Зошто се чувствувам лошо после молитвата?

Spread the love

Loading

Мати Силуана Влад

Прашање:

Зошто почнувам да се чувствувам лошо кога подолго време се молам со молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“?

Мати Силуана:

Мило мое, Бог нѐ создал да бидеме врска меѓу видливиот и невидливиот свет. Во своето битие имаме составни делови од материјалниот свет, но имаме и нематеријална душа, слично на ангелите.

Истовремено, преку несоздадените енергии ние сме врска меѓу создадениот свет — видлив и невидлив — и Создателот. Во оваа улога сме „преобразувачи“: преку умот, односно нусот, ја примаме од Бога несоздадената енергија — благодатта — која потоа ги создава и храни мислите и делата што се воплотуваат во нашата стварност.

Ако својот ум не го поврземе со Бога, ќе примаме енергии од духовите на темнината и ќе ги претвораме во мисли, а потоа и во дела што ќе влијаат врз нашата стварност.

Излезот од страдањето што го спомнуваш се состои во поврзувањето со Бога преку Светите Тајни и во усвојувањето на благодатта што ја примаме преку молитвата. Така, сѐ што имаме — и телесно и душевно — ќе биде проникнато и преобразено од благодатта и ќе стане духовно.

Значи, твојот дел е да Му принесеш на Бога сѐ што е твое — умот, чувствата и сетилните доживувања — за сето тоа да биде преобразено и одухотворено, а со тоа да се промени и твојата стварност, и внатрешната и надворешната.

Тоа што почнуваш да се чувствуваш лошо по подолга молитва е знак дека молитвата е добра. Тоа е доказ дека благодатта проникнала во твоите болни и скриени места, за да ги исцели. Тие се наоѓаат во тебе и досега биле чувани во темнина, а сега си повикана да Му ги принесеш на Бога, да ѝ ги предадеш на Божјата благодат, за таа да ги исцели и да ги преобрази во нешто добро.

А кога ќе те нападне помислата: „Не можеш да направиш ништо“, можеш тој напад да го претвориш во нешто полезно и да речеш:

„Да, Господи, без Тебе не можам да направам ништо. Дојди кај мене, Господи! Ти благодарам, Господи, што доаѓаш кај мене“.

Се разбира, ако не си дозволуваш целосно да Му се предадеш, тоа значи дека сѐ уште сакаш да се напиеш уште една „голтка“ од опојниот пијалак на противењето и оддалечувањето.

Но имам голема доверба во твојот копнеж по Господа и знам дека со Него, во Него и со Неговата голема милост ќе надминеш сѐ!

Биди благословена!

Со љубов и молитва,

Мати Силуана

Превод од англиски јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!