![]()
Преподобен Јероним Егински
„Штом го спомна Каиро, имам нешто да ти откријам за свети Нектариј, кој беше таму, епископ Пентаполски. Она што ќе ти го кажам сега, сакам да го запаметиш, бидејќи подоцна ќе ти користи, кога јас веќе нема да бидам жив.
Една монахиња која има многу пари ќе се опрелести и ќе напише книга против свети Нектариј. Ти исповедам, ќерко, Нектариј е светител. Многу луѓе ќе бидат трогнати од тоа. Ти внимавај тогаш, кога монахињата ќе ги напише овие книги, да се сетиш на моите зборови. Најпрво да ти кажам што се случи во Египет.

Бев многу мал кога светителот беше владика, т.е. епископ Пентаполски. Тој беше искусен духовник, со голема ревност, со свет живот и добродетели. Многумина притекнаа кај светителот, особено жени и многумина со проблеми. Другите клирици и монаси, гледајќи дека светителот има приврзаници, т.е. духовни чеда, толку му позавидеа на светителот, што отидоа кај Патријархот Александриски Софрониј и му рекоа дека Нектариј е блудник и еретик и многу други нешта.
Патријархот не знаејќи ја зависта нивна им поверува и без да го повика светителот и да го распраша, го разреши од епископ Пентаполски и од обврските во канцеларијата на Патријаршијата. Му испрати отпустително писмо и го обврза да замине од Александрија и да оди каде што сака. Светителот – да не ти објаснувам, ги знаеш овие работи, – замина и дојде во Грција. Но и тука Патријаршијата имаше испратено писма до Црквите, со обвинувања против светителот. Дури и до Министерството за образование испратија документ од Египет во кој се велеше дека заминал оттаму поради морални причини. Светителот им прости, но имаше голема болка и многу страдаше. Но, да видиш, ќерко, што се случи во Египет:
Веднаш штом замина светителот, кога поради големото искушение и со тага дојде во Грција, сите завидливи клирици кои го обвинуваа, станаа демонизирани и претрпеа штета и ја признаа клеветата и сите неправедни обвиненија против светителот. Гледајќи го патријархот ова чудо, сфати дека беше исмеан од клириците и испрати писмо за да се врати Нектариј Кефалас на своето место. Но, овој благословениот, требаше да го напише и чудото што се случи. И онаму каде што го испрати писмото со обвиненијата, требаше да испрати друго писмо за да се отповика, да ја исправи грешката и да го изложи чудото. Па така, и до Црквата во Грција напиша да се врати назад светителот, но не го повлече назад она што претходно го напиша, т.е. осудувањата. Светителот не се врати, го знаеш тоа. Па така, ќерко, овие осудувања, клевети, ќе ги земе како основа монахињата што ќе напише книги против светителот, откако претходно ќе западне во прелест (духовна себеизмама). Да го памтиш тоа и да не те расколебува ништо за светоста на свети Некариј.

Потоа дојде и тука светителот на Егина, во манастирот и тука се упокои. Бог го прослави. Дојдов и јас на Егина за да ги оставам и јас моите коски во близина на светителот кој живееше во наше време“.
Често одев кај старецот. Ми откри и предвиде сѐ со огромна точност. Исто така сѐ се случуваше, како што ми велеше.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев
Изворник: Старец Јероним Егински, од Сотирија Нуси (преводот на новата книга за преподобниот Јероним е во тек).