![]()
Свештеник Јани Мулев
Црквата како Литургија и Тело Христово нѐ соединува сите нас со Христос, но и еден со друг, преку причестувањето со Телото и Крвта Христови на Литургија. Лебот со кој ја служиме Литургијата е составен од брашно, квасец и вода. За да добиеме брашно треба да се соберат и сомелат многу зрна пченица, и потоа од тоа брашно да се замеси леб, па сите кои ќе се причестуваат со тој осветен и веќе Небесен Леб – Христос, повторно ќе станат едно тело. Многуте зрна сомелени прават еден леб, и од тој леб причестувајќи се ние многуте стануваме едно Тело. Како што квасецот го зафаќа целото тесто, го скиснува и го прави да расте, така и Светиот Дух ја оживотворува Црквата и ја прави да расте и да се развива. Но не автоматски, туку со нашата соработка, со нашата добра волја и подвижнички живот.

Доколку имаме здрава вера, здрави духовни ориентири, тогаш нашата вера и живот ќе тежнеат кон единство со Господ, но и единство со ближните, со сите христијани. А тоа единство не е теоретско, или некаква идеологија, туку тоа е практично доживување и живеење во Црквата. Невозможно е да се причестуваме, а да не комуницираме со луѓето кои исто така се причестуваат од истиот Путир, со истиот Христос. Колку сме поблиски со Христос, толку ќе бидеме поблиски и со другите верници. Колку сме поискрени и поотворени со Христос, толку ќе бидеме искрени и отворени со блиските. Односот кон Христос ни го одредува односот кон ближните, а од односот кон ближните се гледа какви сме со Христос. Поделеноста на верниците на „Петров, Павлов, Аполосов“ само ни покажува дека не ни е Христос на прво место. А ако верниците кои доаѓаат секоја недела се поделени помеѓу себе, какви да бидат оние кои не ѝ припаѓаат на Црквата? Поделеноста и неединството на народот покажува дека немаме вера и немаме ништо со Господ, ни со неговата света Црква.
Православна светлина бр. 75