СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ИГНАТИЈ БОГОНОСЕЦ

страдањето на свети Игнатиј Антиохиски

Loading

(Текст од IV век)

страдањето на свети Игнатиј Антиохиски

Кога Трајан ја наследил власта на Римјаните, (тогаш) беше Игнатиј, ученик на апостол Јован, маж во сè апостолски, и внимателно (επιμελως) управуваше со Црквата на антиохијците. Тој, само што ги имаше пребро­дено старите неволји од многуте гонења од времето на Домицијан, и како добар кормилар, под раководство на молитва и пост и постојано поучува­ње и духовно бодрење, се спротивставуваше на противничката бура, пла­шејќи се да изгуби некој од малодушните или од неискусните (верници).

Бидејќи гонењето на кратко престанало, тој се радуваше на непо­ко­леб­ливоста на Црквата, но во себе негодувал затоа што (самиот) сè уште не ја достигнал вистинската љубов кон Христа, ниту, пак, совршеното звање на ученик (Господов). Зашто, подразбирал (ενενόει – сметал) дека исповед­ниш­тво­то, кое би било преку мачеништво, повеќе би го приближило кон Господа. И така, останувајќи уште малку години на чело на Црквата и осве­тлувајќи го, како божествена светилка, умот на секој (верник) со толку­вањето на Божествените писма, (на крајот) го постигнал тоа што го посакувал.

Зашто, кога потоа Трајан, во деветтата година од своето царување (107 год.), возгордејувајќи се од победата над Скитите и Дачаните и над многу други народи, и сметајќи дека од потполното покорување му бега (само) уште богопобожниот собор (τό Θεοσεβές σύστημα) на христијаните, почнал да се заканува дека (христијаните) ќе поднесат гонење ако не се согласат со сите народи (των εθνων – незнабошците) да се потчинат на служе­њето на демоните, та ги принудувал сите што живеат побожно (христијаните) или да принесат жртви (на идолите) или да умрат (τελευταν – да завршат). Значи, тогаш, овој храбар Христов војник, плашејќи се за Црквата на антиохијците, отишол доброволно пред Трајан, кој во тоа вре­ме престојувал во Антиохија, а имал намера да тргне на Ерменија и на Персијанците.

А кога тој застанал пред царот Трајан, овој му рекол: „Кој си ти, како демоне (зли демоне), кој настојуваш нашите наредби да ги преста­пуваш; а со тоа и ги убедуваш и другите од зло да погинат?“ – Игнатиј одго­во­рил: „Никој не го нарекува Богоносецот како демон, затоа што демоните отстапиле од Божјите слуги. Ако пак мислиш дека јас сум им (на демони­те) непријател и ме нарекуваш зол кон демоните, тогаш се согласувам. Зашто имајќи Го Христос, Царот Небесен, јас ги уништувам нивните зам­ки“. – Трајан рекол: „А кој е тој Богоносец? – Игнатиј одговорил: „Оној што го има Христос во себе“. – Трајан рекол: „А зар ние според тоа изгле­даме како да немаме богови, кои ги користиме како помошници против непријателите?“ – Игнатиј рекол: „Се лажеш, нарекувајќи ги демоните за богови на незнабошците, зашто Еден е Бог, Кој ги создал небото и земја­та и морето и сè што е во нив; и Еден е Христос Исус, Синот Божји Едино­ро­ден, чие Царство силно го посакувам!“ – Трајан рекол: „Зборуваш за Оној Кој беше распнат во времето на Понтиј Пилат?“ – Игнатиј рекол: „За Него Кој го распна мојот грев, заедно со неговиот пронаоѓач (ѓаволот), и Кој ја осудил секоја демонска измама и злоба (со фрлање) под нозете на оние што Го носат во срцето“. – Трајан рекол: „Значи, ти во срцето Го но­сиш Распнатиот?“ – Игнатиј рекол: „Да, затоа што е напишано: Ќе се все­лам во нив, и ќе живеам меѓу нив“ (3. Мој. 26, 12; 2. Кор. 6, 16). – Трајан (тогаш) одлучил: „Наредуваме Игнатиј, кој зборува дека во себе го носи Распна­ти­от, да биде врзан (окован) и од страна на војниците да биде однесен во ве­ли­ки­от Рим – за да биде храна на ѕверовите за развеселување на демосот (народот)“.

