Ви почина стариот свештеник, и на негово место дојде сосема млад теолог. Со радост сте ја целивале реката на стариот свештеник, но кажувате, непријатно ви е да ја целивате раката на свештеник помлад од вас. Не сте ја слушнале приказната за кнезот Милош и младиот свештеник? Вака се вели во приказната: „Некој млад свештеник служел Литургија во Крагуевац во присуство на кнезот Милош. Стариот кнез бил необично благочестив. Црковната служба не почнувала сè додека не пристигнел тој. Во црквата стоел на своето место, како закопан и со скрушено срце Му се молел на Бога. Кога младиот свештеник завршил со службата, тој го донел пред кнезот крстот и нафората. Кнезот го целивал крстот, а се потрудил да ја целива и раката на свештеникот. Но младиот свештеник ја тргнал раката, како засрамен, заради тоа, како стариот земен господар да му ја целива раката. Кнезот Милош го погледнал и му рекол: дајте да ви је целивам раката! Не ја целивам јас твојата рака, туку твојот чин кој е постар и од мене и од тебе“.
Со ова мислам сè е кажано и објаснето. Стариот кнез проговорил во Црквата и кажал зборови како да се од Самиот Дух Божји. Размислете малку, ако вашиот свештеник има 25 години, неговиот чин е 1900 години. И кога вие ја целивате неговата рака, го целивате чинот, кој од Христовите апостоли преминал на илјадници служители на Божјиот олтар. Целивајќи го свештеничкиот чин вие ги целивате сите големи светии и достојни духовници, кои тој чин го носат од апостолите па сè до денес. Ги целивате иконите на свети Игнатиј, свети Никола, свети Василиј и на свети Сава и Арсениј и Јоаникиј и на многу многу други, кои додека живееле биле земен украс, а сега на небото се небесен украс, и кои се нарекуваат: „земни ангели и небесни луѓе“. И така целивањето на свештеничката рака не е обично целивање, туку тоа е како што вели свети апостол Павле: „свет целив“ (Кор. 16. 20.)

Значи, без снебивање целивајте ја раката која благословува, и чинот кој е благословен од Светиот Дух. Целивањето на помлад (по тело) од вас, како и слушањето на помлад од вас, добро е поради тоа што, нè штити од гордост и нè учи на смиреност. Од Бога радост и Мир вам!
Православна светлина, бр. 14.