Подготвителни седмици и недели пред Великиот пост

Loading

Пред почетокот на Великиот пост, Црквата одредила постепено воведување во постот преку трите подготвителни седмици, во кои си спомнуваме на карактеристични настани од Евангелието, кои, пак, се поврзани со постот и покајанието, и во кои веќе Црквата етапно нѐ воведува во постот.

Најчесто настанува забуна кај верниците во врска со термините Месопусна и Сиропусна, затоа што мислат дека тоа означува допуштање на месо или сирење. Вистинското значење на овие термини е дека тогаш се прави отпуштање на месото, т.е. сирењето од употреба.

Прочка или Сиропусна недела е ден кога последен пат се јаде мрсна храна (освен месо) и тогаш се отпушта од употреба сирењето, јајцата и рибата и од следниот ден започнува Великиот пост.

По датуми за 2025 година ова изгледа вака:

Недела на Митникот и фарисејот од 09.02-15.02.2025.

Се чита евангелската парабола за Митникот и фарисејот (Лука 18,10-14), и Црквата ни напомнува, пред почетокот на постот, да го стекнеме покајанието и смирението на митникот, и добрите дела на фарисејот, не без да се фалиме за нив. Во оваа седмица нема пост во среда и петок, за да покажеме послушност кон Црквата, затоа што постот е послушност, и за да не постиме како фарисејот, само за да нѐ видат и пофалат луѓето.

Недела на Блудниот син 16.02-22.02.2025.

Во оваа недела се чита евангелието за Блудниот син (Лука 15,11-32), преку кое Црквата ни укажува дека колку и да сме згрешиле, Бог секогаш нѐ очекува со раширени раце, а наша обврска е да се покаеме и да се вратиме на патот Божји, да се покаеме и да се исповедаме кај нашиот духовник. Во оваа седмица редовно се пости во среда и петок.

Сабота – Задушница (22.02.2025).

Во неа си спомнуваме за нашите покојни, одиме на гробишта за да се помолиме заедно со свештениците за нашите покојни, бидејќи животот не завршува со гробот, туку продолжува и понатаму, во вечноста. А добивањето на вечен живот е целта на нашиот христијански живот.

Месопусна:

Во недела на 23.02.2025 се чита евангелското четиво за Страшниот суд (Мат. 25,31-46), преку кое Светата Црква ни напомнува дека нѐ очекува Суд после смртта, и да побрзаме, да се покаеме, да се исчистиме од гревовите, и да ја примиме Светата Причест, која е залог за вечен живот. Во оваа недела последен пат се јаде месо – месни поклади.

Сирна или бела седмица: 24.02.-02.03.2025.

Се чита евангелското четиво за простувањето (Мат. 6,14-21), а Црквата ни напоменува за Изгонувањето на прародителите Адам и Ева од рајот, бидејќи го нарушија постот, односно послушноста кон Бога. Со ова нѐ учи да простуваме, и да постиме, за да се вратиме во рајот. Во оваа седмица освен месо, се јаде сѐ друго, и во среда и петок.

Во недела на 02.03.2025 е Прочка, Сирни поклади, или Сиропусна недела, во која последен пат се јаде мрсна храна, тогаш се отпушта од употреба секоја мрсна храна, и во понеделникот (Чист понеделник) започнуваме со постот.

Пред да започнеме со постот пожелно е да се исповедаме кај нашиот свештеник.

Богоугоден пост да имаме!

Свештеник Јани Мулев

Види:

Како да постам?

Не јадеш месо, а?

Како грешиме?

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *