Совети за мајките – Свети Николај Охридски и Жички

Young mother and her little blond Caucasian daughter with candles in Orthodox Russian Church

Loading

На една натажена мајка: за нејзините лоши деца

Се жалите од своите деца, од своите родени деца! Покрај редовното училиште, вие сте им плаќале на значајни наставници, да ги учат да свират клавир и да говорат француски јазик. И сега вам ви ја пробиваат главата со клавирот, а кога меѓу себе си говорат на француски јазик смеејќи се, вие чувствувате дека тие говорат лошо за вас. Една сабота сте сакале да одите на гробишта да направите парастос за најстариот син, кој погинал во војната. Тоа сте им го соопштиле на своите деца. Тие не се загрижиле за вашиот парастос, и веднаш од постела седнале на клавирот и започнале да свират.

– „Деца“, – вие сте им кажале, – „денес не се свири, денес правиме парастос на покојниот Мирко“.

– „Па, еве, ние му свириме посмртен марш!“ – тие одговориле и силно се засмејале. И вие сте отишле сами, како што велите „со гроб на гробот“, плачејќи и ридајќи по патот.

Ех, во тоа време да сте земале значајни воспитувачи за своите деца, да ги научат на исполнување на Божјиот Закон! Тогаш би имале деца, а не мајмуни и папагали. Зашто и мајмуните можат да научат да свират, и папагалите да говорат, но исполнувањето на Божјиот Закон можат да го научат само синовите и ќерките човечки.

Young mother and her little blond Caucasian daughter with candles in Orthodox Russian Church

Се зборува, како една загрижена мајка отишла кај свети Серафим во Саров и се пожалила дека наставниците слабо им предавале француски јазик на нејзините деца, прашувајќи што да прави.

На тоа ѝ одговорил светиот човек:

– „Ти, мајко, подобро учи ги своите деца како да Му се молат на Бога, а подоцна, тие француски лесно ќе научат“.

Значи, децата треба најпрво да ги учите на она што е најважно, зашто, тоа што во младоста ќе се научи, не се заборава лесно. Споредните работи можат и подоцна да се научат, па, ако и се заборават, не претставува голема штета. Но, ако најважните работи не се научат, или слабо се научат, или пак, се научат и заборават, тогаш клавирската музика ја задушува молитвата, а француското парлање се употребува за исмевање на родителите!

Нека благиот Бог ви биде на помош. Сега е тешко да се даде совет. Кога срцето ќе се замати, тогаш потешко е него да го избистриш, отколку најматниот поток. Трпете, и молете Му се на Бога за вашите деца. Преку трпението, можеби, малку по малку ќе можете да ги доведете да се засрамат, а преку молитвата ќе измолите помош од Семоќниот, да го избистри срцето на Вашите деца. Но, најпрво покајание пред Него, што не сте ги научиле своите деца на Неговиот Закон.

Чујте, небеса, и слушај, земјо, зашто Господ вели: „Јас воспитав и подигнав синови, а тие се побунија против Мене“ (Иса.1, 2).

***

На една мајка: за кралицата на убавина

Ми се јавувате за безумна радост, дека вашата ќерка е избрана за мис убавица. Па, како очекувате да ви честитам. Мене ми е срам за тоа и да пишувам, а наместо честитање ви изјавувам длабоко сожалување. Не знам зошто во писмото уште кажувате: „на мојата ќерка како образована девојка многу ѝ ласка“? Што да се рече за образованите и необразованите во наше време? Меѓу многубројните современи кризи, кризата за образованост е една меѓу главните. Кој знае дали може да се нарече образована една градска дама пред една срамежлива овчарка во планина! Тука никогаш нема да дојде до согласност, сè додека не се вратиме на народниот поим за образованост, и не кажеме, во хармонија со многумилионите народни гласови: образован е оној кој има образ.А кој нема образ, не е образован, па каде и да живее, каква положба и да има и макар еден куп знаење да носи во главата.

Во нашите села за убавината се шепотеше, а за карактерот гласно се говореше. Тоа произлегува од длабокото народно сознание, дека убавината е нешто минливо и од човекот независно, додека карактерот е неминлив и од човекот зависен.

