Непосредна интервенција
На 3-ти јуни бев примен во болницата „Свети Павле“ во Кифисја заради операција на десното рамо, бидејќи страдав од изместување на рамото. Во текот на првото деноноќие не можев да уринирам. Ми дадоа разни лекови за уринирање и термофори, но пак не можев. Дојде лекарот и со катетер ја собра урината и се смирив. Ме советуваше лекарот дека веќе самиот морам да уринирам, бидејќи ако поминат пак 24 часа, ќе употреби катетер кој предизвикува болка и кој е опасен.
Поминуваа часовите, но ништо. Стегањето и болките во стомачниот простор беа неподносливи. Го подготвија катетерот. Се помолив срдечно на светиот Нектариј. Ох, какво чудо! Веднаш успеав сам, на изненадување на присутните. Веднаш штом излегов од болницата, со гипс од желудникот до вратот, отидов да се поклонам на неговите свети мошти и на неговиот гроб, благодарејќи му за неговата помош.
Во болницата дојдов повторно на 22 јули, за отстранување на гипсот и физиотерапија. И повторно чудотвореше светителот. Другите пациенти со иста дијагноза правеа три месеци физиотерапија, а јас по еден месец излегов здрав. И пак со многу роднини го посетив манастирот на светителот. Му се заблагодарив и му ветив дека ќе го славам величествено неговиот празник. (16.10.1968) – Јероѓакон Павлос Цаусоглу (сега митрополит на Глифада) – Превеза.
Исцелување на болките. Појавување во сон
Бев болна речиси една година. Не можев со леснотија да дишам. Мојот желудник и стомакот ми беа надуени. Имав такви болки, што се будев ноќе. Направив рентгенски снимки, испитувања. Се опуштав малку со лековите и пак се враќав на истото, па и на полошо.

Една вечер додека бевме во ресторан со мажот ми одеднаш ме фатија такви болки, што повикаа такси и ме однесе дома испружена, како на носилки. Викав половина час додека да стасаме дома. Ме раздени во таква ужасна состојба. На пладне не јадев. Во 15 часот, на 24 јуни, ги затворив очите, но не спиев целосно, кога една мува застана на мојата нога и ја слушав, но не ја бркав за да не го загубам она што како видение го гледав полузаспана.
Се најдов во еден манастир со калуѓерки. Беа 5-6 покриени со црни марами. Чекаа некој свештеник. По кратко време започна пеење и кога заврши гледам еден свештеник, влегувајќи во црквата каде што бевме, со парталаво расо, блед. Само јас се поместив од местото. Со 2-3 чекори се најдов до него, на еден метар оддалеченост. Се наведнав со поклонување, но не се осмелив да му ја фатам раката за да ја целивам. Му реков: „Добредојдовте!“ Тој ме погледна, застана, ми се насмевна, без да проговори, и потоа продолжи и влезе во олтарот. Повторно почна црковното пеење што го чув на почетокот. Заминувајќи на оддалеченост од околу 5 метри, слушнав еден машки спокоен глас како ми вели: „Маслото на свети Нектариј“. Ми го рече тоа 4-5 пати. Ги отворив очите. Се сетив на маслото што го зедов пред еден месец од манастирот на светителот. Ми го даде монахињата. Го чував кај иконите.
Кога си дојдов на себе ми дојде да плачам. Плачев постојано. Целата се тресев. „Јас грешната“, – си велев самата на себе, – го видов светиот Нектариј!“ Се прекрстив со маслото. По околу десетина минути се намалија болките. Клекнав на колена пред иконите. Благодарев, го молев светителот да ме исцели целосно.
По една недела ми престана сè. Еве веќе три месеци како сум здрава. Слава на светиот Нектариј. (3.11.1968) А.В. – Вамос.
Исцелување на колк и тумор
Пред повеќе години чувствував болки во моите нозе. Лекарите ми препорачаа да правам песочна терапија и други терапии. Но за жал моите болки не престануваа, туку беа посилни и практично неподносливи. Не бев во позиција да правам ситни работи. Одев со бастун.
Морав да одам кај големи ортопеди, како што е А. Тој рече дека мојот лев колк е скршен. Истото го покажаа и рентгенските снимки. Мораше да се изврши операција. Истото ми го рекоа лекарите г. П. и г. Д. Истото ми го рече г. К. Се плашев од операцијата, а беше и многу скапа. Чинеше 45.000 драхми. Ќе бев парализирана ако не се одлучев. Очајна и тажна ја положив мојата надеж во Бога. Тргнав кон Егина. Јас, која само со бастун чекорев, одев коленичејќи сè до манастирот. Со масло го намачкав болното место. Околу три дена имав ужасни болки, но беа и последни. Сега сум многу добро. Не чувствувам болка. Ги вршам домашните работи неуморно.
Во тој период ми се појави еден тумор на дебелото црево, како орев. По три дена бев совршено добро. Го славам и му благодарам на свети Нектариј. (12.1.1969) С. Г. Гуменица.
Повлекување на водите
Среда, 8 јануари 1969 година. Цел ден врнеше. Но од 3.00 до 6.00 часот дождот стигна до врвот. Поголем број куќи во селото беа потопени во вода. Сите, мали и големи, беа во движење. Камбаната чукаше силно. Бев сама дома. Водите влегоа во оставата и беа на пат да влезат и во мојот дом. Плачев и се молев на колена пред иконостасот кон свети Нектариј. Тогаш се сетив на маслото. Истурив малку од него во водите. Не поминаа ни пет минути и, – ох, какво чудо, – водите почнаа да се повлекуваат. Ми направи и на мене, грешната, едно чудо. (9.2.1969) И.Т. – Ксанти.
