуваш луѓето од безбожноста на комунизмот! Тие те слушаат и ти аплаудираат. Тие го слушнаа исто така и Ное, и можеби го изразија својот ентузијазам. Да, слушнаа… но не послушаа и пропаднаа!

Ное ги отповика луѓето од нешто, од безбожноста. Но, и ги повика кон нешто: кон побожност, и тоа кон конкретна побожност, кон побожноста која беше во коработ. И тука се повикувам на уште едно место од Светото Писмо, Посланието на апостол Петар: Тие намерно забораваат дека небесата и земјата од порано беа создадени од вода и преку вода со силата на Божјото слово, преку кое, тогашниот свет загина, потопен од вода. А сегашните небеса и земјата, пазени од истото слово, се чуваат за оган во денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе (2.Петр. 3,5-7).

Ако сето ова треба да се уништи на ваков начин, тогаш каков ли свет живот и побожност сме должни да имаме! Еве што е Коработ на Новиот Завет: побожност, зачувување на она што е во Божја чест!

Во вашето неодамнешно обраќање рековте дека сте роден како роб. Тоа значи дека сте родени по Револуцијата. Но, видов сѐ што се случи пред Револуцијата, и како се припремаше – тоа беше безбожност во секој аспект, а пред сѐ нарушување на семејниот живот и корупција на младите… Со тага гледам дека истото се случува и овде, а всушност и по целиот свет. И ми се чини дека и вашата мисија е – да ги повикате луѓето од безбожност кон побожност!

А изворот на побожноста е Христос!

Превод од англиски јазик: Андријан Ѓорѓиев, апсолвент на Теологија

Православна светлина бр. 76

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

error: Content is protected !!