![]()
Мати Силуана Влад
Ќе споделам со вас една голема тајна: првиот чекор кон блажената радост е да застанеме пред Бога и да прифатиме — да се прифатиме себеси и да ја прифатиме стварноста таква каква што е, за да можеме да Му ги принесеме на Господа за исцеление и растење.
Несреќни сме затоа што ја отфрламе стварноста и избираме да живееме во замислениот свет на она што „треба да биде“. Само ако се прифатиме себеси и ја прифатиме стварноста таква каква што е, можеме да направиме место за Бога.
*
Да ја прифатиме стварноста и да ги благословуваме оние што се дел од неа — а не да го прифаќаме и благословуваме страдањето како начин на живот.

Кога прифаќаме и благословуваме некоја стварност, Самиот Бог — Изворот на благословот и Оној Кој ја дал заповедта — влегува во таа стварност и ја преобразува во нешто друго: во место на средба со Него, во врата низ која влегуваме во Неговата радост!
Страдањето не е ништо друго освен миг во кој се предаваме во Неговите раце исполнети со љубов — раце кои, сепак, се прободени од клинците на распнувањето.
Стравот нѐ тера да бегаме од крстот. Нѐ наведува да си замислуваме дека прифаќањето на крстот значи големо и непрестајно страдање. Тоа е дело на таткото на лагата!
*
Кога ти, јас или кој било друг што е жеден за радост и љубов ќе ја прифати стварноста таква каква што е, се ослободуваме од нејзиното „толкување“ според обрасците што се „запишани“ и вкоренети во скриениот дел од нашиот мозок, до кој нашата слободна волја нема пристап.
Во тие мигови, без потпора во минатото, ранливи, но живи, Го повикуваме Бога и благословуваме, наспроти сите надворешни докази.
Тогаш се закотвуваш во внатрешната вера и во надежта во сето она што е невидливо, но ветено од Господа.
Ако нештата што се случуваат во твојот живот ги „толкуваш“ според обрасците од минатото, тие ќе продолжат да бидат она што биле дотогаш! Но ако ги толкуваш според законот на Духот, тие ќе станат нешто што твојот ум не може ни да го замисли.