Страста на осудување, непријателство, фанатизам и неподносливост

Spread the love

Loading

Дмитриј Семеник

Страста на осудување често ја забележуваме кај другите црковни луѓе. Тоа се прочуените бабички, кои им ш`шкаат на оние кои не се однесуваат „по правилата“, оние кои гневно ги критикуваат на блоговите и форумите другите црковни активисти и едноставно сите познати црковни дејци. Тоа се таканаречените фанатици, кои ја воплотуваат својата омраза кон човештвото во тоа, што си наоѓаат многу непријатели помеѓу атеистите или претставниците на другите религии. Општо, тоа се оние луѓе со кои е тешко, конфликтни луѓе, некомуникативни, саркастични.

Ако ние водиме активен духовен живот, тогаш многумина од нас ја откриваат оваа страст во себе. Нам многу нешта не ни се допаѓаат кај другите луѓе. Нам ни недостасува самата таа комуникативност. И гледаме дека ни недостасува љубов. Постојано се укоруваме себеси за тој недостаток од љубов, но, и покрај активниот и правилен духовен живот, процесот на борба со осудувањето се одвива бавно, ако и воопшто се помрднува.

Борбата со страста на осудување во науката разработена од Црквата, има такви моменти, кои им се познати на малкумина. Авторот на оваа брошура од детството тешко страдаше од таа страст, и, без оглед на запознавањето со делата на практично сите најпознати во светот свети отци, мојата борба со осудувањето беше практично без успех. Да, како што учат светите отци, јас се трудев да се молам за оние кои ги осудував, но се молев: „Господи, помилуј го!“, јас јасно чувствував како оваа лукава страст ѝ придава на мојата молитва потполно непожелен, нездрав подтекст: „Господи, прости му на заблудениот“, „Господи, прости му на овој никаквец! Само погледни, што прави!“

Како што знаеме, молитвата треба да биде насочена строго против оваа страст, со која ние се бориме. На пример, кога се бориме со унинието, молитвата „Слава на Бога за сè!“ насочена против унинието и роптањето, и затоа дејствува беспрекорно. Но што се однесува до осудувањето, молитвата „Господи, помилуј го!“ во моето толкување беше практично бесполезна, затоа што мене лесно ми беше да ја искомбинирам со осудувањето на човекот.

Така се мачев сè дотогаш, додека почитуваниот свештеник, протоерејот Николај Кречетов, не ме советуваше каква молитва да користам против таа страст: „Господи, благослови го!“ И ете тука тргна напред борбата со осудувањето, затоа што оваа молитва на демоните им беше тешко да ја спојат со осудувањето на човекот. Овде ништо не говориме за претпоставената вина на човекот пред Бога, за која треба да му простиме, туку само го повикуваме врз човекот Божјиот благослов, што е широко примено да се прави за добри дела, а не за лоши.

Често препорачуваат против осудувањето да се користи молитвата „Господи Исусе Христе, Сине Божји, вразуми го, спаси и сочувај Твоето чедо (името) и по неговите свети молитви помилуј ме и мене грешниот!“ Да, таа молитва исто така е неспоива со осудувањето. Но, за жал, среде луѓето околу нас нема многу такви молитвеници.

И без оглед на успешниот опит од борбата со осудувањето со помош на молитвата „Господи, благослови го“, и напомнувањето на своите гревови, јас сметам дека тие знаења од областа на психологијата, кои сакам да ги споделам, може да ја направат таа борба уште поуспешна, благодарение на длабокото сфаќање на тој механизам, кој учествува во формирањето на нашата страст на осудување.

Во психологијата има таков термин „прифаќање“. Едноставно говорејќи, тоа значи, дека човекот прифаќа нешто без негативност, не чувствувајќи кон тоа лоши чувства. Нашето неприфаќање на другите луѓе многу личи на нивно осудување. Ние поради некакви свои внатрешни причини не го прифаќаме човекот, а неприфаќањето бара некаква поткрепа, и нам ни се чини полесно да ја објасниме својата злоба не со нашите внатрешни причини, туку со нешто лошо. Т.е. тоа што ние го гледаме во другиот човек, и што демоните со задоволство ни помагаат да го видиме. Затоа надминувањето на неприфаќањето во многу, а можеби и во сите случаи, означува надминување на осудувањето.

Во термините на психологијата механизмот на недоволно прифаќање на луѓето може да се опише во две констатации.

Прво: нашето неприфаќање на другите луѓе во својата основа е условено од нашето неприфаќање на самите себе.

Второ: нашето неприфаќање на себеси е условено од тоа, што во детството ние не сме добиле доволно прифаќање, доволна љубов од родителите.

Ајде да ги разгледаме тие тврдења повнимателно и да оцениме, како тие може да бидат искористени од православниот човек за полза на својата душа.

(продолжува…)

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

error: Content is protected !!