Исповедта е тајна и за мене и за тебе

Spread the love

Loading

Свештеник Јани Мулев

Во Црквата често го слушаме терминот „Тајна“, „Света Тајна“, „Таинство“, и се однесува на видливите свештенодејства (обреди) преку кои Бог ни ја испраќа невидливата благодат. Една од тие свети тајни е и исповедта, бидејќи преку покајничката исповед кај свештеникот, Бог ја прима исповедта, испраќа благодат која ги простува гревовите и која ги чисти и лечи раните од гревовите.

Исповедта е тајна и затоа што за неа, односно за она што го кажуваат луѓето на исповед, свештеникот не смее да зборува, ниту да ги разгласува личните гревови на конкретна личност, бидејќи ако го стори тоа, тогаш ќе го напушти свештената благодат.

Но исто така исповедта е тајна и за човекот кој се исповеда. Како што свештеникот не смее да ја разгласува исповедта, така и верникот не смее да раскажува што кажал на исповед или што му кажал свештеникот нему. Едноставно, не постои рецепт што и како треба еден свештеник да каже или советува на исповед, и обично тоа се лични совети, од искуството на свештеникот и на Црквата, наменети конкретно за еден човек, кои немаат универзално значење, бидејќи секој си има своја лична борба, поинаква од борбата на другиот човек.

Кога еден верник ќе почне да разгласува што и како му рекол свештеникот, што му дозволил, што му забранил, какви молитви и подвизи му рекол да практикува итн., веднаш доаѓа до споредување меѓу другите верници, мерење и ставање на кантар на сѐ и сешто, забуни, заблуди и настанува голем неред во Црквата. Често пати луѓето можеби добронамерно си ги раскажуваат гревовите едни на други, барајќи утеха, без да бидат свесни дека другиот човек можеби ќе се соблазни од одреден грев, можеби во срцето ќе ни позавиди, ќе нѐ замрази и осуди, или ќе му ставиме на другиот товар што тој не може да го носи и може да го оддалечиме и од Црквата и од себе. Свештениците слушаат исповеди и ги поднесуваат само затоа што ги поткрепува Божјата благодат. Патем, ако требаше да се прераскажуваат гревовите, зошто тогаш е воведена Исповедта да се одвива очи во очи со свештеникот, насамо?

Освен тоа, кај оние верници кои се причестуваат почесто се појавува чувство на самодоволност, стануваат самопрогласени праведници кои со презир и осуда гледаат на оние кои не се причестуваат толку често, и забораваат на зборовите од Евангелието: „Бог се противи на гордите, а на смирените (понизните) им дава благодат“  (1.Петр. 5,5), „секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат“ (Лука 18,14).

Да бидеме повнимателни и одговорни, и кон себе и кон ближниот и кон свештеникот, да не внесуваме неред и соблазни во Црквата и да не заборавиме дека „патот до пеколот е поплочен со добри намери“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!