![]()
Роден е во Романија, но нема многу податоци за неговото детство и младост. Околу педесеттите години од XX век бил замонашен во манастирот Тисмана, но по некое време бил затворен од романските комунистички власти, кои во тоа време спроведувале разни репресии против Црквата и верниот народ.
Во 1964 бил ослободен од затвор. Кога сакал некаде да се вработи, луѓето се плашеле да го примат, плашејќи се од можните последици од страна на власта. Така нашол едно место како чувар во лозјето на епископот Олтениски Нестор. Владиката го примил, но под услов, никогаш да не носи монашка облека, за да не се дознае дека е монах. Отец Геронтиј остатокот од животот го поминал како патник и поклоник – посетувал разни манастири и храмови, а побожните луѓе го примале во своите домови. Меѓутоа, никаде не се задржувал долго.
Блажениот Геронтиј бил почитуван меѓу луѓето поради својата детска простота, чист живот, праведност и молитвеност. Народот му давал разни имиња, како: „Благочестив“, „Достопочитуван“, „Преподобен“. Оние кои му се обраќале, знаеле дека неговата молитва има сила, дека е прозорлив и дека ќе им помогне во различни животни тешкотии.

Во текот на богослужбите често се молел со кренати раце кон Бога. Понекогаш разговарал со светите или со ангелите, или ги прекорувал демоните кои им пречеле на луѓето во молитвата – имал дар од Бога да ги гледа. Сепак, имало и такви, кои не го разбирале неговото однесување и мислеле дека е луд. Но благочестивиот Геронтиј бил „луд заради Христа“ (јуродив).
Сведоците велат дека не спиел ноќе, туку постојано се молел, најчесто со свои зборови – тоа всушност било негов разговор со Христа, со Пресвета Богородица и со светителите.
Епископот Игнатиј Хушки вели за молитвата на блажениот Геронтиј: „Преподобниот Геронтиј имаше дар на молитва за сите, особено за оние кои го мачеле за време на комунизмот. Вака се молел:
,Спомни ги, Господи, терористите, комунистите, безбожниците и незнабошците!‘
Безброј пати имав можност да ги чујам неговите молитви, и тие беа совршени – или, како што вели отец Софрониј, ,молитви за цел свет‘“.
Архимандритот Самуил од Клуж-Напока се сеќава на старецот Геронтиј: „Неговите лични молитви беа посебни. Сакам да издвојам една која ми е посебно драга и, по мое мислење, ја изразува сета длабочина на неговиот духовен живот: ,Погледни, Господи, ако сум на некој лош пат, упати ме, Господи, кон патот на вечноста!‘

Се одликуваше со строга аскеза. Во текот на Великиот пост не јадеше ништо цел ден, а навечер, кога би сакал да јаде, би барал храна без масло. Во одредени ситуации, кога некој би бил во искушение, би го советувал да јаде без масло – тоа биле негови лични совети, за да може човекот да го надмине искушението. Од друга страна, ме изненадуваше леснотијата со која, после строгиот пост, преминуваше на употребата на слатки работи – во првите денови после постот можеше да јаде сѐ, без било какви тегоби“.
Братот Геронтиј имаше многу добро духовно чувство за внатрешната состојба на луѓето кои ги сретнуваше. Обрнуваше внимание на децата и младите кои сакаа да зборуваат со него. Зборуваше со нив сериозно, како со возрасни.
Понекогаш учениците богослови, од љубопитност, сакаа да проверат дали навистина е прозорлив. Еден богослов му раскажал дека го одбранил матурскиот испит, па сакале да видат дали блажениот знае каква оцена добил тој. Отец Геронтиј точно ја кажал оцената која ја добил студентот. „Три пати ја слушав неговата исповед“ – сведочи архимандритот Самуил –„имаме многу нешта да научиме од него. Не сакаше да ги шепоти своите гревови – неговата исповед се слушаше на десет метри“.
Отец Дорин Опреш се сеќава како во август 2008 година заедно со блажениот Геронтиј оделе на поклоничко патување во Италија.
Во галеријата Уфици (Uffizi) во Фиренца, еден од најпознатите музеи на светот, во салите посветени на икони и верска уметност, Геронтиј ги замолил сите кои биле со него заедно да се помолат. Сакаше да им покаже на посетителите, особено на Азијатите, дека иконите за христијаните не се само уметнички дела – туку светињи на кои им се поклонуваме и пред кои се молиме, дури и ако се наоѓаат во музеј.
Блажениот Геронтиј сакаше да престојува во манастирот Палтин Петру-Вода. Таму често разговарал со сестрите од манастирот и духовникот, архимандрит Јустин Парву, кому во една прилика му претскажал дека наскоро ќе замине кај Господ.
Една година пред смртта на отец Јустин, преподобниот Геронтиј често во манастирот ги пеел стиховите:
„Од планини до долини – само песни на жалоста“.
Најјасното претскажување било во април 2013, три месеци пред смртта на отец Јустин. Тогаш Геронтиј, касно навечер, дошол кај отец Јустин кој бил тешко болен, откако си ја скршил ногата и веќе покажувал знаци на телесна слабост.
Откако три пати братски се целивале, блажениот клекнал и, кревајќи ги рацете кон небото, му рекол дека се приближува смртта. Присутните монахињи се исплашиле, но отец Јустин мирно рекол: „Да, се приближува, но бавно – со рачна количка“.
Меѓутоа, Геронтиј му рекол: „Не, отче, се приближува со брзина…“
Потоа почнал да се моли и да ги слави небесата.
Таа ноќ не спиел. Во собата во близина на ќелијата на отец Јустин се собрале монахињите и луѓето кои го познавале блажениот. Сите, со рацете подигнати кон небото и со солзи во очите, го молеле Бога:
„Господи, Те молиме, дај му уште три години за живеење, а не три месеци! Не три месеци, Господи, туку три години! Господи, земи од мене три години и додај му ги на отец Јустин!“
Сепак, точно три месеци подоцна, како што претскажал блажениот, отец Јустин заминал кај Господ – во вечноста и радоста на радостите.
Лекторот од Букурешкиот универзитет, д-р Јоан Михаил Дан, се сеќава на блажениот Геронтиј кога овој престојувал во манастирот Палтин Петру-Вода: „Видов како достопочитуваниот Геронтиј исцели едно момче од некоја внатрешна болест, давајќи му да се препаша со неговиот појас. Се разбира, сето тоа се случи на нему својствен начин – кога го извади појасот од пантолоните, тие му паднаа на земја. Сето тоа се случи во текот на опелото на отец Јустин“.
Еднаш на една монахиња ѝ го дал својот искинат капут, бидејќи му дала да јаде.
„Што да правам со овој капут, отче Геронтиј?“ – го прашала.
„Со него ќе гасиш пожар“ – ѝ одговорил.
Истата година, во текот на летото, се запалила сувата трева која била распослана низ манастирскиот двор за да се суши. Монахињата, не сакала да го користи ќебето од креветот, па влегла во својата ќелија барајќи нешто со што би можела да го изгаси пожарот. Го здогледала оној стар, искинат капут што ѝ го дал Геронтиј – го зела и навистина со него го изгасила пожарот.
Приближувајќи се кон своето заминување кај Господ, благочестивиот Геронтиј пребивал во Светата земја заедно со група романски поклоници. Тогаш им рекол дека следниот ден ќе се упокои. Ги прашал оние кои се подвизуваат во романската заедница во Ерихон: „Имате ли храброст да ми ископате гроб?“
Никој не му верувал, знаејќи дека е јуродив и дека понекогаш кажува работи кои не може да се разберат буквално.
Меѓутоа, утрото на 13 октомври 2018 година, го нашле во собата веќе упокоен – со отворени очи.
Бидејќи Евреите не дозволиле да биде погребан во Ерусалим, неговото тело е пренесено во Романија. На 21 октомври бил погребан во манастирот Тисмана, покрај олтарот на соборниот храм.
Неговото тело, во текот на осум дена пред погребот, останало топло и меко, како да спие, а од него се ширел пријатен мирис, слично на благоуханието кое се шири од светите мошти.
Молитвите и благословот на благочестивиот Геронтиј да бидат со сите нас. Амин.
Превод: Свештеник Јани Мулев