Исцелување на црниот дроб
Моето внуче имаше болен црн дроб. Артериите му беа отворени и испуштаа крв. Лани направија дијагноза а годинава го однесоа на лекар за да го испитаат, со намера да го оперираат. Ние му имавме таксано нешто на свети Нектариј. Пред да замине со неговите родители се помоли пред иконата на светителот и во неговата ташна го зеде маслото.
Веднаш штом го ставија на рентген, се зачуди лекарот. „Ова треба да е чудо. Артериите се затвориле“. Името на детето е Д.М.Д. (11.2.1969) П.Е. – Австралија.
Исцелување на увото
Го добив маслото од вас што ми го испративте. Веднаш штом го ставив на моето уво престана да тече. Страдав многу. Течеше и мирисаше. Имав земено икона од свети Нектариј. Ја ставив на иконостасот и запалив свеќа. Вечерта во сон гледам, како да сум во некоја црква. Таму кај што запалив свеќа, гледам еден свештеник како се поклонува пред иконата на Богородица, на Христос. Се сврте десно. Јас останав љубопитна. Не личи на нашиот поп. Кога се разбудив, ја здогледав иконата на иконостасот и личеше на свештеникот што го видов во сонот. Ì реков на сестра ми: „Го сонив светиот Нектариј!“ Овде, во туѓина, тој ни помага. 1.5.1969) Ф.К. – Германија.
Ослободување од тумор
На 7 јуни дојдов во манастирот и го донесов ветеното, четири канти масло и една туба од 4 килограми. Светиот Нектариј дојде во мојот дом и ме исцели од мојата страшна болест.
По професија сум морнар. Во 1955 година се направив операција од простата во болницата Марина во Балтимор, Америка. Во јули 1968 имав крварење и лекарите ми рекоа дека тоа се остатоци од простатата и ми направија разни терапии. Но, наместо подобро, одев на полошо.
Со многуте испитувања ми најдоа полип на мочниот меур. Отидов во амбулантата и главниот лекар ме испрати на клиниката на г. Леуси, на ул. Колокотрони 85. Таму започнаа големите болки. Останав 43 денови. Плачев и урлав како куче. Таквите болки ни во планината да не одат. На крај, дојде г. Л. и ми рече: „Господине К., вашата болест е премногу напредната и не можам ништо да сторам“. Му одговорив оти не ми останува ништо друго, освен да одам и да умрам во моето село.
Дојдов во моето село и живеев со инјекции за смирување на болките. По една на секои три часа. Целото тело ми беше издупчено. Немаше веќе место за други.
На 10 октомври, таму кај што седев на крајот од креветот, часот беше 9 навечер, и јас плачев и викав од страшните болки. Ги подигнав очите нагоре и гледам човек седнат на другиот крај од креветот и воопшто не се исплашив. Носеше расо светло сино и калуѓерска скуфија. Му реков: „Кој си ти?“, а тој ми одговори: „Јас сум свети Нектариј“. Му реков: „Грешен човек сум“. Ми одговори: „Не си грешен, ги чув твоите болки и дојдов да ти помогнам“.
Светителот цела ноќ седеше со мене. Утрото во зори излезе надвор од спалната соба и се помоли на Сесилниот Бог. Не разбрав што велеше, и стана невидлив.
Вечерта дојде еден мој соселанец и ми зборуваше за светиот Нектариј. Наредната вечер, друг соселанец ми го раскажуваше истото. Останав вчудовиден, што се случува?
Следното утро искрварив многу. Дојде времето за умирање, немав повеќе сили. Се помолив, за да го предадам мојот дух. Во мене слушнав голема врева, како земјотрес и се исфрли од моето тело еден голем крвав тумур, околу еден и пол килограм тежок. Во тој миг ми се причини дека ми се отвори стомакот. Гледам, сè е во ред. Жена ми ме држеше од едната страна, а од другата јас се држев за креветот. Ì велам: „Оздравев“. Во тој ден заспав околу 1 часот по полноќ и спиев до 6 часот утрото. Немав спиено 5 месеци. Од тој час, ни лекари, ни лекови. Потполно сум здрав. Имам 70 години.
Го славам Бога и чудотворецот свети Нектариј. (22.6.1969) Х. К. – Лаконија.
Исцелување на ребрата
Мојата сопруга отиде со некои нејзини пријателки да ги запалат кандилата и да покадат, на оддалеченост од еден и пол час со коњи. На враќање, како што седеше спокојна, се вознемири животното и ја фрли долу. Се удри, така што скрши две ребра, според мислењето на лекарот. Имаше силни болки. Дотрчав кај иконостасот каде што имам икона од свети Нектариј. Му се помолив со вера. И, ох, какво чудо! Веднаш ì престанаа болките. По два дена ја однесовме во Спарта на рентген. На патувањето не ì помагавме воопшто. Како да не ги имаше скршено ребрата. Рентгенологот М. се вчудовиде од настанот. Се зачуди како не се оштети белиот дроб. Без интервенција, без лечење, беше потполно добро, без да се пази од било која работа. (30.7.1969) И. Л. – Лаконија.
Превод од грчки јазик:
Ѓакон Јани Мулев
Наслов на изворникот:
Θαυμαστά σημεία του αγίου
Νεκταρίου Πενταπόλεως
του εν Αιγίνη, Ι. Μ. Αγ. Τριάδος –
Αγίου Νεκταρίου, Αιγίνης, 2008.