Православен е подвигот кој осветува, а не оној кој осакатува – 1 дел

Spread the love

Loading

Протоереј Василиј Термос

Богословието е основа за духовниот живот. Како христијани ние не можеме да водиме духовен живот и да се подвизуваме, за да ја постигнеме целта, која е нашето осветување и спасение, ако не знаеме зошто го правиме тоа и која е неговата богословска основа. Има многу наши браќа, кои немале можност да се допрат до богословието и го извршуваат својот подвиг, кој Бог го прима со голема љубов; но едно е кога некој немал можност да ја истражува вистината на Црквата, а друго е, ако ја има таа можност, но сепак не го прави тоа. Тогаш станува збор за небрежност. Ќе се обидам да ви објаснам што претставува православниот подвиг, кои се неговите искривувања и изопачувања, кои ги допуштаме, набројувајќи три негови карактерни црти.

Прво: Православниот подвиг не ги презира и не ги потценува луѓето и предметите.

Со други зборови, ако постиме, го правиме тоа не затоа што презираме одредени продукти. Ако ги презираме, тогаш сме еретици, т.е. ако мислиме дека некоја храна е нечиста пред Бога и затоа е гревовна. Обично нема христијани, кои постат од таа причина. Но во минатото имало. Во првите векови на Црквата се појавиле исклучително многу ереси со чудни разбирања и едно од тие било презирот кон одредени видови храна. Тогаш бил свикан црковен собор, кој ја осудил таа ерес и го изострил вниманието на верниците, бидејќи биле искушани многу луѓе, дури и во Црквата, која преку соборното решение рекла:

„Видете, наш проблем не е храната – таа не е нешто од кое треба да се одвраќаме, не е зло, не е нешто нечисто, валкано. Постиме преку тој период, но по некое време пак јадеме. Немаше да биде возможно да јадеме повторно, ако таа храна би била нечиста или осквернета“.

Но, додека во однос на храната сите сме согласни, има други области, каде што меѓу христијаните нема таква согласност. Пример е воздржанието од плотските страсти, кое христијанинот треба да го практикува и кое, за жал, многу често произлегува од сосема погрешни побуди. Со други зборови, се смета дека половата функција на човечкото тело, врската со другиот пол, сама по себе е зла, скверна и нечиста – така сметаат определени христијани, и следствено треба да се воздржуваме од неа. По таа логика, воздржувајќи се пред бракот од сексуален живот, ние го правиме тоа, затоа што имаме проблем со таа конкретна функција на човечкото тело. А ако после венчавката ја практикуваме таа функција, тоа го правиме по некакво допуштање, бидејќи телесното општење продолжува да биде скверно и нечисто, но во секој случај „помалку“ скверно и нечисто. Го оправдуваме практикувањето на половата функција со неопходноста да имаме деца. Многу христијани имаат слично разбирање, како последица на што, некои од сопрузите развиваат прекумерна вина од сексуалното општење или дури потполно одвраќање од сексуалната функција на телото. Тие луѓе потоа го претставуваат своето одвраќање како подвиг, си мислат дека се подвизуваат и се воздржуваат. Да, но тоа не е подвиг! Подвигот се извршува против нешто што ми се допаѓа. Ми се допаѓа одреден вид на храна, но јас се воздржувам од неа и не ја јадам. Тоа е подвиг и има вредност. Ако се воздржувам од нешто, што не ми се допаѓа и се одвраќам од него, тоа не е подвиг. Според тоа, постои многу поголем проблем, кога се одвраќаме од половиот живот, бидејќи така како да сакаме да Го корегираме Бога и Му велиме:

„Господи, не си ја завршил добро работата! Не си ги устроил добро нештата од нашиот живот. Си вложил во човекот една функција – телесна – која е грешна!“

Може ли Бог да вложи некаква гревовна функција во телото на човекот? Можно ли е Бог во својата љубов и мудрост да определил децата да бидат плод на една грешна функција?! Тоа никако не би можело да биде.

Зошто тогаш го сфаќаме подвигот на воздржанието и во тој однос? Затоа што сме повикани да имаме воздржание во сѐ. Подвигот ги опфаќа сите аспекти на нашиот живот и затоа и тоа прашање не би можело да остане незасегнато.

Пред бракот се воздржуваме, затоа што таа функција треба да се вклучи во Таинството Брак, треба да биде благословена од Бога и од Црквата – тоа е причината за предбрачното сексуално воздржание, а не дека ние имаме проблем со тоа. Но и после венчанието, кога е неопходно, сопружниците се воздржуваат со меѓусебен договор, за да имаат можност да се сосредоточат повеќе во молитвата и духовниот живот, како што светиот апостол Павле тоа убаво го кажува. Тоа е исклучително важен момент, на кој ние, христијаните, не сме обрнале внимание и кон кој не сме се однесувале правилно. Резултатот е тоа што им отежнуваме на многу млади луѓе, бидејќи и самите не знаеме поради која причина се воздржуваме пред бракот. Нѐ прашуваат: зошто треба да се воздржуваме пред бракот – и ние не знаеме што да им одговориме. Не сме размислувале и одговараме просто:

„Бидејќи така треба!“

Или им велиме дека половото општење е нешто нездраво. Меѓутоа, ако тоа не се здрави нешта, тогаш не се здрави и после венчавањето. Ако некој смета дека е проблематична таа функција и после венчавањето, тогаш по овој принцип тој има проблем со таа функција и треба искрено да се испита себеси: дали можеби неговата позиција по тоа прашање не е црковна?

Ќе ви дадам уште примери за тоа, дека не треба ништо да потценуваме и да го отфрламе целосно. Има некои религии како будизмот, на пример, кој е на мода во западниот свет и по принцип во големите градови, вклучително и во Атина, и кој ги привлекува дури и православните христијани. Будизмот има голем проблем со желбата. Тоа што нашите желби во животот не можат да се исполнат, тоа нѐ притеснува, нѐ натажува и ни причинува исклучително голема болка, затоа будизмот стигнува до заклучокот дека човекот треба да ги уништи своите желби, т.е. тој не треба да има никакви желби. Желбата сама по себе е зло. И така, блажената состојба, до која според будизмот човекот треба да достигне, е отсуството на желби. Во примерот што го спомнав проблемот беше во јадењето или половата телесна функција. Сега проблем се желбите. Повторно една потполно погрешна позиција. Бог не сака да немаме желби, зашто, ако ја умртвиме нашата желба и стигнеме до тоа да не можеме да посакуваме, тогаш дури ни Бога не можеме да Го посакаме! Како ќе се доближиме до Бога? Како ќе Го засакаме, ако не можеме да посакуваме?

Желбата е дар, кој Бог му го дал на човекот. Тоа е неразделна црта на човечката природа. Меѓутоа, истовремено со тоа треба да сме во состојба да ја поднесеме болката, дека нашите желби не можат да се остварат. И не само тоа, а и нешто поголемо. Треба да сме во состојба да го поднесеме фактот, дека имаме желби, кои не ни носат полза, ако ги задоволуваме, бидејќи се желби со страсти, грешни желби, спротивни на Божјата волја. Затоа во духовниот живот Црквата нѐ призива не да ги уништуваме желбите, туку постепено да ги засадуваме во Христос и да започнеме да ги посакуваме работите кои Христос ги сака, да се поистоветиме со Христос, да го правиме она што го правеле светителите. А што е тоа? Секој светител станал Христос по благодат. Но не по природа. Тоа го вели светиот апостол Павле – ние имаме ум Христов: размислуваме како Христос – тоа се потресни зборови, кои само светителите може да ги искажат. Меѓутоа христијанинот кој се испитува себеси, се подвизува и во однос на желбите, не за да ги искорени и да стане неспособен да посакува, туку за да ја насочи целата своја сила на своите желби кон она што го сака Христос.

Како заклучок на првиот дел треба да кажеме дека нема ништо во човечката природа – независно дали зборуваме за телото или душата – што не е дадено од Бога. Тоа е дадено од Бога и служи за нешто. Треба да бидеме многу внимателни, за да разбереме за што служи, каде треба да се насочи, како нашиот духовен живот ќе ја опфати и таа црта – како секој што има во својот карактер – за да послужи за нашето осветување. Меѓутоа подвигот не означува дека треба да ја осакатиме нашата природа. Подвигот означува осветување на нашата природа, да стане целокупна, но и да ја прими Божјата благодат и да се усвити како железото, кое влегува во огнот.

(продолжува…)

Превод: Свештеник Јани Мулев

Православна светлина бр. 75

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

error: Content is protected !!