Зошто еден човек ги понижува другите?

Loading

А. В. Кирјанова

Зборува гнасни работи, го обезвреднува од високо она што го создале другите, ги понижува туѓите достоинства и постигнувања? А штом ќе добие мала власт над некого, тогаш почнува да се изживува. Зошто прави така, какво задоволство добива од тоа?

Луѓето со мал душевен раст сакаат околу себе да имаат џуџиња. И тие ги претвораат во џуџиња сите свои блиски. До туѓите потешко е да се стигне. И оние кои од нив зависат, овие луѓе се обидуваат да ги претворат во џуџиња.

Понижувањето на другите – тоа е стремеж да се сокрие сопствената нискост. Својата маленкост.

Понижуваат оние кои се ниски. Така им е поудобно и побезопасно. Самите тие се џуџиња, злобни лилипутанци. Дури и да се поголеми и пострашни. Тие сиот свој живот го вложиле во тоа, за да изгледаат поголеми. Но, ништо не излегло од тоа. Многу полесно е да ги понижиш другите.

А тие се плашливи. Оној кој ги понижува другите секогаш е малодушен; тој има малечка и ситна душа. Слично на детска табуретка или рибарско столче. Тој не е душа, туку бедотија.

И од тоа столче тие се обидуваат да се допрат до другите души и да ги понижат. Да ги понижат туѓите достигнувања, душевни пориви, таланти и победи, убавината или добрината. Да ги направат малечки, ниски, осакатени; а оние кои ги поседуваат тие квалитети – да ги претворат во џуџиња.

Тогаш ќе им биде не толку навредливо. И сѐ ќе биде јасно, а главното – достапно на малиот и беден ум.

Да ги понижува и обезвреднува другите се обидува само оној, кој е низок и ништо не вреди. Во длабочината на душата таквиот човек така и себеси се оценува. Затоа што манијата за величие – тоа е обратна страна од комплексот на пониска вредност.

Нека се справуваат сами со своите комплекси и мании. Подобро е да се замине подалеку од нив. Или да го замолиме да се тргне подалеку од нас таквото малечко, злобно човече со неговата ниска и бедна табуретка…

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *