Психолог Елефтериос Елефтеријадис
Зборовите „така сакал Бог“ навистина не ги разбирам. Не дека не знае Бог или дека не се вклучуваат во неговиот спасителен план. Како ја отвораш устата, бре човеку, и изустуваш така, „како по суво“, такви муабети?
Еднаш го слушнав отец Филотеј Фарос како вели дека една од нашите најголеми грешки е фактот што мислиме дека знаеме што сака Бог. И изигруваме бесрамно, без никаква задршка, исклучителни Негови претставници.
Забораваме дека Бог е „здив од тивок ветрец“ (3.Цар. 19,12). Забораваме дека Светиот Дух не прашува, туку дише каде што сака.

Болката е тајна. И како тајна човекот треба да ѝ пристапува секогаш со почит.
Се сеќавам кога бев малечок, едно лето во Аспровалта, на одмор, еден брачен пар седеше до нас. Пандели и Лукија. Имаа околу шеесет години и обајцата, професори, луѓе со мил однос кон сите. Се сеќавам дека мажот, многу често нѐ собираше нас децата и игравме фудбал. Сите деца го сакаа господинот Пандели.
Овој пар имаше три деца. Сите три беа големи. Но, едното од нив, Марија, имаше парализа уште од раѓање и беше прикована за едно креветче. Имаа извадено на терасата едно помошно креветче и таму го минеше цело лето. Секоја вечер татко ѝ ја земаше во прегратки и ја внесуваше дома, и секое утро, пак на раце ја вадеше надвор и ја ставаше нежно во креветчето на терасата.
Се сеќавам на љубовта со која се грижеше мајка ѝ. Го паметам господинот Пандели како со часови ѝ ја галеше косата.
Еден ден мајка ми и госпоѓата Лукија си разговараа. А јас, како љубопитно дете, наслушнував што зборуваат…
„Дојдоа еден ден некои госпоѓи, со зорт, на гости, моја Елени. Некои госпоѓи „од црквата“. Ниту се дружиме, ниту ништо. Едноставно ми рекоа: Ќе дојдеме на кафе. Дојдоа, седнаа, да не ти раскажувам ситници, и во еден миг, една од нив ми се сврте и ми рече: Да се радуваш, Лукија. Да се радуваш, бидејќи имаш еден ангел во својот дом…
Елени, не можам да ти опишам колку се разгневив. Ги стиснав забите, ја стиснав тупаницата за да не проговорам.
За да не ја отворам устата и да не им посакам и ним да си дочекаат еден таков ангел во нивните домови…“
Мајка ми не проговори. Се засрами. Ја наведна главата. И јас, иако не разбирав многу што се случува, добив една здрава лекција.
Научив уште од мал дека потребно е големо расудување во тоа, како пристапуваме кон човечката болка.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев
Православна светлина бр. 74