![]()
Во духовниот живот добро е човек да тргне сега – таков каков што е сега.
Со тоа што го има.
Слаб ли си?
Млак ли си? Дали си, да речеме, како светилка што трепери?
Го имаш ли само најмалото?
Оди таков каков што си!
Дај Му ја на Бога својата реалност. Себеси – таков каков што си. Тоа што си.
Заедно со своето неверие, маловерие, суета, гордост…
Сите оние илјада и две нешта што, за жал, ја сочинуваат нашата трагична состојба.
Тоа однеси Му го на Бога и таму исповедај ја својата немоќ. Кажи:
„Погледни, Боже мој, јас толку можам. Или толку имам, во овој момент.
Немам нешто повеќе.
Немам нешто друго – располагам само со толку.
Со најмалото, со најситното, со ништо“.
Ако се сметам себеси за духовен мртовец – што нема духовно чувство, што нема покајание, ниту барање, ниту ништо… Како еден мртов човек кого некој го фаќа и го фрла пред нозете на Бога и вели:
„Боже мој, Ти дури и мртвиот можеш да го воскреснеш.
Јас сум тој мртовец!
Кој нема што да Ти даде.
Тој мртовец е мојата душа – тоа сум јас.
Ти, Христе мој, Кој си Животодавец и ги воскреснуваш мртвите, можеш да ја воскреснеш и мојата состојба“.

Токму тој наш мртовец – тој оголен, ослабен, напатен – него да го принесеме. Со таквиот себеси да застанеме пред Бога, да паднеме и да побараме од Бога да нѐ помилува.
Така треба да постапуваме, мислам, браќа мои – и да не ја имаме заблудата дека ќе чекаме (првин) да почувствуваме дека се каеме… да почувствуваме дека ќе се поправиме… да почувствуваме дека „сме одлучиле да се ослободиме од гревот“…
Земи се себеси таков каков што си, застани пред Бога и побарај од Бога да те помилува.
Барај ја Божјата милост! И Бог има начин да те помилува.
+ Атанасиј, Митрополит Лимасолски
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев