Најголема лекција од пропуштено предавање

Spread the love

Loading

Александар Новиков

Јас верував во Бога уште од рано детство благодарение на баба ми. Таа живееше во нашата куќа и секогаш беше пример за неверојатна упорност, стабилност и цврстина на верата. До самата смрт таа секогаш се молеше наутро и навечер, пред и по јадење; додека не ослепе го читаше Евангелието, ги запазуваше сите пости. Јас никогаш не видов ситуација, во која таа правеше компромис со своите убедувања. „Јас не сум советска граѓанка, туку православна христијанка“. Така велеше таа, одговарајќи на прашањата, зошто таа, на пример, го игнорира празнувањето на Новата година. А таа живееше по стариот календар, не сакаше да има и немаше никакви допирни точки со безбожната власт, никогаш не доби пензија од неа и живееше со нас во Москва без документи и пасош од нов тип…

Нејзиниот личен пример во животот беше најсилен аргумент, кој приведува кон безусловна вера, која е лишена од сомнежи и не провоцира многу прашања кон себе и кон христијанството. Кога почнаа да ми се раѓаат прашања, не наоѓав одговори како и литература која би можела некако да ми помогне. Невозможно беше да разговарам со баба ми за тие прашања и сомнежи.

По враќањето од армијата, кога имав 20 години, ја видов книгата од протоерејот Александар Мењ „Синот Човечки“. По една година, во 1989, почнав редовно да ја посетувам Библиотеката за странска литература, и за среќа, видов соопштение за циклус предавања за христијанството од протоерејот Александар Мењ. Денес ми се чини дека јас не пропуштив ниту едно предавање од првиот циклус. После обврските во институтот пешки одев на предавањата, без да имам можно да јадам барем нешто и чувството на глад ми беше редовен сопатник на тие предавања. Салата беше секогаш преполна. Јас првпат видов толкав собир од православни луѓе, чиј што изглед беше сосема различен од бабичките на кои бев навикнат да ги гледам во црквите.  

Присуството на тие предавања за мене беше поважно отколку тоа што го слушав таму. По предавањата отец Александар одговараше на прашањата од ливчињата кои му ги даваа. Тоа беа одговори лично од Александар Мењ, како жив христијанин кој размислува и верува, свештеник, а не човек кој располага со готови одговори и цитати. Но ете, јас не можам да се сетам и да повторам ништо од она што го слушав. Во мене остана сочуван само ликот на овој убав човек во мантија и сеќавањето за завршената можност да се води дискусија на руски јазик за Христос, за верата и Црквата. Тоа беше првото и најважно искуство од средбата со човекот кој имаше длабока вера и рационално знаење, со проповедникот, кој беше способен да зборува со голем аудиториум на јазик кој им е разбирлив.

Но, најглавното предавање, кое го измени мојот живот беше не едно од тие, што ги имав слушано, туку она предавање кое го пропуштив. Во септември 1990 година почна новиот циклус предавања. Во соопштението беше укажано дека во петок на 7 септември ќе има воведно предавање. Бев среќен за продолжувањето на првите средби, но… јас имав обврски околу учењето или работата и решив дека може да го пропуштам воведното предавање. Никогаш не успеав да се сетам што ми беше толку важно и „неодложно“ во тој петок. Тој ден ми исчезна во небитие. Мојата намера да отидам на предавање следната недела не можеше да се оствари. Во неделата, на 9 септември 1990 година отец Александар беше убиен со секира.

Бев на погребот и се измачував од тага и чувство на вина поради тоа што имав можност да го видам уште еднаш жив, но јас ја пропуштив таа прилика. Можев нешто да направам, но не го направив.

После овој настан си воведов правило, кое го следам според моите сили веќе 25 години. Ако пред мене стои изборот, да се сретнам со човек кој ми е близок, или да продолжам кон важните работи, јас ја избирам средбата. Предавањето на отец Александар Мењ, на кое јас не отидов, за мене стана прв трагичен опит за сфаќањето, дека секој пат – тоа е последен пат.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!