![]()
Почнуваш со вреќа полна со луѓе.
Луѓе што ги нарекуваш познаници, пријатели, колеги од факултет, колеги од работа, најдобри другари, соседи, соученици. „Колку исполнет живот со толку многу луѓе“, си мислиш и наивно се насмевнуваш.
Одиш два чекора понатаму и чувствуваш дека вреќата како се да олеснила. Ја отвораш и гледаш дека некои недостигаат, дека некои си заминале или и ти самиот си ги отстранил. Не, не грижи се, не зборуваат лошо за тебе, ниту ти зборуваш лошо за нив. Едноставно такви се луѓето: едноставно се губат, едноставно не продолжуваат, едноставно не си одговараат. Ја затвораш вреќата без израз на лицето; имаш толку многу, што не ти е гајле.
Одиш уште три чекори. Одеднаш застануваш. Како да се олеснила уште повеќе, проклетата. Ја отвораш и што да видиш… Ниту половина не останале. Но како да се додале и некои други, малкумина, не многу. Што, по ѓаволите? Ти би се заколнал дека некои ќе бидат внатре, а некои други никогаш нема ни да влезат. Замислено ја затвораш вреќата и продолжуваш уште четири чекори.

Но вреќата ја чувствуваш полесна од кога било, опасно лесна, би рекол човек. Застануваш да видиш да не се скинала вреќата и да се испразнила одеднаш, но ја гледаш дека е сосема во ред. Ги одврзуваш заплетканите врвки и погледнуваш внатре. „Сто посто се некои крадци“, си мислиш, „што се случило? Каде исчезнаа сите?“ Бараш овде, бараш таму, гледаш само неколку души.
Одиш уште еден мал чекор, не голем, и веќе си сигурен дека вреќата е дупната. Ја погледнуваш одоздола и навистина е дупната. Пцуеш и негодуваш долго време ваму-таму, сè додека не забележиш дека неколкумина се закачиле околу неа и со мака се држат, но не се откажуваат. Не се многу. Една рака луѓе, твоите луѓе.
Ги гледаш и ги препознаваш. Тоа се оние чија отсутност понекогаш била видлива само за окото, затоа што си знаел дека се некаде таму. Тоа се оние во чија дупната вреќа на пријателството и ти си оној што се закачил, оној што не се откажал. Радосно ја крпиш вреќата, ја префрлаш на грб и ја чуваш како очите во глава. Веќе не се плашиш дека ќе се испразни, туку да не се наполни, затоа што конечно се чувствуваш поисполнето од кога било.
А ако ти кажат дека ти си виновен што сите си ги ставил во иста вреќа, кажи им дека вреќата на пријателството собира многумина, но на крај задржува малкумина.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев