Старец Гавриил Дионисијатски
Блажениот светогорски старец отец Гавриил Дионисијатски во една негова книга го изложува следново: „Тежок грев е осудувањето на свештениците и потсмевањето со свештенослужителите на нашата Црква“.
Пред многу години (околу 70), кога живеев во моето благословено место, на Света Гора, видов многу казни поради овој грев.
Во еден ракопис од нашата манастирска библиотека го прочитав следново: Во едно село, еден стар свештеник, иако во сѐ беше добар и особено во богослуженијата, западна во страста на пијанството.
Кога излегуваше од црквата, поради страста веднаш се упатуваше кон кафеаните. Таму, после 2-3 чашки алкохол, се губеше. Одеше зашеметен.

Но, откако ќе се освестеше каде се наоѓа, стануваше и клатејќи се си одеше дома. Но, на оваа улица неговиот брат имаше продавница. И кога го гледаше како поминува во таква состојба, излегуваше од вратата на дуќанот, и не од жал, туку повеќе од неразбирање, со десната рака му правеше навредлив гест зад него.
По некое време овој брат на свештеникот умре. Кога, според обичајот, по три години го откопаа неговиот гроб, ја најдоа неговата десна рака нераспадната.
Повторно ја закопаа и пак истиот знак. Повторно се покажа раката цела.
Потоа по совет од еден друг свештеник, ја зедоа нераспаднатата рака и ја однесоа во притворот на храмот, за му простат неговите соселани, поради разните нечесни работи кои ги направил, како и сите трговци од тоа време.
Но, повторно, по една година кога пак ја откопаа, раката не беше распадната.
Тогаш, по Божја интервенција, еден друг трговец, кој имаше дуќан спроти него, раскажа дека покојниот човек секојдневно покажувал срамни и понижувачки гестови кон својот брат – свештеник. Тогаш добриот свештеник ја сфати причината. И откако го покани својот сослужител, го убеди да направи „Трисагија“ и да му прочита разрешна молитва над раката.
И тукушто го направи тоа, веднаш се распадна раката и останаа голи коски.
Потребен ли е коментар? Секоја осуда, коментирање, осуда на свештениците, навредливи гестови кон нив – е голем грев.
Бидејќи свештениците се служители на Господ Исус Христос. А Бог вели: „Не допирајте се до Моите помазани и на Моите пророци не правете им зло“ (Псал. 104,15).
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев
Православна светлина бр. 74