![]()
Нашата Црква има да покаже „облак од сведоци“ — мажи и жени, млади и стари, благородници и незнајни, богати и сиромашни, слободни и робови. Тоа се славните Христови маченици, кои, повикани од околностите, го дале своето сведоштво за Распнатиот и Воскреснатиот Христос како единствен Искупител на човечкиот род. А тоа свое сведоштво го запечатиле со неверојатни страдања, со својата крв и, на крајот, со самиот свој живот. Еден таков благоухан цвет на древната Црква е светата великомаченичка и девственомаченичка Параскева.
Таа се родила во Рим во II век по Христа, во време кога суровите и нечовечки гонења против христијаните биле во полн ек. Нејзините благочестиви родители, Агатоник и Политија, очигледно од грчко потекло, биле имотни и угледни во општеството. Тие на својата единствена и многусакана ќерка ѝ ја пренеле својата побожност и верата во Христос Спасителот.
Ја нарекле Параскева, бидејќи се родила во петок — денот во кој се подготвуваме да го празнуваме седмичниот празник на Воскресението на нашиот Господ, неделата.
Уште како дете, благочестивата девојка почнала да го изучува словото на Евангелието и својот живот да го сообразува со Христовиот живот. Христа Го возљубила со сета сила на својата душа. Од другите девојки во Рим се издвојувала со својот добродетелен живот и со својата чистота.
На дваесетгодишна возраст ги изгубила своите родители. Овој настан станал повод нејзиниот живот да тргне по нов пат. Првото нешто што го направила било да го раздели својот голем имот на сиромашните, а потоа целосно се посветила на служењето на Црквата, односно на милосрдието и мисионерството.

Црквата во Рим ѝ ја доверила катихизацијата на жените. Таа влегувала и во богатите палати и во домовите на сиромашните, проповедајќи го Евангелието и основите на христијанската вера со особена ревност и жар. Често заминувала и во оддалечени места, за што повеќе луѓе да ги приведе кон спасението во Христа.
Гласот за неа набргу стигнал до римските власти, кои уште од времето на свирепиот Нерон, во 67 година по Христа, спроведувале безмилосно гонење на христијаните.
Се наоѓаме во времето на царот Антонин Пиј (138–161). Дејноста на благородната христијанска девојка станала позната и во царскиот двор. Царот наредил да ја уапсат и да ја изведат пред него.
Скромната и прекрасна благородничка застанала пред фанатичниот идолопоклонички владетел со невидена храброст. Антонин бил восхитен од убавината и смелоста на Параскева и затоа не сакал веднаш да го примени законот, кој предвидувал ужасни мачења за оние христијани што одбивале да им принесат жртви на паганските „богови“ и да запалат темјан пред царот, кого го сметале за „бог“.

Тој започнал разговор со неа, надевајќи се дека ќе успее да ја разубеди, дека таа ќе се откаже од христијанската вера и ќе им принесе жртва на идолите и на неговиот сопствен лик. Се обидувал да ја придобие со евтини ласкања и ветувања. Исто така настојувал да ѝ објасни дека, како Римјани, биле должни да им принесуваат жртви на „боговите“, покажувајќи им на тој начин благодарност за нивната наводна заштита.
Но Параскева останала непоколеблива во својата вера. Со голема храброст, бистрина на умот и разумни докази им се спротивставувала на зборовите на Антонин, нагласувајќи му дека единствениот вистински Бог е Троичниот Бог, Кого ни Го открил Неговиот воплотен Син.
Нејзиниот став и нејзините зборови го разгневиле царот. Гледајќи дека таа останува непоколеблива, наредил да ја мачат, надевајќи се дека нема да ги издржи страдањата и ќе се откаже од својата вера.
Свирепите идолопоклонички џелати применувале ужасни начини на мачење врз христијаните. Најнапред на главата ѝ ставиле вжештен шлем. Но светителката не потклекнала и трпеливо ги поднесувала неподносливите болки од изгорениците.
Потоа ја затвориле во темен затвор, одвојувајќи ја од другите христијанки. Но својата темница таа ја претворила во место на молитва и славословие на Бога. Во текот на ноќта слегол ангел Господов и ја ослободил.
Сепак, не поминало многу време и таа повторно била уапсена и изведена пред царот. Таму, со уште поголема храброст и душевна сила, повторно им се спротивставила на неговите ласкања и закани.

Тогаш царот наредил да ја фрлат во котел со врело масло. Но Бог ја запазил, и таа не изгорела во врелото масло!
Царот помислил дека маслото не е доволно жешко, па се приближил до котелот за самиот да се увери. Тогаш ослепел од вжештената пареа. Светителката чудесно го исцелила, па затоа и се почитува како закрилничка и исцелителка на оние што страдаат од болести на очите.
По ова Антонин ја пуштил на слобода и ги запрел гонењата.
По извесно време Антонин починал, а на престолот го наследил Марко Аврелиј (161–180). Иако бил стоички философ, и тој со иста жестокост ги продолжил гонењата против христијаните.

Меѓу првите христијани што биле уапсени била и Параскева. Тој им наредил на двајца управители, Асклепиј и Тарасиј, сурово да ја мачат.
По страшните мачења, светата Параскева била обезглавена.
Христијаните во Рим, изложувајќи се на безброј опасности, успеале да ги земат чесните мошти на светителката и со почести ги погребале во една од катакомбите, како што ѝ прилега на една храбра Христова маченичка.
Нејзиниот спомен Црквата го празнува на 26 јули/8 август.
Такви се славните маченици на нашата Црква — благоуханите цветови на верата и чистотата. Врз нивните жртви и врз нивната крв се втемели и се укрепи Христовата Црква!
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев