![]()
Старец Ефрем е роден на 24 јуни 1928 година во Волос (Грција) како Јоанис Мораитис. Детските години ги помина во сиромаштија, помагајќи му на татко си во неговата работа, но секогаш го следеше благочестивиот пример на неговата мајка (која подоцна стана монахиња со име Теофанија). На возраст од 14 години почна да копнее по монаштво, но не доби благослов од својот духовник за да оди на Света Гора, сѐ додека не наполни 19 години. Со неговото доаѓање на Света Гора, на 26 септември 1947 година, веднаш отиде кај старецот Јосиф (Исихаст), во пештерата на Чесниот Претеча, којшто го прими во своето братство, и го замонаши 9 месеци подоцна во 1948 со името Ефрем. Од послушание кон старецот, монахот Ефрем беше ракоположен за ѓакон и потоа за свештеник. Животот во братството на старец Јосиф беше многу строг и подвижнички. По упокојувањето на старецот Јосиф во 1959, се собраа доста монаси околу старецот Ефрем, когошто го имаа за духовник. Во 1973 братството се пресели во манастирот Филотеј каде што стана игумен на манастирот. Поради угледот на старецот Ефрем, монашкото братство брзо се зголеми. Светогорската заедница побара од него да ги заживее другите манастири кои страдаа од недостаток на монаси, како во Ксиропотам, Констамониту и Каракалу. Овие манастири до ден денес се под негово духовно раководство.

Исто така постојат и многу други манастири во Грција под раководство на старецот Ефрем, како манастирот на Чесниот Претеча Јован во Серес, Богородица Одигитрија (Патеводителка) во Портарија (Волос) и оној на Архангелот Михаил, поранешниот метох на Филотеј, на островот Тасос. Во 1979 година пристигна во Канада поради здравствени причини. Отецот Ефрем, штотуку пристигна во Канада и започна со лекарски испитувања, истовремено почна да исповеда, да советува, да ги поучува преселените Грци. Неговата пастирска активност, после поканата, од Канада се прошири во САД. Оттогаш посетите зачестија и неговиот пастирски придонес се зголемуваше. Тогаш полека-полека почна да созрева мислата за основање на манастир во Америка, така што иселените Грци да имаат трајна база за духовна храна. Навистина започнаа активности и на почетокот беа основани два манастира, едниот во Монтреал (Канада) а вториот во Питсбург (САД). Потоа беа основани уште неколку манастири, така што денес постојат 19 манастири и во овој период се создаваат уште два. Тој продолжи да биде духовник на свештените манастири на Света Гора и на 8 женски манастири низ Грција, но, бидејќи не беше практично да биде уште игумен на манастирот Филотеј, затоа што долго време поминуваше во Северна Америка, па затоа во 1990 се повлече од таа функција.

Во Америка досега има основано 19 манастири, од кои 2 во Канада (машки и женски), кои припаѓаат на Грчката архиепископија на Америка и Канада. Манастирите се во овие места: 2 во Флорида, 2 во Тексас, 2 во Чикаго, 2 во јужна Каролина, 1 во Њујорк, 1 во Вашингтон, 1 во Пенсилванија, 1 во Калифорнија, 1 во Илиноис, 1 во Мичиген, 1 во Монтреал и 1 во Торонто, посветен на Христос, Богородица и на разни светители. Исто така има изградено и еден старечки дом. Последните години старецот ги помина во манастирот на Свети Антониј во пустината на Аризона, малку оддалечен од главниот град на Аризона – Феникс, а близу до градот Флоренс. Таму, од обична и бесплодна пустина, денес има вистинска оаза, со многу дрвја, овошки и плантажи. Старецот Ефрем, откако се причести со светите Таинства, мирно се упокои во Господа, на 7 декември 2019 година. Бог да го упокои, а нас да нѐ помилува по неговите свети молитви.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев