Бегајте од Мене проклети, никогаш не сум ве познавал!

Spread the love

Loading

Свештеник Јани Мулев

Верата не е маска, не е параван зад кој си ја криеме сопствената личност, туку напротив, верата е симнување на сите маски и паравани, и откривање на охристовената убавина на нашата личност. А сето тоа е дело на нашите подвизи и благодатната помош од Бога, која ја добиваме преку подвижничко-литургискиот живот. Во Евангелието ги читаме овие застрашувачки зборови: „Бегајте од Мене проклети, никогаш не сум ве познавал!“ (Мат. 7,23; Мат. 25,41). Како може Господ да не нѐ познава, иако нѐ создал? Просто и едноставно: Затоа што сме си ја изгубиле личноста, па сме станале безлични суштества, камелеони кои постојано ја менуваат бојата според околината. Зошто ги нарекува проклети? Зарем Господ ги проколнува? Не, во вториот дел од реченицата Христос Господ ни покажува дека тие луѓе не ги познава, дека отпаднале од заедницата со Господ и со ближните, дека одлучиле да живеат индивидуалистички живот, далеку од Господ, а самата одвоеност од Господ нѐ лишува од благодатта Божја, нѐ лишува од Неговиот благослов, а каде нема благослов, таму има проклетство. Така што, самите си наметнуваме проклетство кога отпаѓаме од заедницата со Бог и со ближните, кога си ја губиме личноста, и затоа Господ не може да препознае во нас автентичен човек, создаден според Образот Божји.

Како да станеме личности?

Човек може да доаѓа со години во црква на Литургија, редовно да пости, да се моли, да прави подвизи, но никогаш да не си го отвори срцето, никогаш да не оствари заедница со било кого, и покрај неговите подвизи – пак да си остане празна индивидуа, заробена во својот егоизам. Невозможно е да бидеш христијанин, и да бидеш заробен во индивидуализмот и безличноста. Индивидуализмот раѓа површна религиозност, самозадоволство, води кон пеколот уште во овој живот. Надминувањето на индивидуализмот, отворањето на срцето кон Господ, кон ближните, нѐ води кон здрава духовна состојба, кон здрава заедница и кон рајот. Почетокот на рајот е овде, на земјата, од Литургијата на Црквата. И единствено во Црквата, со помош на Божјата благодат, т.е. Божествените енергии преку кои Бог комуницира со нас и преку кои ние Го познаваме, човекот има можност да се покае, да се поправи и да се врати во заедница со Бог и со ближните, и од индивидуа да стане личност. Само со учество во животот на Црквата, преку постот, секојдневните молитви, читањето на Евангелието, исповедта и покајанието, милостината, простувањето и Причестувањето со Телото и Крвта Христови ќе добиеме цврст идентитет и христијанска личност, која нема да се плаши и колеба од никаква закана. Но, потребно е на Господ да му пристапуваме со цело срце, со отворено и исчистено срце.

Во Црквата да се научиме да бидеме храбри, да се спротивставиме на светските текови и трендови, да не се плашиме ако некој нѐ нарече „глупави и забегани верници“, „црни овци“, поради нашиот поинаков живот и сфаќање, бидејќи подобро да бидеме „црни овци“, кои имаат личност, знаат кај тераат и каде одат, отколку да бидеме „безлични камелеони“, на кои модерните трендови и текови, на кои телевизијата и интернетот, како и безумните инфлуенсери им го насочуваат патот во пропаст. Одделени од заедницата со Бог и со ближните самите се осудуваме да бидеме проклети и непознати за Бог. „Времето е кратко и дните се лукави“ (Ефес. 5,16). 

Православна светлина бр. 76

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

error: Content is protected !!