Светиот маченик, откако ја слушнал оваа одлука, со радост воз­викнал: „Ти благодарам, Господи, што ме удостои да ја почествувам совр­ше­ната љубов кон Тебе, откако ме врзаа со железни окови заедно со Тво­јот апостол Павле“. Откако го кажа тоа и откако со радост ги прими око­ви­те на себе, тој се помолил најнапред за Црквата и откако во солзи ја предаде на Господа, како достоинствен (библиски) овен, предводник на доброто стадо, беше зграбен од ѕверската грубост на војниците и поведен во Рим, крволочните ѕверови да го растргнат.

Така, со огромна готовност и радост, сакајќи да пострада (за Хрис­та), слезе од Антиохија во Селевкија и оттаму беше возен со кораб. Отка­ко по голем напор дојде во градот на смирјаните, со голема радост слезе од коработ и поита да го види Поликарп, епископот на смирјаните, кој заедно со него бил слушател (ученик), зашто порано биле ученици на апостол Јован. Откако слезе до него и откако се приопшти со неговите духовни дарови, и фалејќи се со оковите (за Христа), (ги) молеше да сопо­дви­­зуваат со неговата намера (страдање); и посебно (ја молеше) целата Црква заедно, зашто светиот, преку епископите и презвитерите и ѓакони­те, го примиле во посета градовите и Црквите во Азија, итајќи сите кон него, на некој начин да добијат дел од неговиот духовен дар; и посебно (го молеше) светиот Поликарп (да го замоли Бога) преку ѕверовите набргу да стане невидлив за светот, а да се појави пред лицето Христово.

И (сето) ова така го говореше и така го посведочуваше, толку зго­ле­мувајќи ја љубовта кон Христа, така што можел да ги достигне небесата преку доброто исповедништво и ревноста на оние што заедно со него се молеле за страдањето, а на Црквите, коишто му излегле во пресрет преку своите старешини (των ηγουμένων – водачи), како награда им возвратил со испра­ќање благодарни посланија до нив, кои (со своите) молитви и поуки мирисаат со духовна благодат. Меѓутоа, гледајќи, дека сите тие се благо­наклоно расположени кон него, се исплашил љубовта на братството (η της αδελφοτητος στοργη) да не го запре неговото ревнување за Господа, зашто (сега) му била отворена добрата врата за мачеништво, како што и напи­шал (во Посланието) до Црквата на Римјаните, што (овде) го прило­жу­ва­ме.

Откако се подготви, онака како што сака, (со своето) Послание до оние браќа (христијани) во Рим кои не сакале (тој да пострада), замина од Смирна – затоа што Христоносецот (ο Χριστοφορος) беше брзан од војни­ците, (што е можно побргу) да стигне до почестите во великиот Рим, та пред римскиот демос да биде фрлен на дивите ѕверови, и да се задобие со венецот на страдањата – па пристигна во Троада (кај Троја). Оттаму потоа е одвезен во Неапол (Кавала), па преку Филипи поминуваше низ Македонија и (понатаму) преку Епир, кон Епидамнос (Драч), та на приморјето најде кораб и пловеше преку Јадранското Море, од каде што преминал во Тиренското, минувајќи острови и градови, додека на светиот не му се покажа Потиоли (кај Неапол), каде што поитал да излезе сакај­ќи да оди по стапките на апостол Павле. Но, бидејќи дувнал силен ветер и не го дозволил тоа, затоа што коработ со носот се опирал, пропловиле таму (без застанување) фалејќи (μακαρίσας) ја љубовта на браќата во тоа место.

Во текот на еден ден и следната ноќ, значи, зафрлувани од повра­тни­те ветришта, ние неволно и понатаму бевме водени, жалејќи поради претстоечката разделба на Праведникот од нас. А нему сè му одеше преку молитва, затоа што иташе што побргу да излезе од овој свет за да стигне кај Господа Кој Го Љубеше. Допловувајќи така во Римското пристаниште, војниците поради претстоечката, да кажеме, нечиста свеченост, негодува­ле поради задоцнувањето, а епископот со радост ги послушал во (таа) брзаница.

Оттаму пак беше одведен од таканаречениот Порт, а веќе се беше прочуло ова со светиот маченик, па попатно сретнуваме браќа (хри­сти­ја­ни) исполнети со страв и со радост. Тие се радуваа што се удостоија за средба со Богоносецот, а се плашеа затоа што таков (човек) е воден на смрт. На некои (христијани), кои беа огнени и говореа дека ќе го убедат демосот (римски) да не бара погубување на Праведникот, им порачувал да се смират. Тој, тоа го дознал веднаш со духот; и откако ги поздрави сите, бараше од нив вистинска љубов, и уште повеќе од тоа во Посланието (до Римјаните) (им) говорел и ги убедил да не му завидуваат на оној што ита кон Господа. Така, со клечење на сите браќа, го замолил Синот Божји за Црквите (υπερ των Εκκλησιων), за престанување на гонењата, за меѓусебна љубов на браќата. Тогаш набрзина беше однесен во амфитеатарот (Колосеумот).

Потоа веднаш беше затворен, според поранешната наредба на кесарот, затоа што требало да заврши свеченоста – а тоа била знаменитата, како што сметаа, таканаречена со римски јазик Тринаесетта (свеченост), за чие време се собирале официјално – па така е фрлен на суровите животни покрај храмот. Така набрзина е исполнета желбата на светиот маченик Игнатиј – согласно напишаното: „Желбата на праведникот бива прифатена! (Мудр. Сол. 10, 24) – та ниту на еден од браќата (христијани) да не биде на товар поради собирањето на неговите остатоци, како што и претходно посакал во Посланието (до Римјаните), крајот да му биде (таков) (την… τελειωσιν – свршеток – совршенство). Единствено (потоа) се собрани покрупните остатоци од неговите свети мошти (των αγιων αυτου λειψανων), кои се пренесени во Антиохија и положени во платно, како непро­ценливо богатство оставено на светата Црква од благодатта (Божја) која е во маченикот.

А ова се случило ден пред тринаесеттите Календи во јануари, одно­сно на дваесетти декември, кога во Рим биле конзулите Сур и Сенекиј по втор пат.

Бидејќи сме биле очевидци на ова, ја пробдеавме целата ноќ пла­чејќи во куќата, и со клечење и молитва многу го молевме Господа да нè изведе нас слабите од ова што претходно се случи. Откако заспавме малку, некои (од нас) видовме како (Игнатиј) ненадејно ни доаѓа и нè прегрнува; други, пак, го гледавме блажениот Игнатиј како одозгора се моли заедно со нас, а трети (видоа), како тој целиот во пот, и со голем труд (καματου – напорна работа), стига и застанува пред Господа. Така, гледајќи го ова со голема радост и откако ги споредивме овие видувања на сон, отпеавме по­хва­ла на Бога, Давателот на добрините, и откако го прославивме (μακαρισαντες – откако го пофаливме) Светиот, ви го јавивме и денот и времето (годината) на мачеништвото (негово), та сите, собирајќи се во времето на мачеништвото (на неговиот спомен), да станеме заедничари со Страдалникот и храбриот Христов маченик, кој го победи ѓаволот и го заврши патот на својата христољубива желба, во Христа Исуса, нашиот Господ, преку Кого и со Кого е славата и моќта на Отецот, со Светиот Дух, во вековите. Амин.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *