Најголемата ѓаволска лага

Spread the love

Loading

Свештеник Јани Мулев

Кога ќе слушнеме некој да зборува за ѓаволот, за ѓаволи, веднаш ни доаѓа во умот асоцијација на ликовите од Македонските народни приказни и добиваме некоја комична претстава во умот за овој термин и реалност.

Во Светото Писмо често го сретнуваме поимот Сатана, кој потекнува од еврејскиот јазик и означува непријател, противник, т.е. противник на Бога и на човекот. Преведувачите од еврејски на грчки некаде го оставиле еврејскиот збор сатана, а некаде го превеле како диаволос, т.е. ѓавол, што на грчки значи клеветник – оној кој шири клевети за Бога, и го клевети човекот пред Бога. Често се среќава и поимот демон, кој има исто значење. Префиксот диа го преведуваме како раз/рас, и често овој префикс се среќава во многу наши термини, како: раскол, развод, распад, разрушување, растројство – и во сите овие се крие по некој ѓавол кој ги предизвикува или нас нѐ поттикнува.

Ѓаволот е од Бога создаден како светол ангел, самото име Луцифер означува ангел на светлината, светлоносец, но откако отпаднал со себе повлекол една третина од ангелите, и од светли битија, ја изгубиле блискоста со Бог, се оддалечиле од светлината Божја и станале мрачни и темни битија – демони. Останале и понатаму духовни, со големо знаење за светот и човекот, со вера во Бог, но со голема гордост и злоба, со завист кон човекот, затоа што човекот има можност за спасение, за блискост со Бога, а тие веќе не. Затоа постојано секој човек трпи демонски напади, суптилни, преку помислите. Ѓаволот нема да нѐ натера да не веруваме во Бог, туку најголем успех за него е ако нѐ убеди да поверуваме дека не постои ѓавол. Ако паднеме во таа замка, веќе сме ја изгубиле битката со него. Штом не постои ѓавол, тогаш секоја помисла која ќе ни дојде во умот ќе ја сметаме за своја, секое искушение ѓаволско ќе го доживуваме дека е од нашата природа, и лесно ќе застраниме и ќе го изгубиме патот кон Бог.

Ѓаволот нема власт да нѐ принуди нешто да направиме, но може да нѐ залаже, да ни шепоти и да ни сугерира помисли во умот, и ако ние почнеме разговор со помислите, веќе сме паднале со една нога во гревот. Ние му даваме власт на ѓаволот да влезе во нас и во нашиот живот тогаш кога сме далеку од Бог, далеку од Црквата, а за сметка на тоа, одиме кај бајачи и гатачи, веруваме во соништа, хороскопи, гледаме на карти, не ги исповедаме гревовите, туку си ги носиме на душа како ништо лошо да не сме сториле, и со тоа му ги отвораме вратите од срцето на ѓаволот да влезе во нас. Свети Антониј Велики видел огромни мрежи ѓаволски распослани врз сите луѓе, и во ужас го прашал Бога: Кој ќе се спаси покрај толку ѓаволски мрежи? И тогаш добил одговор: Оној кој има смирение, т.е. понизност, оној кој е свесен за својата ништожност, оној кој му благодари на Бога за сѐ и се смета за последен на светов.

Не е наша работа да се бориме со ѓаволот, бидејќи тој постои од почетокот на светот и има големо искуство, туку наше е да го исполниме нашиот живот со присуството на Христос. Кога влегуваме во темна соба не ја протеруваме темнината, туку ја палиме светилката и темнината исчезнува со појавата на светлината. Така да правиме и во духовниот живот. Како ќе биде Христос присутен во нашиот живот? Со тоа што ќе почнеме од најмалите работи: постот во среда и петок и во четирите пости; секојдневните молитви дома; со читање на Евангелието секој ден; со нашето искрено и темелно исповедање на гревовите; со простувањето на туѓите гревови и грешки кон нас; со милостината и најбитното – преку причестување со Телото и Крвта на нашиот Господ Христос на Литургија. Ако ова го запазуваме, да бидеме сигурни дека власта на ѓаволот ќе биде крајно ограничена над нас. Да бидеме со Бог секогаш, а непријателите Негови и наши самите ќе отпаднат. Амин.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

error: Content is protected !!