![]()
Отец Василиј Термос
Види: Прв дел – Православен подвиг
Втор дел – Православен подвиг
И така стигнуваме до третата карактерна црта на православниот подвиг: кршењето на нашиот егоизам, нарцисоизам и гордост. Од каде произлегува тоа? Од еден прост факт. Првиот грев, кој бил извршен во светот, најпрвиот грев бил дело на некој, кој немал тело. Ѓаволот немал тело. Тој не се хранел. Немал телесни страсти, но пројавил гордост. Последица на првиот грев кој човекот го извршил е гревот на егоизмот и на нарцисоизмот. Но некој ќе рече – како тоа? Откако јаделе од некое си дрво, од кое не смееле. Зарем тоа не било телесен грев, не било стомакоугодие? Не, нивниот грев не бил стомакоугодувањето. Бидејќи ѓаволот, кога им го дошепнал искушението на првосоздадените луѓе, не им рекол: Колку убав плод! Не бидете безумни! Јадете! Многу е вкусен! – Тој не им го кажал ова. А што има рекол? – Не бидете безумни! Бог сака да не јадете од тоа дрво, бидејќи, ако јадете, ќе станете како Него и ќе Му го земете местото! Може да станете богови, ако јадете од него! Ѓаволот го надувал нивниот егоизам. Кога првосоздадените луѓе го чуле тоа и го виделе плодот, рекле: „А да, убав е! Сигурно е вкусен!“ Гледате, дека оттогаш корен на секој грев и страст е егоизмот. Дури и телесните страсти се должат на егоизмот. Кога го искористувам другиот како предмет за моите телесни страсти, тоа е егоизам, во смисла, дека не се потчинувам на тоа, кое целата Црква го прави и се одделувам себеси. Кога не можам да покажам љубов, зад тоа се крие егоизам, бидејќи сакам да се отворам себеси. Кога не можам да простам, тоа е манифестација на егоизмот, бидејќи не сакам да се понижам себеси, како што си мислам, не сакам да паднам во очите на другиот. Кога се конфронтирам со членовите на моето семејство и се гневам – секојдневни работи кои сите ги живееме, ете во тоа се крие егоизам. Бидејќи реално би требало да сме искрени и да си признаеме, дека ако секој си го отвори срцето, ќе открие во себе слична мисла: „Заслужувам подобра жена! Заслужувам подобар маж! Заслужувам подобри деца!“ Никој не е задоволен од членовите на своето семејство. Затоа влегуваме во конфликти. Кој христијанин вели:
- Не го заслужувам мажот/жената што го имам! Или децата, кои ги имам! Не сум достоен за нив. Му благодарам на Бога! Божја благодат е тоа што ги имам!
Кога мислиме дека заслужуваме нешто подобро, нормално е да се раѓаат цел куп конфликти. Затоа треба да се бориме против егоизмот и нарцисоизмот преку подвигот. Нешто што веројатно не сме го разбрале добро. Сетете се што се случило со фарисејот од параболата, која ја кажал Христос. Фарисејот вршел големи подвизи. Тој навистина живеел подвижнички живот, како што налагал Мојсеевиот зкаон, постел двапати во седмицата, давал милостина – една десетина од приходите, кој од нас одделува десетина од приходите за бедните? Кој го прави тоа? Фарисејот го правел, затоа што го знаел Мојсеевиот закон. Ние би требало да даваме повеќе, бидејќи сме христијани, многу понапред сме од Стариот Завет. И наспроти тоа Бог се одвратил од него. Зошто? Затоа што фарисејот ги вршел сите подвизи, освен еден: кршењето на својот егоизам. Тоа било доволно, за да го одведе во духовна погибел. Доволно! Отците велат дека смирениот човек полесно ќе влезе во Царството Божјо, макар и да нема други добродетели. Преку смирението како да си подготвуваш пат и влегуваш побрзо и полесно во Царството Божјо, макар и да не си напреднал во ништо друго, т.е. длабоко во себе имаш вистинско смирение. Она што го велиме сега, нѐ води и до една друга мисла – до тоа како треба да се извршува православниот подвиг. Православниот подвиг се извршува не просто како да го има за цел смирението, туку и со смирение. Со други зборови, не се сметам себеси важен поради тоа што го правам. Но, некој ќе рече:

- Толку многу се изморуваме од подвигот! Види како живеат луѓето наоколу! Се оддаваат на наслади, им се радуваат на парите, а ние се лишуваме од толку многу нешта во Црквата!
Зошто е лошо да мислиме така? Пред сѐ е лошо затоа што дури и самата таа мисла означува дека го чувствуваме подвигот како нешто одречно, како лишување од нешто. Не е тоа смислата на подвигот. Ако беше така, Црквата би требало да биде едно доста посредно и мрачно пространство, кое го лишува човекот од нешто. Што е подвигот – да се лишуваш од едно или друго? Тоа ли е смислата на духовниот живот?
Ако мислиме така, ќе западнеме во гордост. Тоа е сигурно. Бидејќи откако сме се лишиле од толку многу нешта, како потоа да не си го припишуваме тоа на себеси? Тоа е како жртвите кои ги правиме за своите деца, но додека тоа се реални жртви, најпосле бараме од нив да ги исполнат нашите очекувања кон нив. Ако не ги исполнат, се исполнуваме со непријателство кон своите деца поради тоа што нѐ отфрлиле, што нѐ презреле. Но тогаш какви биле тие жртви? Какви жртви се оние, кои се извршуваат со душевен притисок, со негодување, со млитавост, а не со радост? Кај сопружниците, кои се сакаат силно, ако едниот отиде на некое долго патување, и отсуствува некое време, другиот што прави? Зарем го изневерува? Зарем оди со некој друг? Кога има љубов, тие остануваат верни еден на друг, дури и едниот да отсуствува долго и тие не го сметаат тоа за жртва. И никој од двајцата не ја смета својата верност за нешто посебно, туку за нормално, бидејќи дејствува љубовта. Од тоа следува дека побудата за подвиг е – љубовта. Ако Го љубам Бога, тогаш нема да се чувствувам принуден да го правам тоа и уште повеќе нема да чувствувам гордост за извршеното. За жал, многу христијани – членови на Црквата, кои се подвизуваат сурово, го живеат следното тажно собитие. Кое е тоа? Да се подвизуваат сурово, но во светот се чувствуваат горди за тој свој подвиг. И како се одмаздуваат? Со жестокост, со горчина, стануваат сурови кон оние кои не вршат подвизи, лесно ги судат, ги отфрлаат, им ги следат грешките.
Во апостолското четиво во неделата на Сирни поклади светиот апостол Павле нѐ предупредува дека тој којшто пости, не треба да го презира оној кој не пости и не треба да му зборува жестоко и недолично. Во тоа е гордоста и недостатокот на радост. Стануваме горди, затоа што не црпиме радост од животот во Црквата. Не го доживуваме подвигот со радост, можеби го вршиме дури со страв и мислиме, дека ако не запазиме некои основни нешта, Бог ќе нѐ казни. Затоа го извршуваме подвигот од страв, а тогаш не можеме да доживееме радост. Потоа логично доаѓа и следниот чекор, којшто е гордоста: штом не се радувам, штом не добивам никакво задоволство, потоа станувам суров кон другиот, кој не се подвизува според моите претстави и кој дури може да е член на моето семејство. Сите сме ја виделе таа појава, кога луѓе, кои во подоцнежна возраст Го спознале Бога, се промениле, влегле во Црквата и започнале да водат духовен живот, им го прават животот на блиските неподнослив. Започнуваат да ги измачуваат луѓето околу нив, ги прават несреќни, бидејќи додека се менувале и се воцрковувале, наместо да имаат поголема љубов, добрина и благост, станале посурови. Тие сакаат да ги стават во ист калап својот маж/жена и деца и бараат од нив брзо да го достигнат она што тие самите не можеле да го направат порано – поради што чувствуваат и вина, и гризење на совеста… Таа појава нема врска со православниот црковен етос. Православниот црковен етос ја познава радост, љубовта на големото срце, почитувањето на слободата на другиот. Не треба да го принудуваме другиот да врши некаков подвиг, бидејќи истиот подвиг нѐ дразни самите нас. За тие работи зборува свети Јован Лествичник во „Лествица“ – неговата позната книга. Во едно од своите слова тој вели, дека има добродетели, кои, додека се трудиме да ги стекнеме, неосетно во нас се мешаат со пороци. На пример, кога ќе решиме да се воздржуваме во нешто, одеднаш стануваме сурови кон другите. Тоа е така затоа што го покажуваме кон ближните она што го чувствуваме во нас самите.
Во православната средина не треба да внесуваме елементи кои не припаѓаат на Православието. Знаете дека имаме многу предрасуди и суеверија – вклучително и од древна Грција. Едни се незнабожечки, други се јудејски, трети будистички, внесуваме туѓи елементи, кои не припаѓаат на нашето богословие, тоа не е нашата Црква, нашите отци не го правеле тоа. Затоа црковните светители, кои и сурови подвизи да извршувале, толку поголема љубов имале кон народот, толку поблаги станувале кон другите, бидејќи ја знаеле смислата на подвигот. А токму тоа, дека подвигот е вежба и подготовка за да се сретнат браќата и сестрите, како што чудесно нагласува свети Козма Етолски, враќајќи се од Епир: „Вие ме интересирате, мои браќа и сестри, средбата на личностите“. Вистинската средба меѓу личностите не може да се постигне ако се обвинуваме меѓусебно. Треба тоа да го отстраниме преку подвигот. Затоа, следејќи ги Христовите зборови, свети Козма Етолски ја поставува прошката на врвот од подвигот, бидејќи вистинското простување, простувањето од длабочините на срцето вклучува љубов и смирение – двете основни нешта, и може да го постави човекот во рајот, без тој да направил нешто друго. Спомнете си што вели свети Козма во неговите поуки: „И сите гревови на светот да сте ги направиле, ако му простите на непријателот од срце, вие сте влегле во Царството Божјо, внатре сте. Ако се исповедате, се причестувате, давате милостина, ги правите сите останати подвизи, но држите непријателство во срцето, вие сте далеку од Царството Божјо – бидејќи љубовта и смирението го оправдуваат подвигот и така нашиот труд добива смисла“. Од сета душа ви го посакувам тоа! Амин!
Превод: Свештеник Јани Мулев
Православна светлина бр. 76