
УТРЕНА
На Бог Господ, тропарот на преподобниот (2-пати); Слава, и сега, тропар на претпразненство.
По првото стихословие. Подобен: На убавината па твоето девство:
Глас 3: Навистина се прекрасни твоите нозе, преподобен, зашто богоподобно го проповедаше мирот што го надминува секој ум; вистинските ѕверови меѓу овците си ги смешал, дивите мизиски народи во овчото трло на Христа Бога си ги вовел. Затоа, спокоен мир испрати за нас и голема милост.
Слава, и сега, на претпразненство. Глас и подобен на истиот:
Преславно чудо се гледа денес, зашто нашиот Спасител сега брза во пештера да се роди телесно од Дева заради нас. Мудреците, пак, со дарови како на цар му се поклонуваат и пастирите со ангелите Го славословуваат, со нив и ние извикуваме: – Слава на Оној што се вочовечи заради нас!
По второто стихословие, седален, глас 1. Подобен: Гробот твој:
Извршител на чуда си бил, богоносецу, и молитвеник и патеводител на сите кон Бога, себлажен Науме, пофалбо мизиска; ние твоите рожби ти се молиме, избави нè од сегашните неволји и од идниот пламен со твојата божествена молитва.
Слава, и сега, на претпразненство. Глас и подобен на истиот:
Весели се Витлееме! Еуфрате, подготви се, зашто, ете, Агницата, која го носи големиот Пастир во утробата, доаѓа да роди. И мудреците, коишто ја предвидоа Божествената ѕвезда, се радуваат со праведно срце, пеејќи со пастирите.
Полиелеј и Величание: Те величиме, преподобен отче Науме и го почитуваме твојот свет спомен, наставниче на монасите и собеседниче на ангелите.
Избран псалм.
По полиелеј, седален, глас 8. Подобен: Премудроста и словото:
Бидејќи премудар од млада возраст, си се впрегнал во јаремот од твојот Господар, не со тежина, но исполнет со чесност, отче. А на божествениот Климент, си му бил содружник; и со него, откако ги подготви срцата на мизијците, си преминал кон безболен крај и за твоите маки награда собираш. Себлажен, преподобен, моли Го Христа Бога да ни дарува прошка за прегрешенијата, нам коишто го празнуваме со љубов твојот свет спомен.
Слава, и сега, на претпразненство. Истиот глас и подобен:
Откако засвети од утробата на Отецот пред (сите) векови, неслиеното Божјо Слово, бесемено се подготвува да дојде преку твојата утроба, Пречиста, во последните времиња го издигнува оној кој некогаш тешко падна и го води кон древната доброта како милосрден. На Неговото рождество му претходат бестелесните војски и на луѓето тајно им ја испраќаат победната песна, извикувајќи: „Слава на Бога, Кој ни дарува мир, Кој ја разурна преградата на непријателството како што посака“.
И веднаш го пееме првиот антифон од 4 глас: Од мојата младост. Прокимен, глас 4: Чесна е пред Господа смртта на Неговите светители. Стих: Што да Му дадам на Бога за сè што Он ми даде? Сè што дише. Евангелие според Матеј, зачало 43: Им рече Господ на своите ученици: Сè ми е предадено… Зашто јаремот мој е благ и бремето мое е лесно…
По Псалм 50. Слава: По молитвите на преподобниот… И сега. По молитвите на Богородица… Стих: Помилуј ме Боже…
Стихира, глас 6.
Се изли благодатта во твоите усни, преподобен отче, и си бил светилник на мизиското сенаследство, учејќи ги словесните овци да веруваат во Троица едносуштна во едно Божество.
Канон на претпразненство, чијшто акростих е според азбуката, творба Јосифова, глас 6.
…
Светилен, глас 3. Подобен: Нè посети:
Нè посети Христос нас луѓето непокорни и нè спаси, преку тебе, од раката на лукавиот и од мракот на неверието, и целата земја мизиска, Науме, се исполни со божествена мудрост.
Слава, глас и подобен на истиот:
Божествениот Наум – потокот на чудата, изворот на исцеленија, пофалбата на монасите, величието на свештениците, нека се прославува достојно со песни.
И сега, на претпразненство. Истиот глас и подобен:
Нека се радува небото и земјата нека се весели! Пештеро, осветли се! Јасли, прифатете Го Оној Којшто со раката го создаде човекот, зашто како дете се раѓа од Дева! Многубројни ангели, извикајте јасно: – Слава на Бога во височините!
На хвалитните стихири пееме 6, и прво на претпразненство, глас 6.
Подобен: Одете пред ангелските:
Предопределената тајна од Отецот од пред вековите и претпроповеданата од пророците се јави во последните дни, и Бог се вочовечи откако прими тело од Дева. Несоздадениот, доброволно се создава; Оној Кој Е, постанува; Царот Израилев – Христос доаѓа.
Те пеам, Цару повиен во пелени, зашто ги разрешуваш расцепите од моите гревопаденија и со неизмерна слава и нетление ме почести; целиот кон Отецот си ме присвоил, помагајќи и пресоздавајќи ме. Затоа Ти пеам: -Царот Израилев – Христос доаѓа!
Светлината што произлезе од Светлината, и Која од Дева засвети вистински на земјата, кога ја видоа преку ѕвездата, ѕвездословците мудреци ја оставија персиската темнина, својата ѕвездена измама и во радост Му пееја на Бога што се роди: – Благословен си, Боже наш, Кој дојде, Слава Тебе!
Стихири на преподобниот, глас 1.
Подобен: Сефалени маченици:
Дојдете сите празникољупци, коишто добро се насладивте од благодатта на зборовите и го примивте темелот на Евангелието, фалејќи го во песни и свештени пеења, Наума – почитуваното засолниште на Духот да го овенчаме, просејќи разрешување на прегрешенијата.
Стих: Почитувана е пред Господа смртта на Неговите преподобни.
Твојата смрт навистина е почитувана пред Господа, славен Науме, зашто животот, исполнет со побожност и чистота и, изобилувајќи со секакво преподобие, преку тоа ти се приложи обожување според наследството. Затоа моли се да ни дарува мир и голема милост на нашите души.
Стих: Блажен е човекот кој се бои од Господа, во заповедите Негови ќе го засака многу.
Дај ни ослободување од маките, свети Науме, и од сите искушенија избави нè зашто суетна е помошта човечка, а ти, бидејќи си повисоко од човекот и си собеседник на ангелите, посредуваш за нас коишто те славиме, почитувајќи ги твоите мошти.
Слава, глас 8: Преподобен отче, не си им давал сон на твоите очи, ниту дремка на веѓите твои, додека не си ги посеал во Мизија догматите на побожноста. Затоа сега, стоејќи смело пред Христа, утврди ги плодовите од твоите божествени трудови и надгледувај ги оние што го празнуваат твојот спомен и со твоите молитви, спасувај ги од неволји нашите души.
И сега, од претпразникот, на истиот глас:
Во Витлеем се раѓаТворецот на сè и Превечниот Цар го отвора рајот. Пламеното оружје отстапува, преградата се разори, небесните сили со земните се собираат, ангелите со луѓето силно торжество составуваат; чистите на Чистиот пеење Му принесуваат; Дева ја гледаме како престол на херувимската слава, која Го смести и Го носи Бога Кој никако не може да се смести; Него серафимите со страв Го прославуваат за да му подаде на светот голема милост.
Славословие големо п отпуст.
На Литургија
Изобразителна и од каноните на светиот, песна 3 и 6. Прокимен глас 7: Почитувана е пред Господа смртта на Неговите преподобни. Стих: Што да Му воздадеме на Господа за сè што ни даде?
Апостол до Евреите, зачало 335 (13, 17-25). Евангелие според Лука, зачало24 (6, 17-23).
Причесен: Споменот на праведникот ќе биде вечен.