Бирањето на кралица на убавина е модерен обичај на старите латински народи. Всушност, тоа е вешто сокриена трговија со бело робје. Дали сте запознаени со судбините на многу кралици на убавината во Европа? Колку страшно! Прекрасни бракови, вонбрачни деца – бедни деца! – сензационални судски дела, самоубиства. Еве ви една рубрика во која се опишуваат кралици на убавина! Па зар и вашата ќерка… Подобро да сте ì дале да чита запис за јуначката смрт на нејзиниот татко, отколку што сте ја извеле на шарено и опасно биралиште. Кој вам може да ви гарантира дека вашата голема радост наскоро нема да се претвори во неискажана жалост, и во срам, срам дека ќе се заклучувате во соба и со раце ќе го криете лицето од силното сонце? И вие ќе знаете дека соседите злобно се кикотат, а тоа уште повеќе ќе ви го раскинува срцето.

Од сите искушенија, кои човекот треба самиот во себе да ги совлада, убавината е секако најнеодоливото искушение. Нејзе ì одолеале света Екатерина и Варвара и Анастасија и Петка и многу други, кои во себе сознале за една возвишена убавина од онаа која ја имале. Но, дали нејзе може да ѝ одолее вашата ќерка, која нема некоја силна духовна визија, и која од тоа самоволно еднаш излегла на пазарот на убавина? Нека даде силниот Бог! Но, убавината, како и богатството – и уште повеќе од богатството – води кон горделивост, а горделивоста е глечер, со кого неминовно се лизга во пеколната бездна.

Американските трговци на филмот пронајдоа – сосема произволно, од својата глава, а поради подобра трговија – дека предавникот Јуда бил најубав од сите дванаесет апостоли. Тоа секако со ништо во светот не може да се докаже, освен, се разбира, единствено преку крајот на Јуда. Како што секако сте слушале и сте читале, неговиот крај бил сличен на крајот на некои модерни кралици и кралеви на убавината. Тој „убав“ Јуда, бидејќи го издаде Синот Божји, слезе во потокот и се обеси. И фрлајќи ги сребрениците во храмот, излезе, и се обеси.

Кој далеку оди на прошетка со ѓаволот, тешко се враќа на вистинскиот пат.

Што да ви советувам? Мажете ја ќерката што побргу; и тоа што поскромно подобро. За некој фурнаџија или кондураџија. Секако, ако овие честити луѓе се одлучат да примат на себе таква одговорност. Така ќе можете да се надевате, дека ќе доживеете да се радувате на свои законски внуци, и на Бога да благодарите. По Својата семоќност Создателот може да го задржи човекот да не падне на лизгавиот пат, по кој, од незнаење или од слабост се упатил. Нека Он ви биде на помош вам и на оние кои вие најмногу ги сакате – вашите деца!

***

На сиромашната жена: за услишаната молитва

 

Живеете во голема беда, со мажот и помладиот син. Стариот син веќе одамна е чиновник. Но, тој целосно отпаднал од своите родители. Со години не сакал да се јави, ниту со писмо, ниту со некаков дар за вас, сиромашните и загрижени родители. Таткото веќе не сакал ниту да слушне за него. Но, вие сте го смирувале застапувајќи го синот, и извинувајќи се за неговиот немар кон вас. Во тајност, пак, сте лиеле солзи и сте Му се молеле на Бога за отпаднатиот син. И така тоа траело неколку години. Вашата мајчинска душа била исполнета со страв и со срам; страв, таткото да не го проколне синот, а срам, јавно да не се одрече од него. Поради тоа вие сè поусрдно и почесто сте ги подигале молитвите кон Оној, Кој е единствен во состојба да ви помогне. Вие сте се молеле, сте постеле, сте палеле свеќи, сте правеле милостина и сето останато што верата го пропишува. Непрестајно, и ден и ноќ, еве веќе седум години. Ниту сте престанале, ниту сте се посомневале!

Најпосле, по седум години, сте го добиле она што од Бога сте го барале. Сте добиле син. Закоравеното срце на синот се свртело кон своите родители. Минатиот Велигден сте примиле од него покајничко писмо и испратница. Молел за прошка. Се чудел на самиот себе како толку долго можел да биде груб кон своите родители. Како некоја тврда лушпа да се обвиткала околу срцето. Ветил дека редовно ќе пишува и ќе ви праќа помош. Ветувањето било исполнето. Секоја недела ви доаѓа писмо од него, а секој месец испратница. На мајчината радост ì нема крај. Вашата благодарност кон Бога ги надминува зборовите и се излива во солзите.

И јас се радувам на вашата радост и Му благодарам на Бога, почитувана госпоѓо. Јас, во секоја прилика ве нарекувам госпоѓа. Вашето господство не е во мноштвото на земните работи, ниту во минливото богатство, ниту во човечката суета. Ниту вашето господство е засновано на господска крв, туку на господски дух. Вие сте ја воздигнале својата душа до Царот над царевите и Господарот над господарите. Во мислите вие со Него заедничарите, во молитвите вие со Него разговарате. Он е воздух и светлост на вашата душа, секогаш присутен пред вашите духовни очи. Со кого и да говорите, вие говорите како со трет. Затоа што Бог е вториот, помеѓу вас и секој ваш соговорник. Секому на кого и да му говорите, вие му говорите преку Бог, како што и мислите пред да говорите преку Бог. Вие сте слугинка Божја, затоа сте и ќерка Божја. Оттука – вашето господство и вашето благородништво. Тоа е единствено господство кое не се губи, единствено благородништво кое е вечно. Тоа се стекнува со вера; се одржува преку солзени молитви. На вашите молитви таинствено во срцето им одговори Господ, онака како некогаш на жената Хананејка: о жено, голема е твојата вера, нека ти биде како што сакаш! И било онака како што вие сте сакале. Бог ви го поврати заблудениот син на вистинскиот пат; го спаси од татковата клетва, која води кон вечна смрт, а таткото од очај. Вас, пак, Севишниот ќе ве награди за вашата вера со тоа што сè повеќе ќе го утврдува вашето духовно господство и благородништво, сè додека не преминете во вечното Царство, каде господарат Христовите благородници.

Мир на вас и благослов од Христа.

***

На една мајка: за вечниот живот

 

Вашиот син падна од авион и загина. Сте напишале дека сега само на едно мислите: дали вашиот син, сепак, е жив? Дали има живот по смртта, и кој нас може во тоа да нè увери? Се внесувам во вашата душа и целосно го чувствувам вашиот бол. Но, сепак, ме изненадува вашето прашање, бидејќи сите ваши зборови дишат со вера и побожност. Ако некој се сомнева во вечниот живот, јас не знам како тој може да се нарече следбеник Христов? Гледај, Христовото откровение е откровение на еден нов живот, нов свет, ново царство – сосема ново за луѓето. Тоа е најголемо откровение на луѓето од кога луѓето постојат, и најрадосно од сите откровенија. Да го одредиш тоа откровение значи да Го одредиш и Христа и целата смисла на нашиот живот на земјата. А да го примиш тоа Христово откровение значи да ја примиш вистината за Бога како Родител, за ангелите како духови, за севидливата Божја промисла во светот, за Судот Божји, за неумирањето на душата со смртта на телото, за радосната смисла на нашето живеење во тело на земјата.

Сите овие вистини ги откри Господ и сите тие ги посведочи со Својата Личност, и со Своите зборови и дела, со доброволната смрт за нас, со Воскресението и со Вознесението. „Одам да ви подготвам место“, им рече Он пред смртта, на учениците. „Пак ќе дојдам и ќе ве земам вас при Себе, и вие да бидете каде што сум Јас“ (Јован 14, 2).

Он сигурно не оди во гроб да им подготви место! Навистина, тоа не би била никаква утеха – да му се подготви на некого место во вечна смрт! Не, но Он оди во оној другиот свет и живот, преку гробот и над гробот. Многубројни свети луѓе и свети жени го посведочиле постоењето на оној свет и живот. „Кој од таму се јавил, за да ни посведочи?“ Вие прашувате, повторувајќи го така прашањето како оние кои се без вера. Да не бевте во жалост, би заслужиле благ укор за вакво прашање. Кажете ми, кои од светителите запишани во календарот, не се јавиле? Или, зарем, вам не ви е познато дека Црквата не впишува никој во светители ако на некој начин не се јавил од оној свет? Токму неодамна читав како една млада французинка преминала во Православие само од таа причина – како што самата таа објавила – што нејзе јасно ѝ се јавил свети Серафим Саровски, еден голем руски светител, чија што стогодишнина беше празнувана минатата година.

И така, значи, немате никаква причина за сомнеж, а ги имате сите причини за вера во небесниот живот, во кој преминал вашиот син, малку порано од вас.

Мир на вас и утеха во Христа.

Превод од српски јазик:

Презвитера Данче Миланова

Православна светлина бр. 20

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *