Анонимни верници

Spread the love

Loading

Свештеник Јани Мулев

Оние кои не успеваат во тој развој од индивидуа кон личност, најчесто завршуваат како распарчени и површни индивидуи или како анонимци. Често се случува во црква да се јават луѓе на телефон и да се претставуваат како „анонимни верници“. Најчесто се декларираат како верници за полесно „да поминат“ кај свештеникот, да добијат некаква услуга. Но тоа „анонимни“ е збор кој создава многу дилеми. Со текот на годините, особено во минатиот век, кој беше век на многу војни, револуции, но и век во кој образованието назадуваше поради околностите, тоа влијаеше и на Црквата и православната теологија. Многумина ја изгубија верата во тој период, многумина се извалкаа со многу богохулства и клевети кон клирот, но откако настана мир започна и враќањето кон Црквата. Враќањето требаше да се случи преку покајание, преку промена на начинот на мислење/верување и живеење, а не преку маскирање. Како последица на тоа масовно враќање кон верата ни се случува еден невкусен тренд, секој сам да се прогласува за верник, и своите сфаќања и однесување да ги промовира како дел од верата. Со тоа што ќе дојдеме во храмот и ќе запалиме неколку свеќи сметаме дека сме ги израмниле сметките со Бог и дека тоа нѐ прави верници. Од ова произлезе презирањето на Литургијата која е суштина и идентитет на Црквата. Без учество во Литургијата на Црквата не постои православие, не постои личносен развој и напредок.

Човекот кој е верник, доаѓа редовно на Литургија, треба да си ги знае своите свештеници и тие да го знаат, да си има свој свештеник-духовник кај кого се исповеда редовно и со чии совети се труди да расте во верата и во блискоста со Бог. Како последица од ова сосема природно доаѓа сите верници кои доаѓаат во иста црква да се познаваат помеѓу себе и да бидат блиски, како еден вид семејство. Луѓе со иста вера, ист живот и кои се добронамерни кон другите од Црквата. При Крштението добиваме име, и при секое молитвословие, на пр. Венчавка, Опело, Спомен, се споменува крстеното име на човекот. Поимот анонимен буквално значи „безимен“. Пред Причестување секој си го кажува името, а најдобро е кога свештеникот сите верници ги знае по име. Оттука бесмислено е да има анонимни верници, оние кои свештеникот не ги познава и тие не го познаваат, па ниту името не му го знаат.

Православна светлина бр. 76

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

error: Content is protected !!