Втора карактеристика на православниот подвиг – 2 дел

Spread the love

Loading

Отец Василиј Термос

Види го првиот дел: Православен е подвигот кој осветува, а не оној кој осакатува

Која е втората карактерна црта на православниот подвиг? Православниот подвиг не е жед за сила. Многу наши браќа вршат сурови подвизи и тоа со особено вдахновение. Зошто? Затоа што имаат многу голема желба. Читајќи ги веројатно житијата на светителите и гледајќи ги нивните чудесни подвизи, но и даровите кои ги добивале од Бога, во нив се раѓа желба да го следат примерот на светителите. Со каква цел? За да добијат и тие некаква сила, некакви дарови од Бога, кои ќе ги направат силни, во смисла силни од Бога. Тука можеби некој ќе се замисли, ако речам, дека таа побуда за подвиг не е православна. Зошто – ќе запрашате. Лошо ли е некој да има ревност за стекнување дарови, кои ги добиле светителите и да сака да ги добие, бидејќи се подвизува? Какво зло прави? Тој се подвизува сурово во името на Христос и сака да личи на светителите. Во што е проблемот – ќе рече некој. Проблемот е, што логиката, која стои зад оваа желба, е индивидуалистичка. Сте забележале ли какво значење има сфаќањето за сила кај младите луѓе? На младите им се допаѓаат силните, во собите лепат плакати од силни личности, им се допаѓаат нивните филмови или видеоигрите, во кои силните победуваат. Тоа е едно вечно искушение за човекот. Да се чувствува силен. Е тоа искушение може да се облече во црковна одежда и на тој начин во срцевината, во срцето тој копнеж да ни биде сосема световен. Да биде желба за сила, но да се пројавува на духовен начин, црковно: јас сакам да придобијам сила, но сила во Црквата, да ги придобијам благодатните дарови на светителите, на пример, би сакал да можам да правам чудеса. Тој подвиг има горделива побуда, бидејќи не се интересира за Бога – ќе се дрзнам да го кажам тоа, колку и да звучи тешко. Човекот кој го извршува тоа не се интересира за Самиот Бог, туку за даровите, кои Бог може да му ги даде, за Неговите харизми. Според тоа, христијанинот кој така дејствува, како да вели:

„Не ме интересира Бог како Личност, не ме интересира да Го сретнам Бог како личност, ме интересираат даровите кои би можел да ми ги даде!“

Исто како ние родителите, кога влегуваме дома и нашите деца да нѐ гледаат во рацете, што сме им донеле, а не им е гајле да нѐ поздрават – ете тоа нѐ повредува. Така и ние гледаме какви дарови може да ни даде Бог, а не Го гледаме Самиот Бог, Неговото лице.

Тоа нѐ тера да си поставиме прашање: а каков е православниот подвиг? Бидејќи веќе кажавме каков не е. Кој е православниот подвиг?

Тоа е оној кој го прави човекот член на Црквата, во смисла, дека му помага да ги сретне своите браќа лице в лице, пред сѐ Лицето на Бога, и на Неговите браќа, на Неговото семејство, на Неговиот ближен. Единствено за таа цел е неопходен подвигот. И светителите, ако добивале такви големи харизми, ги добивале затоа што се труделе да Го сретнат Бога, а не Неговите дарови, да го сретнат ближниот, и затоа се молеле. Тие имале длабока молитва – не како нашата – која ја прекинувале за да отидат да му помогнат на оној кој ги молел за некаква услуга, бидејќи над сѐ била личноста на ближниот. Тие сакале да се соединат со него. Тоа значи да припаѓам на Телото Христово – Црквата, да припаѓам на Христовото Тело, каде што браќата комуницираат помеѓу себе. Тоа ме интересира. Подвигот е средство за да служи на таа цел.

Меѓутоа, ако не го извршувам подвигот на воздржанието со таа цел и не можам да се соединам со моите браќа поради егоизам, ако ставам акцент на тоа да си поминам добро и да се поставувам себеси над сѐ – е, тогаш како ќе ги сретнам моите браќа, како ќе пројавам љубов кон нив? Подвигот е средство, за да ги сретнам моите браќа, но не за да ги ставам нив или Самиот Бог некаде во аголот со цел јас самиот да постигнам нешто, кое си го замислувам дека ќе го постигнам.

Тоа има исклучителни последици во животот на нашето општество и нашето семејство. На пример, имаме големи побарувања во постот, но не сме способни да разбереме што ни вели нашиот сопружник, за да се обратиме со љубов и грижа кон него. Не сме способни да разбереме што ни кажуваат децата, за да се усогласиме со нив душевно. Да се поставиме на нивното место. Да се наведнеме со почит пред нивната личност и во истиот миг, кога сме го завршиле посниот ручек, правиме нешто остро и непромислено и удираме во душата на детето. Или го туркаме нашиот сопатник на периферијата од нашиот живот и му ставаме табла: „Ваков си, таков си!“ Истовремено со тоа чувствуваме дека сме го исполниле својот долг пред Бога, бидејќи сме извршиле некаков подвиг, на пример, сме го запазиле постот. Критериум за подвигот е љубовта. Подвигот постои, за да нѐ научи на љубов и да влеземе уште повеќе во Црквата, а да не бидеме со едната нога внатре, а со другата надвор. Бидејќи Црквата означува средба на личности. Видете колку тропари во Великиот пост ни говорат за љубовта и човекољубието. Отците ни велат и нѐ поучуваат, да постиме и нормално е посната храна да ни биде поевтина. Она што ќе го заштедиме во постот, треба да отиде кај бедните, а не во банката. Зошто? Не само затоа што бедните имаат потреба, но и за да разберам дека правам подвиг, за да можам да се соединам уште повеќе со моите браќа. Кога го ограничувам мојот егоизам, коешто е главниот подвиг, како што ќе кажеме во третиот дел, тогаш се сретнувам со моите браќа. Знаете ли дека многу е лесно човек да се подвизува телесно – друг пат може да е и потешко. Меѓутоа потешко е да се подвизува во борбата против егоизмот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

error: Content is protected !!